📽📷 ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА СОБЛЕКУВА ПАЛЕСТИНЦИ И ГИ ТЕРА ДА КЛЕЧАТ НА СТАДИОН Видеото од изживувањето го згрози светот

Невладината организација Евро-медитерански центар за човекови права ја повикува меѓународната заедница да ги истражи сликите од притворот и изживувањето на израелската војска врз Палестинците.

3,572

Израелската војска се изживува врз десетици заробени Палестинци кои ги тера да се соблечат и да клечат на стадион кој го користат како привремен притвор. Меѓу заробените има и деца  и жени. Видео од изживувањето на Израелците врз Палестинците стана вирално на социјалните мрежи и го згрози светот.

На снимките се гледа како повеќе возрасни Палестинци и најмалку две деца се приведени и соголени од страна на израелските одбранбени сили (ИДФ) на стадион во северниот дел на Појасот Газа. Во една кадар се гледаат две млади момчиња, соблечени во долна облека како одат и ги држат подигнати двете раце додека ИДФ ги насочува кон стадионот.






Во друг клип, две фигури кои изгледаат како исти момчиња без облека се гледаат со рацете над главите. Тие стојат на линија со другите заробени Палестинци.

Не е сигурно кога е снимено видеото, но Си-Ен-Ен го лоцираше и вели дека е снимено на стадионот Јармук во градот Газа, локација за која невладината организација Евро-медитерански центар за човекови права вели дека Израелците го користат како привремен притвор.

Израелските сили уапсија стотици палестински мажи и момчиња во последните недели. Претходно ИДФ објави дека ги соблекла затворениците за да се увери дека не носат експлозив.

На снимките од видеото се гледаат и приведени жени и други деца. Едно видео покажува три целосно облечени жени со врзани очи и раце врзани зад грб додека седат на тревата пред фудбалски гол на стадион на кој виси знамето на Израел.

До жените седат Палестинци со врзани очи, чии раце се исто така врзани зад грб. На видеото се гледаат воени возила и булдожери околу стадионот.


Невладината организација Евро-медитерански центар за човекови права соопшти дека добила информација дека израелската армија приведува стотици Палестинци од населбата Шеик Радван во градот Газа, меѓу кои и десетици жени кои беа однесени на стадионот Јармук.

„Палестинските мажи, вклучително и деца на возраст од 10 години и постари лица над 70 години, беа принудени да ја соблечат целата облека освен долната облека и да застанат понижувачки во редот пред жените приведени на истиот стадион“ – соопшти организацијата за човекови права.

Организацијата ја повикува меѓународната заедница да ги истражи сликите од притворот и изживувањето врз Палестинците.

Најмалку 20.915 луѓе во Газа загинале од почетокот на војната со Израел на 7 октомври, според Министерството за здравство под контрола на Хамас. Уште  речиси 55.000 луѓе се повредени, соопшти истото министерство.

Хамас нема да ги продолжи преговорите со Израел „без сеопфатен прекин на агресијата“, изјави Изат Ал Ришк, член на политичката канцеларија на милитантната група.

„Раководството на Хамас бара траен крај на агресијата и масакрот на нашиот народ. Нашиот народ сака целосно да ја запре оваа агресија и не сака да чека привремено или делумно примирје за кратко време, по што агресијата и тероризмот би можеле да продолжат фатално“ – се вели во соопштението на Ал Ришк.

Израел, во меѓувреме, вети дека ќе продолжи со борбите, кои досега вклучуваа интензивно воздушно бомбардирање и постојана копнена инвазија, додека Хамас не биде искоренет. Херзи Халеви, началникот на Генералштабот на ИДФ, пред два дена изјави дека кампањата ќе продолжи „уште многу месеци“.

Поврзани содржини