И ВО ДОМАШЕН ПРИТВОР ЗАРАБОТУВА СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ДОЛАРИ Најпознатата руска измамничка чека слобода за да почне да прави интересни работи
Ана Сорокин, измамничката позната и како Ана Делви, продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност. Таа денес е во домашен притвор, но се чини, и натаму ниже „успеси“… Во последното интервју за „ВВД“ (WWD), таа вели дека и натаму се труди да биде зафатена и продуктивна.
– Не правам ништо доволно возбудливо во мигов. Би било полесно да создавам повеќе ако можам да ја напуштам куќава. Никој не сака да гледа како седам на каучот и пишувам книга… Сѐ зависи од тоа кога ќе бидам слободна. Потоа ќе правам занимливи работи што луѓето сакаат да ги гледаат – додаде Ана.
Ана е родена во Русија и е позната по тоа што ги измами банките и општеството во Њујорк за илјадници долари, меѓу 2013 и 2017 година. Таа тогаш живеела на Менхетен, а сите мислеле дека е Германка, наследничка, со богатство од 67 милиони долари во Европа. Но, таа тврди дека никогаш не сакала да биде позната како измамничка.
– Тоа е целосно наметнато од Обвинителството и од медиумите, како и од „Нетфликс“, но дефинитивно се обидувам да побегнам од тоа. Едноставно, мразам да ги гледам сите овие наслови за измами и лажно наследство. Би сакала да добијам шанса луѓето да не ме гледаат само како наводна измамничка – вели Ана.
Нејзините животни авантури се пренесени во играната ТВ-серија „Смислувајќи ја Ана“ (Inventing Anna) на „Нетфликс“.
За прикажувањето на нејзината приказна во серијата на „Нетфликс“, Сорокин добила околу 200.000 долари.
Која е всушност Ана Делви? Родена како Ана Сорокин во предградијата на Москва во 1991 година, а подоцна се преселила во Германија со своето семејство. Одредено време стажирала во редакцијата на париското списание „Пурпле“ (Purple), па таму се спријателила со главниот уредник Оливие Зам… Токму тој бил првиот што таа го вовлекла во нејзината мрежа од лаги и манипулации. Во 2014 година се преселила во Њујорк…
Во еден случај, ја оставила својата жртва во долг од 62 илјади долари. Имено, таа поканила „пријателка“ на луксузен одмор во Маракеш, а кога требало да се плати, Ана побарала од „пријателката“ тоа да го направат со нејзината кредитна картичка… Секако, не ѝ ги вратила потрошените пари
Во април 2019 година, Ана е осудена на минимум четири години затвор за измама, но беше ослободена поради добро однесување во февруари 2021 година.
Во јуни оваа година, Ана присуствуваше на сослушување за имиграција во Њујорк.
Имено, во март 2021. повторно била приведена од Имиграциско-царинската служба поради истечена виза. Уште една година беше во притвор. Требаше да биде депортирана во Германија во 2022 година, но депортацијата не успеа, бидејќи таа одби да го напушти притворот и да оди на аеродром. Нејзиниот адвокат тогаш изјави дека е поднесено барање за задржување на депортацијата. Подоцна истата година, таа беше ослободена од притвор со два услови. Имено, таа требаше да плати кауција од 10.000 долари и да остане во домашен притвор.
На Ана ѝ е забрането да ги користи сите форми на социјални мрежи. Таа често се фотографира и снима додека оди на суд, а овие појавувања редовно ги користи како можност за нејзините модни моменти носејќи луксузни брендови и интересни комбинации. На ТикTok многумина со нетрпение ги следат нејзините појави и споделуваат видеа.
„Подобро е да ја поканат на Мет гала в година“, „Таа е модна икона“, „Ја обожавам“, „Овој нов нејзин изглед ме воодушевува“, „Леле, таа изгледа неверојатно“, се само некои од коментарите под видеото, кои имаат стотици илјади прегледи на ТикTок.
Во јануари 2023 година излезе вест дека Ана ќе го снима реалното шоу Delvey’s Dinner Club во својот стан во Ист Вилиџ во Њујорк, каде што е во домашен притвор. За време на домашниот притвор Ана го почна и поткастот The Anna Delvey Show со цел да го промени својот имиџ.
Во јули 2023 година таа го издаде својот деби-сингл „What the Hell?“ со ѕвездата на ТикТок, Брук Батлер.
Таа ја организира и првата модна ревија во својот стан со познатиот дизајнер Шао Јанг.
„Само се трудам да го направам најдоброто што можам. Не размислувам што ќе мислат луѓето за мене“, изјави таа за WWD.
Освен во модата, тој се обидува да се докаже и во светот на уметноста. Имено, додека чекала вести за својата депортација, на Менхетн била отворена нејзината прва уметничка изложба наречена Free Anna Delvey. Изложбата содржеше дела на 33 уметници инспирирани од нејзиното искуство.
Втората изложба, нејзината прва самостојна изложба наречена „Наводно“, беше претставена со 20 цртежи што ги нацртала додека била во притвор. Според „Вараети“, нејзиниот трговец со уметнички дела ја проценува вредноста на колекцијата помеѓу 400.000 и 500.000 долари.