КАКО ЈОВАН ЈОВАНОВИЌ ЗМАЈ ГО ДОБИЛ ПРЕКАРОТ? Воопшто не е по митското животно
Познатиот детски автор во младоста бил познат како Киш Јанош, што на унгарски значи Малиот Јован, но потоа тој прекар заминал во историјата.
Јован Јовановиќ – Змај е еден од омилените детски поети на многу генерации кои растеа на просторите на Југославија. Сепак, малку е познато дека тој не го добил прекарот „Змај“ по митското животно туку зад тоа има друга приказна.
Како млад Јован бил доста низок па во тоа време го нарекувале „Киш Јанош“ што на унгарски значи „Малиот Јован“. Веројатно така би го запомниле и наредните генерации доколку тој во 1864 година не го основа сатиричниот весник „Змај“.
Името на овој весник е игра на зборови да може да се чита како митолошко суштество, но и како датум – 3 мај.
А токму по овој датум Јован Јовановиќ решил да го именува својот весник. Датумот е важен поради Мајската седница која се одржала во Сремски Карловци на 3 мај 1848 година. На таа седница српските сили побарале автономија од Австроунгарија, во рамките на монархијата. Јовановиќ сметал дека ова е доволно значаен датум за да биде име за весникот, а потоа и прекар кој ќе му го облежи животот.
Јован Јовановиќ останал да биде познат како Змај и откако неговиот весник престанал да излегува од печат, а тоа име му останало и во историските читанки и на кориците на неговите книги.