КОЈ ЌЕ ГО ЗАМЕНИ БАЈДЕН? Ова се имињата што се во игра за демократски кандидат за претседател
Прва на листата е актуелната потпретседателка Камала Харис. Таа е популарна во партијата и е најголема фаворитка да влезе на местото на Бајден во претседателската трка.
Џо Бајден се откажа од трката за уште еден мандат на чело на САД. А веднаш по соопштението од американскиот претседател дека се повлекува од трката за нов мандат во Белата куќа, се отвори прашањето – кој би можел да го замени?
И покрај притисокот од сопствените редови, Бајден со недели инсистираше да остане во трката, но по прес-конференцијата на која потпретседателката Камала Харис ја нарече Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски – Владимир Путин, беше јасно дека пред Бајден и демократите се интензивни денови.
Кој би можел сега да скокне во трката наместо Бајден?
Американската потпретседателка Камала Харис
Прва на листата секако е актуелната потпретседателка Камала Харис. Таа е популарна во партијата и е најочигледен кандидат. Како негова заменичка, таа стана заштитно лице на кампањата за заштита на репродуктивните права, откако Врховниот суд ја укина пресудата Роу против Вејд, пренесува Би-Би-Си.
И покрај континуираните гафови на Бајден, Харис остана негов верен сојузник. Според анкетите, доколку стане претседателски кандидат, 51% од Американците не ја поддржуваат, додека 37% ја поддржуваат.
Гувернерот на Мичиген, Гретчен Витмер
Таа е сè попопуларна демократка од Мичиген, која двапати беше избрана на позицијата гувернер. Експертите шпекулираат дека таа сигурно ќе се кандидира за претседател во 2028 година.
Во Мичиген, таа донесе голем број прогресивни политики, вклучително и заштита на правата за абортус и усвојување мерки за безбедност на оружјето.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусон
Гевин Њусон е еден од најжестоките поддржувачи на Џо Бајден. Многу експерти го гледаат, заедно со Витмер, како можен кандидат во 2028 година.
Во последниве години, тој ја подигна својата популарност со тоа што беше гласот на Демократската партија во конзервативните медиуми.
По катастрофалниот настап на Бајден на дебатата во јуни, тој ги избегна медиумските прашања дали ќе го замени.
Американскиот секретар за транспорт Пит Бутиџиг
Станува збор за демократ кој се кандидирал за претседател во 2020 година.
Тој често се смета за еден од најдобрите комуникатори во администрацијата на Бајден.
Како министер за транспорт, тој помогна да се надгледува одговорот на владата за излетувањето на возот од шините во Охајо и уривањето на мостот во Балтимор.
Гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро
Џош Шапиро доби високи оценки во серија анкети за неговото управување со Пенсилванија откако беше избран за гувернер во 2022 година.
Во својата политичка кариера Шапиро беше и државен обвинител, а на насловните страници стигна откако брзо го обнови урнатиот мост на еден од клучните автопати во Филаделфија.
Гувернерот на Илиноис, Ј.Б. Прицкер
Ова е уште еден гувернер кој јавно го бранеше Џо Бајден. Тој е милијардер и наследник на ланецот хотели Хајат.
По дебатата во јуни, тој го нарече Трамп „лажго и криминалец кој се грижи само за себе“.
Прицкер како и Витмер е прогресивен во однос на правата за абортус и контрола на оружјето.
Други можни кандидати
Меѓу другите кандидати кои би можеле да влезат во претседателската трка како демократски кандидат се споменуваат гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар, гувернерот на Мериленд, Вес Мур и сенаторите Ејми Клобучар, Кори Букер и Рафаел Ворнок.