🎥 КОМПЈУТЕРОТ НА ИНТЕЛ ГО ИМИТИРА ЧОВЕЧКИОТ МОЗОК „Хала поинт“ ќе има посложена вештачка интелигенција?
Невроморфниот компјутер, дизајниран да ја имитира работата на човечкиот мозок, треба да овозможи создавање посложени модели на вештачка интелигенција одошто можат конвенционалните компјутери, но експертите предупредуваат дека има инженерски пречки што треба да се надминат пред уредот да ја надмине постоечката технологија.
Корпорацијата Интел го создаде најголемиот невроморфен компјутер во светот, кој е дизајниран да ја имитира работата на човечкиот мозок, објави порталот Лајв сајнс.
Уредот треба да овозможи создавање посложени модели на вештачка интелигенција одошто можат конвенционалните компјутери, но експертите предупредуваат дека има инженерски пречки што треба да се надминат пред уредот да ја надмине постоечката технологија.
Невроморфните компјутери се разликуваат од традиционалните машини по тоа што користат вештачки неврони и за складирање и за обработка на податоци, наместо да преместуваат податоци помеѓу различни компоненти, што е чест проблем со денешните компјутери. Оваа архитектура може да донесе значително поголема енергетска ефикасност, а Интел тврди дека нивниот новоизграден невроморфен компјутер „Хала поинт“ (Halla Point) троши стопати помалку енергија при решавање на проблемите за оптимизација.
„Хала поинт“ содржи 1,15 милијарди вештачки неврони дистрибуирани на 1152 чипови „Loihi 2“ и е способен за 380 трилиони синаптички операции во секунда.
Директорот на секторот за невроморфни компјутери на Интел, Мајк Дејвис, истакнува дека иако компјутерот е моќен, зафаќа само 6 решетки во стандарден сервер, простор сличен на микробранова печка.
– Изградивме толку голем систем бидејќи милијарда неврони беа убав заокружен број – вели Дејвис.
Сепак, сегашните ограничувања се во слоевите на софтверот потребни за конвертирање на проблемите од вистинскиот свет во формати погодни за обработка од страна на невроморфните компјутери.
– Софтверот беше клучно ограничување – додава Дејвис, нагласувајќи дека нема смисла да се гради поголем систем додека не се решат овие прашања.