КАРЕВ ИМ ЈА ЧЕСТИТАЛ СЛОБОДАТА НА ГРАЃАНИТЕ Го повикал народот да избере привремена влада

По говорот, Карев и штабот ја напуштиле зградата на собранието за самото тоа да одлучи за видот на управата и да избере лица за новата извршна власт.

670

На денешен ден 1903 година во Крушево влегол Штабот на крушевските востаници кој бил свечено дочекан од народот. Началникот на Штабот, Никола Kарев одржал револуционерен говор пред народот и ја прогласил првата македонска народна република, по што го повикал народот да избере привремена влада. Владата била формирана со учество на сите народносни групи во градот.

Бил против предвремено востание!






Никола Карев застанал на чело на Крушевскиот револуционерен комитет во јануари 1903 година. Добро познавајќи ја состојбата во својот реон, во мај истата година, на Смилевскиот конгрес, тој решително се спротивставувал на солунското решение за кревање востание, посочувајќи дека не се создадени сите објективни предуслови за негов успех, како и поради недоволната вооруженост и подготвеност на сите револуционерни реони.

Иако бил противник на предвреме донесената одлука за востание во Солун, по дефинитивното решение на Конгресот во Смилево за кревање востание во Битолскиот округ, Карев ги вложил сите свои револуционерни и умствени способности за успешно изведување на востанието во својот реон. За време на подготовките редовно го обиколувал реонот, а по завршување на активностите во градот Карев во јуни се повлекол во илегала и раководел со подготовките за востанието од Горскиот штаб. Главна цел на неговиот Штаб била освојување на градот Крушево.

Извршувајќи ги сите подготовки за успешно заземање на градот, пред да започне нападот Штабот на Карев издал специјален проглас со кој го објавил востанието и со кој го повикал народот на востание. Потоа според одлуката и планот, ноќта на 2 август, со околу 750 востаници Карев го започнал нападот врз градот. Концентрирајќи ги своите напори врз клучните објекти како општината, поштата и други важни згради, востаниците се сретнале со посебно жесток отпор при нападот на касарната, во која се наоѓале 60 војници. На 3 август градот бил ослободен од турската власт, а во него се настанил Штабот на крушевските востаници.

Ги поставивме основите на нашето народно единство

На 4 август во Крушево влегло Горското началство кое било свечено пречекано од граѓаните. Горското началство или Штабот, уште на самиот почетокот на востанието било проширено со тројца крушевски раководители: Антигон Хаџов, Тодор Павлов и Глигор Божинов, седиштето на Штабот се наоѓало на Гумења. По ослободувањето на Крушево, началството имало две големи основни и крупни задачи: одбрана на слободната востаничка територија и формирање на нова власт.

Штабот, уште пред да се симне во градот, им наредил на првенците од етничките средини во Крушево да достават список на лица кои карактеризирале со чесност и достоинство, без разлика на нивниот социјален статус. Тие требало да се соберат во новата зграда на патријаршиското училиште, а по нивното пристигање, на патријаршиската зграда да се развее црвено знаме – како симбол на слободата што се родила. Истиот ден кога Штабот влегол во градот, било свикано собрание, составено од 60 поистакнати граѓани, по 20 од секоја народност. Во Собранието Никола Карев најпрво им ја честитал слободата на граѓаните, а потоа одржал говор во кој истакнал:

„За човекот нема поголемо богатство и од правото спокојно да работи и да создава. А за да располагаме со таа виша човечка придобивка, Штабот е на мислење дека ние, крушевчаните, кои на Илинден оваа година јавно ги поставивме основите на нашето народно единство – факт што сам по себе говори дека ние сме културни и сознателни чеда на Македонија, што се отргнавме од заблудите со кои ни ги оковаа мозоците… станавме причина слично обединување да се постигне насекаде во нашата Татковина и да дадеме пример на вистинско народно управување, во кое да бидат еднакво застапени правата и задолженијата на сите вери и народности.

По говорот, Карев и штабот ја напуштиле зградата на собранието за самото тоа да одлучи за видот на управата и да избере лица за новата извршна власт. Најпрво собранието избрало Биро во состав: претседател Теохар Нешков и секретар – Ѓорѓи Чаче. Бирото предложил дневен ред, кој бил прифатен, а тој гласел;

1. Објавување на Собранието во Основачко народно собрание

2. Определување каков вида да биде управата

3. Определување на лица за Привремен извршен совет

Првата точка била прифатена без дискусии. За втората точка се воделе дискусии, а за збор се пријавиле: Наум Велјанов, Ѓорѓи Чаче и Никола Баљу. Во дискусијата која се водела, станало збор за монархистичкото и републиканското уредување во поодделни држави, се дале оценки за таквите уредувања. По дискусијата, Собранието едногласно одлучило новата управа да биде републиканска. По третата точка исто така имало дискусија. Михаил Зиси предложил наместо Привремено извршно тело да се назначи една комисија која требало да управува со градот. Наум Велјанов истакнал дека создавањето на комисијата не би била адекватна на потребите, бидејќи власта што треба да биде создадена нема да биде само градска туку и околиска.

По завршувањето на дискусијата била донесени следните решенија:

1. До завршувањето на Ослободителната борба на востанатиот народ, раководена од Штабот на востаниците, кој е законски избран на еден конгрес (Смилевскиот), никаков друг институт или установа не треба да се меша во функцијата на тој штаб, туку обратно, сите установи и институции треба да бидат во полна услуга на Штабот.

2. Времено, до нормализацијата на положбата, на чело со новоформираната власт ќе биде Штабот, на кој му помага Реонскиот револуционерен комитет, Војводскиот совет и Привремениот извршен совет.

3. Функциите на одделните сектори да се определат од Штабот на востаниците, во согласност со Времениот извршен совет.

4. Изборот на лица за Времениот извршен совет да се изврши преку тајно и слободно гласање.

За членови на Времениот извршен совет биле избрани: Дину Вангел, Николаки Баљу, Ѓорѓи Чаче, Теохар Нешков, Димитар Секулов и Христо Ќурчиев.

Задачите на привремената влада

По кратко советување се реши да се создаде привремена влада и за таа цел беа избрани 6 души – претставници на трите големи народности во градот… Задачата на Привремената влада беше следнава: да ги оданочи граѓаните со привремен налог, да собира по реквизициски пат храна за исхрана на востаниците и населението во градот и околијата, да реквирира материјали за облека и опинци за востаниците и за милитаризираните граѓани, како и материјали за нивното вооружување, да се грижи за ранетите и разболените востаници, граѓани и селани, да казнува провинети граѓани, да чува ред и мир во градот и слично.

Привремената влада заседавала во грчкото централно училиште… Над неа се развивало црвено-крвавото знаме на Револуцијата.

Според етникумот и конфесионалноста во владата се нашле: еден Влав – патријаршист, еден Албанец -патријаршист, еден Влав – националист и тројца Македонци (егзархисти). Затоа Димитар Секулов истакнал дека егзархистите се подготвени да отстапат две места: на еден Турчин и на еден Помак, ако во иднина има потреба од тоа. Секој член на владата добил посебен ресор, а тие биле поделени и според следниот начин:

Дину Вангел – претседател на Советот и одговорен за правосудство.

Ѓорѓи Чаче – секретар на Советот и одговорен за реквизиција.

Теохар Нешков – касиер и одговорен за финансии.

Христо Ќурчиев – градоначалник и одговорен за полиција.

Димитар Секулов – одговорен за прехрана и производство.

Никола Баљу – одговорен за санитарниот сектор, на Баљу му биле поставени на располагање и лекарите д-р Никола Димко и др. Батал.

Седиштето на Привремената влада се наоѓало во централното грчко патријаршиско училиште. Владата имала определено работно време – претпладне и попладне. Меѓу неа и Горското началство била воспоставена специјална врска, која ја одржувале двајца вооружени поштари. Пред надворешната врата на седиштето на владата стоеле двајца милиционери, а пред канцеларијата имало едно специјално лице кое ги пријавувало странките пред членовите на владата или вршело други услуги.

Главна задача на владата, со оглед на воената состојба, била да се грижи за снабдување на востаниците со сè што било неопходно за продолжување на востанието. Меѓутоа владата, како цивилна власт, морала да води сметка за потребите на граѓаните. Таа била задолжена да собира данок од граѓаните, да врши реквизиција за исхрана на востаниците и на населението во градот и во околијата, да врши реквизиција на материјали за облека и обувки за востаниците, да врши мобилизација на граѓаните, да собира оружје и муниција, да се грижи за ранетите и за болните востаници и граѓани, да го одржува редот и мирот во градот и да исполнува судска власт.

Владата, веднаш по нејзиниот избор, во соработка со Горското началство и Реонскиот комитет на Македонската револуционерна организација ги донела решенијата:

1. Да се отворат опинчарски и сарачки работилници за правење нови и поправање на старите опинци и патрондаши. За раководители и одговорни на овие на овие работилници биле Пацо Секуловски, Иван Поп Димитров и Коле Чачор, чии дуќани биле определени за оваа дејност.

2. Да се создаде арсенал со две одделенија:

a) Леарна за леење куршуми.

Тука требало да се носат оловни калајни садови и предмети од целиот град, од кои се лееле куршуми за разновидните пушки и револвери. Леарната била сместена во куќите на Тира Павлев, Дику Патрикот и Веле Саатчијата. Со Леарната раководела искусна интелектуална група.

б) Работилница за поправање оружје.

Тука се мазнеле куршумите, се чистеле гилзи и се подготвувале патрони. Исто така, се поправале расипани и оштетени пушки. Работилницата била сместена во куќата на Илија и Коста Лапевски, а била под раководство на искусни железари и туфекчии. Ставре Борјар и Митка Манак.

3. Да се отвори шивачка работилница за задоволување на потребите на четниците, под раководство на Косту Петрашинку и Коле Лозанов.

4. Да се испрати наредба до сите раководители во полските села од Крушевскиот реон веднаш да почнат со жетвата и вршењето, ако уште ги немаат почнато, да реквирираат жито и преку селата Свето Митрани и Бирино да го испратат за Крушево за мелење во две парни мелници.

5. Да се организира брза курирско-поштенска врска со целиот реон и со Прилеп.

6. Во егзархиското училиште да се отвори болница, под управа на Илче Стојчев. Таа требало да им служи на борците и на цивилното население.

7. Да се организира градска и селска милиција. Градот се дели на четири милиционерски станици и потстаници.

Владата посветила посебно внимание на прашањето за исхрана на востаниците и населението. Било решено, Ѓорѓи Чаче кој се занимавал со реквизицијата, да му се дадат тројца помошници – Григор Божинов, Ѓорче Тренков Селчанец и Тодор Лозанов. Се дошло до заклучок дека житото треба да им се плаќа на селаните и тоа по пазарна цена, а брашното да се продава на поимотните семејства, а на најсиромашните да им се дава бесплатно. Исхраната на востаниците исто така била бесплатна.

Во однос на финансиите било решено тие да се собираат од секој граѓанин, во зависност од имотната положба граѓаните требало да дадат свој прилог во општата каса. Вложените пари требало да бидат доброволен заем за поткрепа на власта. Пари се собирало и со расписки (сметки) какви што издавала Македонската револуционерна организација, односно нејзините институции.

Милицијата на Крушевската Република

Милицијата била формирана веднаш по донесувањето на одлуката од страна на владата. Набргу пред грчкото училиште кое било седиште на владата, пред Христо Ќурчиев се собрале голем број на доброволци. Оттука се јавил проблем бидејќи не можеле да ги примат сите. Најголемиот дел од доброволците биле од влашките мала на Крушево.

Затоа било донесено компромисно решение, на помладите им било препорачано да стапат во деветтиот четнички одред под команда на потпоручникот Тодор Христов, а од другиот дел била формирана градската милиција. За началници на милицијата биле поставени: Коле Чкарна, Гушу Јота, Љаску Пренда, Гушу Абаџија, Тега Бурек, Ванчу Моцан, Гаги Качујан, Кола Бојаџија, Тома Чолаку, Лаќу Кушора и Коста Фетаџока.

Поради недостиг на пушки, целата милиција не била вооружена со ова оружје, затоа дел од милиционерите биле снабдени со револвери и стапови. Милицијата била поделена на 18 групи од по осум до десет души на чело со посочените началници.

Погубени турски шпиони – прва одлука на судот

Се формирал револуционерен суд пред кого биле донесени неколкумина крушевчани, четворица гркомани и еден Бугарин (Македонец-егзархист), познати на целиот град како турски шпиони. Сите биле осудени на смрт и погубени.

По ослободувањето на Крушево, одреден број турски службеници се предале на востаниците. Меѓу нив се нашле: мудурот Мехмед Али, Јаја-ефенди началник на поштенско-телеграфската станица, Шабан-ага, жандармерискиот чауш Али-ага, Сулејман-ефенди началник на јавната и тајната полиција, Хајредин-ефенди. Покрај нив биле уапсени и христијански помошници. Таќу Вале полициски агент, Абдула потурчен Ром, Вани Пазванот и Гаќу В‘ Жу. Сите уапсени биле сместени во два логора, христијански и муслимански, тие се наоѓале меѓу папратите на Гумење, а таму биле чувани од одредот на Андреја Докурчев на чело со Коста Попето.

Семејствата на уапсените биле собрани во куќата на Сулејман-ефенди, каде што им доставувале продукти, тие биле обезбедувани од специјална востаничка стража.

За судењето на затворениците бил формиран суд на чело со Карев. Турските службеници биле судени поради сомнението дека тие како носители на турската власт ковале план за ликвидирање на поголем број граѓани и на тој начин да се ослаби Македонската револуционерна организација. Со доаѓањето на Хајредин-ефенди бил формиран турски комитет, огранок на битолскиот, кои имал задача да собира средства за борба против Организацијата. Според планот, требало за време на пазарниот ден да бидат ликвидирани сите повидни селани, работници на Организацијата, а полицијата да ги уапси сите егзархиски учители, свештеници, и др. Турскиот аргумент за оправданоста на таа акција лежел во фактот што Организацијата подготвувала востание.

Во текот на процесот, судот утврдил дека во четвртокот пред востанието, турскиот комитет имал таен состанок во домот на мудурот и дека таму било решено за ликвидацијата на повидните селани и граѓани. Во текот на состанокот бил определен и начинот како да се изврши. Меѓутоа востанието го осуетил таквиот план, а протоколот од овој состанок се нашол во рацете на востаниците. Судот не ги разгледувал делата на уапсените христијани, бидејќи се било на мнение дека нивната вина не треба да се докажува, односно сите знаеле дека тие биле платени доушници на турската власт. Сите обвинети биле осудени на смрт и стрелани.

Крвавата битка во Карбуница

На 4 август во селото Карбуница, Кичевско, се водела една од најкрвавите востанички битки за време на Илинденското востание. Селото било брането од востанички одред од 200 востаници, предводени од војводата Арсо Мицков. Околу 8 часот наутро, еден баталјон од околу 800 османлиски војници и башибозукот од околните албански села го нападнале селото. По четвртиот обид го зазеле. Борбите се пренеле на месноста Ѓурѓејца, каде што пристигнале уште 500 востаници. Османлиската војска добила засилување од кичевскиот гарнизон и албанскиот башибозук. По силниот напад на востаниците, османлиските сили и башибозукот се разбегале. Востаниците учествувале со 700 борци, а имале 30 загинати. Османлиските сили и башибозукот (околу 1.500 вооружени лица) имале 120 загинати.

Во текот на Втората светска војна, во 1944 година селото било запалено од страна на муслиманите од околните кичевски села.

Поврзани содржини