КАЈ МАКЕДОНЦИТЕ СЕКОГАШ ПОСТОЕЛО СОЗНАНИЕ ЗА МАКЕДОНСКОТО ИМЕ Вака големиот Рацин му одговорил на српскиот археолог Вулиќ
Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и вашите Срби и Бугарите, гласи дел од одговорот кој поетот Коста Рацин му го дал на српскиот археолог Никола Вулиќ во одбрана на македонската посебност од другите народи.
Неразрешениот смртен случај на македонскиот култен поет Кочо Рацин одекнува до денес, кога се навршуваат 81 година од настанот на планината Лопушник. Во 1943 година големиот македонски деец е убиен под неразјаснети околности.
Основоположникот на македонската современа поезија и литература, а истовремено револуционер бил погребан во печатницата во Лопушник. По ослободувањето неговите смртни останки се пренесени во Велес, неговиот роден град.
Рацин влегол во КПЈ од која подоцна бил исклучен, а влегувал и во битки против посрбувањето и побугарчувањето на македонскиот народ. Еве како му одговорил на Никола Вулиќ, српски археолог кој долго работел во Вардарска Македонија дали „Јужна Србија или Македонија“:
– За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие – одговара Рацин.
Натаму македонскиот поет Рацин реплицира:
– Во периодот на националната преродба кога доаѓа тн. граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава. Во тоа време од историската ризница извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде што можеле слободно да се движат… Тие луѓе го зеле српското име бидејќи виделе: ние бевме Срби… Тие луѓе тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари… – вели Рацин.
И продолжува:
– Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е вашата грешка. Потоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ – реплицира Рацин.
Тој продолжува:
– И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја. Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постои како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но, вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија… – му одговорил Рацин на Вулиќ.
Рацин бил и официјално прв Македонец од модерното доба што ги проучувал Богомилите. За нивното потекло напишал неколку есеи во кој вели дека движењето се јавило меѓу словенските племиња Драговитите во Егејска Македонија, а го споредува богомилството со марксизмот и ленинизмот од неговото време.
Посебно вреди да се одбележи Рациновата теза дека „богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја“.
Пишува и филозофски есеи, инспириран од марксизмот и од хегелијанизмот.
Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.
Koста Апостолов Солев Рацин е основоположник на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ издадена во Загреб во 1939 г. претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен поезија Рацин пишувал и проза.