КАДЕ НА СКИЈАЊЕ? Србија и Бугарија за 20 до 30 отсто поскапи од лани

Туристичките работници велат дека оваа зимска сезона за нив ќе биде послаба бидејќи скијачките центри во одделни земји ќе работат само во шпицот на сезоната поради проблемите со енергенсите.

316

Сместувањето во зимските туристички центри годинава e поскапо за 25 до 30 отсто во однос на лани, а и самото користење на скијачките патеки и ски лифтови ќе биде поскапо од лани, велат туристичките работници.

Пансионите во скијачките центри во регионот се поскапи од лани, а и цените на ски-билетите, кои се веќе објавени во Србија, се повисоки од ланските. Се очекува Бугарија да ги објави цените наредната недела. Шестдневно зимување на четиричлено семејство во екот на зимската сезона во двете земји се движи од 200 до 4.800 евра, зависно од хотелот.






Македонски граѓани, иако во незначителен број, скијаат и во европските центри, а бидејќи нема поголеми групи, сами треба да го организираат превозот.

Туристичките работници велат дека оваа зимска сезона за нив ќе биде послаба бидејќи скијачките центри во повеќето земји ќе работат само во шпицот на сезоната поради проблемите со енергенсите, но и поради намалениот интерес кај граѓаните кој годинава е помал за 20 отсто во однос на 2019 година.

– И покрај тоа што домашните туристи најчесто се јавуваат да закупат соби на крајот на декември очекувам помал интерес за зимување оваа сезона. Ако не ја сметаме ланската година веќе имаме намалување од 20 отсто во однос на 2019 година. Кризата и високите цени се одразија и на аранжманите за зимување. Цените во старт се повисоки за 25 отсто до 30 отсто. Србија ги објави и цените на билетите за жичниците, а бугарските туристички центри се очекува следната недела да ги соопштат новите цени, но и тие ќе бидат повисоки од лани – вели Дончо Нацевски од „Арбо травел“.

Сместувачките капацитети во Србија и Бугарија ќе работат цела сезона, но во австриските и другите европски зимски центри најавени се рестрикции на сезоната поради штедењето струја. Цените на пансионите во овие две соседни држави, каде што најчесто зимуваат нашите сограѓани, се до 30 отсто повисоки од лани.

Скапо, но српските хотели пополнети?

Хотелското сместување на Копаоник е поскапо за 30 отсто. Шестдневен одмор за четиричлено семејство на Копаоник, Златибор или Тара чини од најмалку 207 евра за приватно сместување до дури 4.800 евра за одмор во хотел. За шест ноќевања во овој познат ски-центар две лица со деца во приватен апартман треба да потрошат од 360 до 720 евра. На сето тоа треба да се додаде и цената на ски-картите која за седум дена, во зависност од планината, според сегашните цени, чини од 90 до 164 евра. Но и покрај ваквите цени информациите во српските медиуми говорат дека дел од хотелите во одделни периоди се пополнети и се формираат листи на чекање.

Шестдневна сместување пак во приватни станови се движи од 230 до 625 евра.

Повисоки се и цените за користење на ски – лифтовите и жичарниците. На пример спуштање на Копаоник чини 500 динари (4,28 евра), возење со гондола 1.100 динари (8,56 евра)-поевтино е за возрасни, деца и постари. Во првиот период (15 ноември – 17 декември) дневниот билет за возрасни е 3.700 динари (31,6 евра), а во шпицот на сезоната (25 декември – 7 јануари и 12 февруари – 18 февруари) 4.300 динари (36,8 евра). Дводневните билети за возрасни се од 6.800 динари (58,2 евра) до 7.800 динари (66,7 евра), а петдневните од 14.500 динари (124,2 евра) до 15.800 динари (135, 3 евра). Билетот „10 во сезона“ – кој важи за сите ски центри – чини од 19.600 динари (167,8 евра) за деца до 28.200 динари (241,4 евра) за возрасни, односно постари од 12 години. Попустите важат и за претпродажба: 5 отсто од 15 до 30 ноември; 10 отсто од 1 до 4 декември и 5 проценти од 5 декември до крајот на сезоната 2022/23.

Доколку двајца се решат да резервираат сместување на Копаоник за новогодишната ноќ, ќе платат од 110 до 248 евра. Доколку сместувањето е резервирано од двајца возрасни со две деца, цената се движи до 386 евра.

Во Бугарија сезоната почнува подоцна

И бугарските скијачки центри имаат повисоки цени за зимската сезона кога се имаат предвид цените на пансионите, но цените за билетите за скијање и за жичарниците сè уште не се објавени, бидејќи сезоната таму не е почната. Така за шестдневно зимување треба да се плати од 240 до 4.800 евра.

– Пансионите во бугарските центри зависно од тоа дали се во предсезона, сезона или подоцна, се повисоки од лани во просек за 20 отсто, но таму бидејќи има голем број хотелски капацитети и приватни сместувања, може да се најде и поевтино сместување. Сепак, во основа скијачките центри имаат повисоки цени, бидејќи скијачкиот спорт е скап. Нема најави дека ќе има некакви рестрикции на работењето на хотелите поради кризата, но дел од објектите затвораат годинава бидејќи пресметале дека нема да можат да работат. Сепак, како што реков, има голем број хотелски капацитети и секогаш може да се најде место – вели Андреј Сирачевски од „Аурора“.

Во Бугарија цените на хотелско сместување, на пример во Боровец, се движат од 36 евра до 130 евра за ноќевање по човек, со веќе најавени попусти кои се движат од 10 до 15 отсто. Во апартманите цената се движи до 340 евра. Во Банско ноќевањето се движи и до 150 евра по човек. Така за шестдневно зимување треба да се плати од 240 до 4.800 евра. Шестдневна сместување во приватни станови се движи од 194 евра па нагоре. Доплатата за дочекот на Нова година, пак, е најмалку 50 евра до 200 евра за возрасен и околу 20 евра за дете.

Во елитните центри, само со сопствен превоз

Туристичките работници велат дека мал број граѓани пројавуваат желба за престој во скијачки центри во поширокото опкружување, Словенија, Босна и Херцеговина, Турција или во некоја друга европска земја.

– Бидејќи е мал бројот на граѓани заинтересиран за зимување во овие центри, за нив не се организира заеднички превоз, па тие сами треба да си го обезбедат превозот. Агенциите можат само да им обезбедат престој во некој скијачки центар – вели Сирачевски.

За разлика од другите земји, каде што скијачките центри веќе ги продаваат пансионите нашите скијачки центри уште ги немаат објавено цените на пансионите и цените на користење на скијачките терени и жичници.

Поврзани содржини