КИНА ЈА ЗАТВОРА СЛАВИНАТА ЗА ГОРИВО Најголемите рафинерии го запираат извозот на дизел и на бензин
Кина, која е најголем увозник на нафта во светот, се обидува да го заштити домашниот пазар од можни недостатоци на гориво.
Пекинг им нареди на најголемите кинески рафинерии на нафта да го запрат извозот на бензин и дизел. Овој потег веднаш предизвика загриженост на глобалните енергетски пазари и отвори прашања за идниот тек на цените на горивата.
Одлуката е донесена во момент кога конфликтите на Блискиот Исток ја нарушуваат испораката на сурова нафта и создаваат страв од недостиг на енергенси во Азија.
Според информации од енергетски и трговски извори, кинеските власти им наложиле на компаниите да престанат да склучуваат нови договори за извоз и да се обидат да ги откажат веќе договорените испораки. Исклучоци има само за некои специфични категории, како гориво за меѓународни летови или испораки за Хонгконг и за Макао.
Азиските рафинерии на мака
Клучната причина за оваа мерка е наглото заострување на енергетската ситуација во светот. Конфликтот во Персискиот Залив, кој ја наруши пловидбата низ Ормутскиот теснец – една од најважните артерии за светската трговија со нафта – создаде сериозни проблеми во снабдувањето со сурова нафта за азиските рафинерии.
Кина, која е најголем увозник на нафта во светот, се обидува да го заштити домашниот пазар од можни недостатоци на гориво. Иако земјата располага со значителни стратешки резерви и голем рафинериски капацитет, властите процениле дека е подобро привремено да се задржи производството за домашна употреба.
Потреси на регионалните пазари
Овој потег има потенцијал да предизвика силни потреси на регионалните пазари на горива. Кина е еден од трите најголеми извозници на рафинирани нафтени производи во Азија, заедно со Сингапур и Јужна Кореја, па секое ограничување на извозот веднаш ја намалува понудата во регионот.
Пазарите веќе реагираат. Маржите на рафинериите во Азија скокнаа на највисоко ниво во последните неколку години, а цените на дизелот и авионското гориво нагло пораснаа поради очекувањата за недостиг.
Дали и другите глобални играчи ќе постапат како Пекинг?
Дополнително, некои големи азиски рафинерии почнаа да го намалуваат производството бидејќи испораките на сурова нафта од Блискиот Исток стануваат несигурни. Дел од компаниите дури привремено затвораат производствени единици, што уште повеќе ја зголемува неизвесноста на пазарот.
Енергетските аналитичари предупредуваат дека одлуката на Пекинг може да биде само почеток на поширок тренд. Ако и други големи производители решат да го ограничат извозот за да ги заштитат домашните резерви, светот може да се соочи со нов бран на поскапувања на горивата – сценарио кое би имало директни последици врз инфлацијата, транспортот и глобалната економија.