КАЈ НАС СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРААТ ОКОЛУ 1.200 ПАЦИЕНТИ СО РАК НА ДОЈКА ГОДИШНО Раната превенција е клучен момент – и токму тука Македонија потфрла

Околу 60 отсто од новодијагностицираните пациенти, за првичната дијагноза за рак на дојка се принудени да прават биопсија на приватно, поради долгите листи на чекање, велат од здружението Хема-онко.

18

На Клиниката за онкологија и радиотерапија годишно се дијагностицираат околу 1 200 пациентки со рак на дојка, соопштија од Здружението посветено на пациенти со рак и нивните негуватели „Хема-онко“, одбележувајќи го почетокот на Месецот за борба против ракот на дојка.

Според Ана Марјановиќ од „Хема-онко“, овие пациенти се соочуваат со низа проблеми, почнувајќи од непроменети протоколи, немање тумор-бордови, периоди кога нема терапија, немање национална скрининг-програма на нулта и прв стадиум на рак.






– Околу 60 отсто од пациентките за првичната дијагноза, односно за биопсија одат на приватно. Уште попоразително е дека околу 80 отсто од овие новодијагностицирани пациенти, по добивање на дијагнозата наместо на Клиниката за онкологија, се упатуваат на хирургија. Тоа е така оти во државава не се променети протоколите и тумор-бордовите не функционираат. Работиме на тоа да се подобри оваа состојба и овие пациенти првично да дојдат на Клиниката за онкологија, а потоа со онкологот, хирургот и патологија да се направи најдобриот третман за нивно лекување – рече таа.

Очекува до крајот на годината државата да изнајде добра стратегија за скрининг-програма што ќе се следи со години.

– Во оваа скрининг-програма е најзначајно да се вклучат сите пациентки од 40 до 69-годишна возраст. Работиме на тоа во неа да бидат вклучени и пациентки под 40 години бидејќи има премногу млади пациентки со оваа болест – кажа Марјановиќ.

Еден од главните проблеми на Клиниката за онкологија се периодите кога нема терапија. Според неа, треба да се смени начинот како се набавува терапијата.

– Оваа година на Клиниката има за 65 отсто поголем буџет, што воопшто не е за занемарување. Но, и покрај тоа, во изминатите шест месеци се појавуваат дупки од една, две, па и три недели за одредени терапии. Тоа значи дека не се проблем само парите. Поради габаритните процедури, некоордираноста на административниот систем и немање механизми што ќе ги регулираат добавувачите, ние сме оставени со дупки од неколку недели. Затоа, сметаме дека треба да се примени набавката на лекови, да се размислува и за набавка на државно ниво, да не биде тоа на месечно ниво, да биде централизирана, со цел да се избегне ова – рече таа.

Според неа, Здружението работи и за набавка за понови терапии, петта генерација лекови, наменети за метастатските канцери.

 

Поврзани содржини