ИНСПИРАЦИЈАТА Е НЕМИНОВНА ВО ОПШТЕСТВО ПОЛНО РАЗВРАТ Моџо Килингтон зборува за новиот роман „Уништување“
Инспирацијата е насекаде, посебно во општество во кое има толку разврат и пороци, се разбира зад затворени врати. И тука е борбата на лажниот морал и реалноста, каде што човек може да се изгуби играјќи дуална улога. Романот е напишан да се чита брзо и да остава прашања. Можеби еден вид порака во шише до светот, да ги префрлам моите прашања до други кои се надевам ќе најдат одговори, вели Божиновски.
Инспирацијата за пишување е неминовна во нашето општество кое е полно разврат, а фактот што луѓето можат да се изгубат себеси играјќи со двојни стандарди била повеќе од доволна интрига за Божидар Божиновски, или Моџо Килингтон, да го напише „Уништување“, својот втор роман. Познат во јавноста по своите хумористични статуси и по „Нереално со Моџо Килингтон“ на ТВ24, Божиновски во своите дела на филмски начин пишува за егзистенцијалниот шок на модерниот човек.
Плусинфо зборуваше со Килингтон за процесот на пишување на книгата, за тоа дали постои одговор за апсурдите на денешницата и за изгледите на новата македонска книжевна сцена да истапи во светот. Тој е оптимист и смета дека новите генерации можат да дадат многу и дека веќе го прават тоа.
„Уништување“ ќе биде промовирана утре (четврток) во 19 часот во книжарницата Literatura.mk во Скопје Сити Мол. За книгата ќе зборува уредничката Тајана Димовска-Атанасова, а издавач е „Арс Либрис“. Претходно, Божиновски ги објави романот „Денот кога не се разбудив“ (2020) и стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ (2019) за „Арс Ламина“.
Јавноста веројатно најмногу те знае по ироничните и урнебесно смешни статуси на Фејсбук во кои, како во кратко „меме“ херметички ја отсликуваш бедата, но и глупоста на македонското општество. Како хуморот се рефлектира во твоето пишување на сериозни егзистенцијални романи каков што несомнено е „Уништување“?
Иако изгледа поинаку, всушност, многу малку време им посветувам на социјалните мрежи, импулсивно постирам и затоа немам некои подолги анализи, статуси, приказни. Тоа нè носи до вториот дел од прашањето и кон тоа што правам со целото останато време. Се задлабочувам сам со себе и со егзистенцијалните прашања на кои и многу попаметни и поучени од мене не нашле одговор. Но, тоа не е причина престанам да барам одговори барем за своето постоење и дали воопшто тоа има некаква смисла, можеби поголем план или тоа само човекот си придава важност за да може да се соочи со својата неважност во бескрајниот простор и време. И после години немам одговори, ќе продолжам да пишувам значи.
Докторот Јан Рајсберг во романот дава отказ и им се препушта на развратот, забавите, дрогата, алкохолот и сексот за потоа повторно да се пронајде себеси. Која беше инспирацијата за еден ваков силен лик?
Не мислам дека ликот е силен, напротив, со самиот негов пад докажува колку сме сите понекогаш лесно кршливи посебно кога ќе се соочиме со минливоста. Некои полесно го прифаќаат тој факт, некои пробуваат да го игнорираат, некои ги излудува. Инспирацијата е насекаде, посебно во општество во кое има толку разврат и пороци, се разбира зад затворени врати. И тука е борбата на лажниот морал и реалноста, каде што човек може да се изгуби играјќи дуална улога. Романот е напишан да се чита брзо и да остава прашања. Можеби еден вид порака во шише до светот, да ги префрлам моите прашања до други кои се надевам ќе најдат одговори.
Работиш како сценарист во серијата „Преспав“ која важи за хит во Македонија и во регионот, а постојано пишуваш колумни. Сепак, да се влезе во рутината на пишување белетристичко дело имајќи на ум дека романот е еден од најизискателните литературни видови е предизвик. Може ли роман да се пишува етапно или се работи за неповторлива авторска интуиција која се пишува сега и никогаш повеќе?
Читајќи ги процесите на работа на светските писатели и на писателите од Македонија, некои имаат рутина на работа, некои имаат едноставна математика – две страници на ден, што е одлично затоа што за една година имаш над 700 страници материјал. За жал, почнувајќи со поезија, не можам уште да стекнам такви рутини, навикнат сум да пишувам стихијно и брзо, сакајќи да ја доловам емоцијата што тогаш ме држи. А, тешко дека емоција може да го одржи интензитетот со месеци или години. Затоа романот е пишуван брзо и брзо се чита. Она што е првична емоција и инспирација е замрзната во него, без навраќање, додавање или одземање на делови. Можеби така се губи на квалитет, но верувам дека поважна е автентичноста отколку квалитетот.
Македонија може да се пофали со нова книжевна генерација на поети и писатели, а многумина од нив пишуваат на модерни теми трагајќи по нов хипер-јазик. Мислиш ли дека добро газиме како земја во светското книжевно море?
Работите одат кон подобро имајќи предвид дека сме поднебје без некоја изразена читачка навика, а и помина период зад нас каде што ретко се издаваа наши автори и читањето воопшто не беше популарно кај голем дел од населението. Сепак книгите успеаја да се вратат меѓу публиката, а за голема среќа и издавачките куќи покрај преводите се трудат да издаваат и македонски автори. Во светското книжевно море малку од Македонија испливале, но ги има и од новите генерации што ми е посебно мило.
Нашата земја е мало изолирано парче во кое многумина го бараат лебот, а уметниците поготово се неправедно изолирани. Во една Словенија на годишно ниво се издаваат и до 200 дела од домашни автори, а издавачите сами им приоѓаат на авторите, а не обратно. Што треба да се смени кај нас за да заживее читањето?
Треба да се смени целокупниот општествен наратив и тек. Уште сме земја во која знаењето не е доволно вреднувано, дипомите се купуваат 3 за 100, со хиперпродукција на титули, а малку знаење. Општество во кое владеат суровите, оние кои се бескрупулозни, наметливи, најдобри лажговци од една страна и од друга страна оние кои без квалитети им слугуваат на првите па кога ќе им се даде малку моќ касаат и гризат на сите страни, ко гладни пси. Знаењето и читањето тука немаат никаква вредност, постоењето е сведено на преживување. И додека не се среди ова културата во целина само ќе преживува. Сепак, не е сè така црно, доаѓаат нови генерации во кои имам многу надеж, а се надевам и другите, кои растат со светот, а не во локална бара, генерации кои од корен ќе ја сменат и државата и културата.