И ГАЌИТЕ ДАВА ДРУГ ДА МУ ГИ ПЕРЕ Поранешен телохранител на Путин ја разоткрива паранојата на рускиот лидер

Дури и позицијата оператор на машина за перење мораше да ја води офицер, вели поранешниот телохранител додавајќи дека побегнал од ФСО бидејќи не ја поддржувал војната во Украина.

2,856

Рускиот претседател Владимир Путин толку се плаши од атентат што анагажирал човек од обезбедувањето да му ги пере алиштата, изјави еден од неговите поранешни телохранители во интервју за ТВ Рајн, опозициски тв-канал кој е исфрлен од земјата.

– Тој толку се плаши за својот живот – изјави Виталиј Брижати во интервју кое го пренесе британски Телеграф.






Брижати се грижел за кучињата на Федералната служба за заштита (ФСО) и бил стациониран во Маслинката, една од тајните резиденции на Путин на Крим, која Русија ја анектираше од Украина во 2014 година. Како што пишува Телеграф, неговото интервју за ТВ Рајн понуди редок увид во работните места на Путин.

Бризати тврди дека рускиот лидер не им верувал целосно ниту на сопствените телохранители и дека редовно давал лажни информации дека има намера да дојде на Крим.

Неговото сведочење е во согласност со сведочењето на друг офицер на федералните служби кој побегна од Русија по инвазијата на Украина. Тој тврдеше дека Путин можел да испрати конвој од неговата резиденција во близина на Сочи за да ги измами луѓето да мислат дека се враќа во Москва.

Но, Брижати оди во детали. Тој дури ги опиша и начините на кои Путин наводно сакал да се однесуваат неговите вработени. Тој ја опиша Оливие, палатата на Путин на Крим, како луксузен „мини-град“ кој мора да биде постојано функционален, со свежа храна и цвеќиња.

– Тоа е место како од фантазија. Има спортски сали, фонтани, прекрасни паркови, чајџилница, места за скара и плажи – рече тој.

Малку се пишуваше за Оливие до сега, освен дека е изградена во ист стил, со приватност и луксуз на преден план. Палатата Оливие на Крим е едно од осумте светилишта кои веројатно се во сопственост на Путин. Иако палатата е малку користена, Брижати вели дека таа морала да работи 24 часа на ден, седум дена во неделата, бидејќи персоналот никогаш не знаел кој и кога ќе се појави.

За Путин во овој луксуз, како што рече Брижати, најважна била безбедноста, која ја зголемил од почетокот на војната во Украина, при што бројот на кучиња чувари се зголемил тројно – сега тие се шест.

Тој рече дека на граѓанските служби главно им било забрането да влегуваат, а персоналот морал да ги предаде своите мобилни телефони при влегувањето во комплексот.

Вооружени нуркачи на службата ФСО патролираа низ морето околу неговите приватни плажи, додаде човекот кој му бил поранешен телохранител на рускиот претседател.

– Дури и позицијата оператор на машина за перење мораше да ја води офицер – рече тој, додавајќи дека побегнал од ФСО бидејќи не ја поддржувал војната во Украина.

Поврзани содржини