КОЈ ГО ОТРУ ИМПЕРАТОРОТ ТЕОДОСИЈ? Истражете го Стоби преку апликацијата „Immersium“

Апликацијата ве става во улога на посетител на градот, ќе имате можност преку интерактивен водич (кратки игри, квизови, реконструкции) на вашиот мобилен телефон да искусите дел од секојдневието на стобјани од крајот на 4 век од н.е. (поточно во 388 година од н.е.), што претставува и единствена досега потврдена посета на римски император во Стоби, рече Николовски кој е археолог документатор во НУ Стоби.

665

Спасувајќи го императорот Теодосиј (Saving Emperor Theodosius) е приказна со која посетителите на Стоби, со помош на новата мобилна апликација Immersium, ќе имаат можност на интерактивен начин да „влезат“ во римското доба.

Денеска во Театарот на археолошкиот локалитет Стоби беше промовирана новата мобилна апликација за презентација на содржини на овој некогашен римски град.






Апликацијата е продукт на двогодишен проект (Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans), кој е плод на соработка помеѓу седум институции од пет балкански земји: Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско (Северна Македонија), Центар за социјални иновации Блинк 42-21 (Скопје, Северна Македонија), Универзитет Аристотел (Солун, Грција), Фондацијата Балканско наследство (Софија, Бугарија), Археолошки институт за археологија (Белград, Србија), Градски музеј Љубљана (Љубљана, Словенија) и Nexto (Словенија). Проектот е финансиран од Европската комисија.

– Кога прв пат дојдовме тука и кога разговаравме за можноста на кој начин може да се користи технологијата во презентацијата на културното наследство, искрено не знаев ништо за Стоби. Не знаев дека тука се организирале гладијаторски борби и борби со животни, не го знаев капацитетот на театарот, дека библиотеката е една од најголемите и најубавите во тоа време… На ваквите локалитети често сме импресионирани од градбите, но не ги знаеме приказните на луѓето кои живееле во нив. Апликацијата „Immersium“ ја има токму таа примена, да ја раскаже приказната и да ги води посетителите низ некои интерактиви случувања во локалитетот. Мене ми е исклучиво драго што после две години работа оваа апликација конечно стартува – рече Милан Танчески од Блинк 42-21.

Во првата година (2021) од реализацијата на проектот биле организирани три работни конференции во Скопје, Солун и во Љубљана, каде што биле презентирани капацитетите на три римски локалитети (Емона, Словенија; Виминациум, Србија и Стоби, Северна Македонија). На овие работни конференции учествувале и експерти од полето на дигиталната презентација на културното наследство, кои презентирале современи начини на приближување на културното наследство до пошироката публика, со главен фокус на задржување на вниманието на помладата популација. Како продукт првично бил изработен модел според чии параметри можат да се изработуваат нови решенија за презентација на културното наследство на различни локалитети. Исто така, од овие работилници произлегло и решението за презентација кое потоа прераснало во мобилната апликација, наречена Immersium, која дозволува константна изработка на нови содржини за посетителите на археолошките локалитети.

Во втората година (2022) на трите археолошки локалитети биле организирани работилници со професионалци и со студенти од балканските земји и од Европа (на работилницата во Стоби присуствувале учесници од Грција, Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија и од Норвешка), кои имале за цел прво да се запознаат со содржините на самите локалитети, а потоа и тестирање на веќе изработената апликација и нејзино подобрување и унапредување.

Исто така, на овие работилници учествувале експерти со искуство во полето на дигиталната презентација на културното наследство од Грција (Tetragon) и од Словенија (Art Rebel 9).

Проект менаџерот Димитар Николовски накратко објасни дека апликацијата „Immersium“ е интерактивна дигитална алатка која овозможува уникатно културолошкo искуство низ истражување, едукација и забава на археолошкиот локалитет.

– Апликацијата ве става во улога на посетител на градот, каде што преку запознавање со активностите кои се случуваат во градбите кои се опфатени во водичот, односно во седум различни градби. Значи, поминувате покрај порта Хераклеа, покрај полукружниот плоштад, театарот, казиното, Теодосијанската палата и Виасакра, како и враќањето назад, кое ќе ве однесе пак на почетокот – објасни Николовски за време на денешната промоција на апликацијата во Стоби.

За време на активностите кои се содржани во играта, посетителот може да се запознае со тоа што се случувало во овој локалитет.

– После 2 години макотрпна работа, навистина го дадовме нашиот максимум оваа апликација денес да изгледа вака. Апликацијата ве става во улога на посетител на градот, ќе имате можност преку интерактивен водич (кратки игри, квизови, реконструкции) на вашиот мобилен телефон да искусите дел од секојдневието на стобјани од крајот на 4 век од н.е. (поточно во 388 година од н.е.). Присуството на императорот Теодосиј во апликацијата е поради тоа што неговото доаѓање во Стоби е единствена досега потврдена посета на римски император на овој локалитет во тоа време – рече Николовски, кој е археолог документатор во НУ Стоби.

Николовски објасни дека во текот на активностите кои се содржани во апликацијата, посетителот ќе може да се запознае со тоа што се случува на секое од седумте места на локалитетот. Посетителот ќе има можност да искуси дека во полукружниот плоштад всушност имало пазар, каде што се продавале продукти. Ќе се сретне со трговец кој ќе му постави неколку прашања, потоа ќе продолжи со квиз и на секоја следна градба ќе му се појави лик кој е поврзан со неа и ќе му објасни за нејзината функција. Исто така, ликот ќе му постави загатка со која сака да го наведе посетителот да открие кој всушност се обидува да го отруе императорот Теодосиј.

Искуството или можноста за дознавање на овие работи не трае повеќе од 45 минути, а до крајот на годината се планира верзија на апликацијата за деца до 13 години. Актуелната апликација е за лица над 13 години.

Апликацијата е бесплатна и достапна за сите телефони кои користат ИОС или Андроид оперативен систем и ќе може да ја користи секој посетител на локалитетот. Од 22 до 25 ноември влезот во локалитетот Стоби е слободен за сите заинтересирани и активностите ќе се одвиваат од 8 до 15 часот.

Поврзани содржини