КАДЕ ЈАДАТ ДВАЈЦА, ЈАДАТ И ТРОЈЦА За храната, за гладта, за тоа што е кошер, а што не е, за мирисот на пандишпанот…
Каде јадат двајца, јадат и тројца; Сѐ во животот е работа, дури и кога јадеш, мора да џвакаш! Овие и други ладино поговорки за храна, рецепти од сефардската кујна и пригодите во кои се приготвуваат, приказната за пандишпанот. Сето ова е дел од изложбата „Мириса на пандишпан“, во спомен на сите гладни убиени души во логорите на смртта и концентрационите логори.
„Мириса на пандишпан“, изложбата која е поставена во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје е посветена на сефардската традиционална кујна на македонските Евреи од населувањето до денес, преку фотографии, предмети, разни видови храна, рецепти, прибор за јадење и готвење.
Авторката на изложбата, Жаклина Мучева и Горан Садикаријо, извршниот директор на Фондот на холокаустот, симболично и во спомен на сите гладни убиени души во логорите на смртта и концентрационите логори, ја отворија оваа изложба токму на Меѓународниот ден на борбата против гладта (16 октомври).
„Името на изложбата „Мириса на пандишпан“ е симболична влезница за приказната која раскажува дека Евреите кога се населиле на територијата на Османлиската империја со себе го зеле лебот од Шпанија. Преведено на ладино (ладино: варијанта на шпанскиот јазик што ја говорат сефардските Евреи), пане ди спања или модифицирано -пандишпан. Термин кој домаќинките од различни етнички заедници си го одомаќиле за тестото кое го користеле и го користат за разни колачи и торти. И уште нешто за пандишпанот – Нараснува во рерната не поради квасецот, туку поради добро изматените јајца во тестото“, рече Мучева во својот поздравен говор, говорејќи за лебот од Шпанија и потеклото на терминот кој има корен во сефардските јазични корени.
Прочитајте го целиот текст и побарајте го сефардскиот рецепт за пандишпан на порталот „Арт кујна“.