КОЈ ДВАЈЦА, КОЈ ТРОЈЦА, КОЈ ЕДЕН… Европските сојузници на Данска почнаа да испраќаат војници на Гренланд
Франција засега има испратено 15, а Германија 13 војници. Данска досега држеше 150 војници на островот. Ќе биде ли ова доволно да се исплаши Трамп?
Европските сојузници на Данска почнаа да испраќаат мали, но симболички значајни воени засилувања на Гренланд, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја отвори темата за „преземање“ на островот и јавно не ја исклучи можноста за употреба на сила.
Според достапните официјални информации, Финска испрати 2 воени офицери за врска, Норвешка 2 припадници, а Велика Британија 1 офицер, како дел од заедничко извидничко и координациско присуство. Станува збор за мали тимови, чија задача е да ја подготват теренската рамка за евентуални идни активности, вежби и засилено НАТО-присуство во Арктикот.
Покрај нив, Германија распореди 13 припадници во извидничка мисија, Шведска испрати 3 офицери, а Холандија 1 морнарички офицер.
Овие бројки, иако скромни, покажуваат дека повеќе европски земји сакаат формално да бидат „на терен“, наместо поддршката да остане само на дипломатско ниво.
Франција оди чекор подалеку, со распоредување на околу 15 специјализирани планински војници, при што Париз најави дека присуството може дополнително да се зајакне со копнени, воздушни и поморски капацитети.
Данска, како суверен надворешнополитички актер за Гренланд, соопшти дека го зголемува военото присуство, но не објави прецизна бројка колку дополнителни војници се испратени веднаш. Познато е дека Копенхаген и досега имал околу 150 воени и цивилни лица на островот, во рамки на Заедничката арктичка команда, што претставува основа врз која сега се надградува одбранбениот капацитет.
Бекграундот на кризата е директно поврзан со реториката на Доналд Трамп, кој во последните недели повторно тврдеше дека Гренланд е од „критично значење“ за американската национална безбедност и дека Данска не е способна сама да го заштити. Во неколку настапи тој не ја исклучи можноста за сила, што во Европа беше протолкувано како директна закана кон данската автономна територија.