ИСЧЕЗНАТ БУГАРИН, ПРОГЛАСЕН ЗА МРТОВ, ПРОНАЈДЕН ПО 10 ГОДИНИ Живеел во колиба на Пирин Планина
Според кажувањето на еден сведок, можно е Иванов (62), цели 10 години да се криел од лихвари. Сега властите треба да утврдат со сигурност дали пронајдениот маж е истиот кој бил формално прогласен за починат и како ќе се реши случајот законски.
Бугаринот Бојан Иванов (62) од Русе е пронајден неодамна од шумарската служба во една импровизирана колиба на планината Пирин, над Банско, повеќе од десет години откако бил прогласен за исчезнат, а од пред пет години се водел како мртов.
Иванов последно живеел во селото Ново Село, во околината на Русе и не бил во брак. На 9 јуни 2015 година, неговата мајка, Тодора Александрова, пријавила дека го нема подолго време, по што тој бил прогласен за исчезнат.
Во првите години по исчезнувањето, мајката и соседите активно се интересирале за неговата судбина, бидејќи од него немало ни трага ни глас. Пет години подоцна, во 2020 година, мајката поднела барање до судот за формално прогласување на смртта на Иванов. Судот тогаш донел решение, врз основа на исказите на мајката, дека смртта настапила уште на 31 декември 2013 година.
Во текот на судскиот процес бил сослушан сведок кој го познавал Иванов од 2011 година. Тој рекол дека го вработил Иванов како општ работник во неговата куќа во 2013 година, но од есента на таа година повеќе не го видел. Сведокот објаснил дека Иванов имал издавачка куќа, но дека дошло до неколку случаи кога лихвари и судски извршители го барале поради долгови, при што имотот му бил ставен под залог.
По пронаоѓањето во Пирин, Иванов бил одведен во полицијата во Банско за утврдување на идентитетот, но бил пуштен бидејќи не бил осомничен за никакво кривично дело. Полицијата му понудила сместување во социјален дом, но тој одбил, објаснувајќи дека има средства и не му е потребна помош. Засега не е познато каде се упатил откако го напуштил полицискиот објект.
Сега властите треба да утврдат со сигурност дали пронајдениот маж е истиот кој бил формално прогласен за починат и како ќе се реши случајот законски.