КАКО НАДАЛ ГО СТИВНУВА ГЛАСОТ ВО СВОЈАТА ГЛАВА? Доведете го и вие вашиот ум во ред

Книгите за самопомош се мошне популарно четиво особено ако животот некаде ви „запне“, ако ви треба решение за некоја сложена ситуација во која ќе треба да се соочите со самите себе.

694

„Она со што е најтешко да се изборам во текот на мечот е да ги стивнам гласовите во мојата глава“, изјавил светскиот тенисер Рафаел Надал, кој е познат по тоа дека има свои ритуали додека игра тенис. Идентифакциската картичка ја става секогаш свртена со името нагоре, внимателно ги подредува шишињата со вода, се осигурува дека косата и маичката му се добро наместени пред да сервира. Тоа е еден од начините како тенисерот го доведува во ред својот ум – ставајќи во ред сѐ што е околу него.

Голем дел од нашиот живот е умот, но тој најчесто паѓа во стапицата на доживеалиците од минатото и на плановите за иднината. Можно ли е да живееме присутни само или во сегашниот миг?






Книгите за самопомош се мошне популарно четиво особено ако животот некаде ви „запне“, ако ви треба решение за некоја сложена ситуација во која ќе треба да се соочите со самите себе. А тука почнува созревањето на една индивидуа – колку се познава себеси, колку искрено разговара со самата себе и дали знае да го менаџира своите слабости.

Книгата на Итан Крос „Гласот во нашата глава“ во издание на Арс либрис (2021) е напишана за време на карантинот кој по почнувањето на пандемијата го живеел професорот по психологија на Универзитетот во Мичиген.

Крос нѐ поучува како да разговараме со самите себе и како да станеме свесни за брборењето на нашиот ум. Основната психолошка техника, позната како интроспекција, е мошне корисна за тоа, зашто нѐ учи како активно да ги набљудуваме сопствените мисли и чувства. Но, под услов да сме искрени со самите себе.

Друга важна работа е слушањето на внатрешниот глас. Дали го слушаме и што ни кажува тој? Факт е дека ние постојано зборуваме самите со себе. Според едно истражување, разговараме во себе со брзина еднаква на изговарање 4000 зборови во минута на глас. Гласот во нашата глава е мошне брз и најчесто преминува во чисто брборење што всушност претставува застранување на внатрешниот глас и човекот е доведен во ситуација да се измачува самиот себе, да се саботира па дури и да се парализира во делувањето.

Како ни влијаат гласовите на другите кои ги примаме преку социјалните медиуми? Како да го сопреме брборењето во нашата глава и како да го слушнеме нашиот внатрешен глас? Што се случува кога ќе си се обратиме самите на себе со сопственото име? На овие и на други прашања со примери и податоци од разни истражувања и реални личности ќе ви одговори професорот Крос во неговата книга „Гласот во нашата глава – зошто е важен и како да го користиме“.

„Оваа книга ги разгледува различните алатки кои постојат за да им помогнат на луѓето да се справат со тензијата што се создава кога ќе се најдат меѓу спиралите од негативни мисли и јасното и конструктивно размислување“, порачува авторот, кој веднаш ќе ве освои со неговата непосредност.

Поврзани содржини