И ВОЈНАТА „И ЉУБОВТА“ СЕ ЕДНАКВО СУРОВИ И НЕМИЛОСРДНИ Драго Јанчар пишува за сакањето, страдањето и преживувањето

Јанчар ја опишува големата љубов на двајца млади, кои наивно помислуваат дека љубовта што ја чувствуваат може да го надмине и предизвикот на војната. Нивната љубов е вечна, за тоа се во право, но војната немилосрдно им ги парчосува животите.

458

Зоран Предин од „Лачни Франц“ во една прилика сведочеше за разговорот со големиот Ѓорѓе Балашевиќ, велејќи дека „панонскиот морнар“ неколку месеци од животот ги поминал во неговиот Марибор. За Ѓоле, Марибор претставувал пристаниште на никогаш непрежаленото Панонско Море, кое иако одамна го нема, во него ги буди морепловските инстинкти.

Но, Марибор е многу повеќе од романтичен град, познат по скијањето и останатите зимски спортови. Драго Јанчар, еден од најистакнатите словенечки писатели, во романот „И љубовта“, ни ја претстави и темната страна на градот, поврзана со војната и со страдањето.






Јанчар ја опишува големата љубов на двајца млади, кои наивно помислуваат дека љубовта што ја чувствуваат може да го надмине и предизвикот на војната. Нивната љубов е вечна, за тоа се во право, но војната немилосрдно им ги парчосува животите.

„И љубовта“ е еден од ретките романи посветен на народно-ослободителната борба на југословенските народи, кој е напишан без идеолошката матрица на комунизмот, па веројатно и затоа ова дело е толку привлечно за читање.

Стилски, романот на Јанчар може да се стави во ист ред со „Делби“ на Добрица Ќосиќ, значи при самиот врв на јужнословенската книжевност. Во романот на одличен начин е објаснета поделбата на жителите на Марибор, непосредно по окупацијата на германската војска во април 1941 година. Во градот живеат Германци и Словенци. Дел од Словенците се германофили, дел се за кралот, а дел се комунисти. Сите предуслови за крвавата граѓанска војна се присутни, а во тоа време присутни биле и во другите делови на Југославија, земја која во четирите години окупација е премеѓена со туѓи војски и паравојоски.

Но, Јанчар не се обидува да ја објасни војната во Словенија и во Југославија. Воопшто не занемарувајќи го контекстот на дејствието во кое е пишувана содржината, тој гледа со очите на своите ликови, кои водени од сопствените потреби, побуди, мислења и заблуди, носат одлуки кои потоа ги втурнуваат во вителот на војната. Секој од ликовите на Јанчар има сопствен мотив за тоа како се поставува во војната. Од чија страна, на кој начин и во каква улога, тие тоа го прават согласно своите убедувања. Сепак, тркалото на историјата е незапирливо, па нивните судбини потоа им излегуваат од контрола, а тие го губат владението врз сопствените животи. Тие Втората светска војна ја водат во својот микрокосмос, воопшто несвесни за големата слика.

Јанчар успева и во една друга работа, во која малкумина пред него успеале. Авторот на еден извонреден начин ја претставува психолошката на матрица на џелатот, на оној што измачува, убива. Тоа се луѓе кои за време на работното време ги тепаат заробениците, а пред паузата за ручек со мирна рака ги потпишуваат наредбите за смртна казна. Потоа со колегите заминуваат во кафеана, каде уживаат во најобичните работи, како јадењето и пиењето, разговараат за секојдневието и се однесуваат како секој административец на светот. Во суштина тоа е така, воените злосторници своите злодела против човештвото најчесто ги правеле во своите канцеларии, од каде издавале наредби. Тоа се педантни, добро дотерани ерудити, пријателски настроени, со нагласено професионално и љубезно однесување. Во овој дел, Јанчар е маестрален.

„И љубовта“ е моќно, романтично и драматично дело, кое без задршка ѝ го препорачувам на читателската публика. Неодамна, романот „И љубовта“ е објавен во едицијата „Современи класици“ на „Арс ламина“. Преводот од словенечки е на Дарко Спасов.

Поврзани содржини