ИЗРАЕЛ (НЕ)ЗНАЕЛ ЗА ПЛАНОВИТЕ НА ХАМАС Израелската војска ги занемарила разузнавачките информации
„Њујорк тајмс“ во петокот објави разузнавачки извештај во кој се наведува дека израелската армија знаела за планот на Хамас една година пред да биде извршен нападот бидејќи добила информација од разузнавачки аналитичари, но ја оценила како „неоснована“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска негираа дека знаеле за планот на палестинската милитантна група Хамас за преминување на границата и за напад на југот на земјата, на 7 октомври.
„Њујорк тајмс“ во петокот објави разузнавачки извештај во кој се наведува дека израелската армија знаела за планот на Хамас една година пред да биде извршен нападот. Весникот наведува дека Ерусалим ја добил информацијата на брифинг од разузнавачки аналитичари, но дека израелската војска планот на Хамас го оценила како „неоснован“.
„Смешно е да се обидуваш да промовираш каква било теорија на заговор. Категорично отфрлам каква било можност дека тоа било така“ – напиша потполковникот Џонатан Конрикус од Израелските одбранбени сили (ИДФ) на социјалната мрежа Х.
Тој, исто така, призна дека израелската војска потфрлила.
„ИДФ не успеа да го обезбеди тоа што требаше да го направи – заштита и безбедност за Израелците .
Конрикус најави дека армијата ќе преземе „сеопфатен“ преглед на пропустите откако Хамас ќе биде поразен.