ХУМАНИЗАМ И СОЦИЈАЛНА ГРИЖА СО ПРАЗНИ ЏЕБОВИ Негувателите кои се грижат за старите и немоќни лица во Скопје, три месеци не зеле плата

Домашната нега за стари и немоќни лица во Скопје, услуга што за многу од овие лица е едноставно бесценета, услуга поради која дури и тие кои немаат никого се чувствуваат како да имаат некој свој, се одржува благодарение на луѓе кои со месеци работат без надомест.

77

Домашната нега за стари и немоќни лица во Скопје, услуга што за многу од овие лица е едноставно бесценета, услуга поради која дури и тие кои немаат никого се чувствуваат како да имаат некој свој, се одржува благодарение на луѓе кои три месеци работат без надомест.

Станува збор за негуватели од Нега центарот на Црвен крст на Македонија, ангажирани на територијата на град Скопје, кои за разлика од своите колеги во другите градови, не зеле плата речиси цели три месеци.






Според официјалните податоци од Црвен Крст, оваа услуга ја користат 946 лица низ државата, а ја обезбедуваат околу 350 негуватели. Од Црвен крст на Македонија потврдуваат дека негувателите во 15 општински организации веќе добиле надомест за јануари и февруари 2026 година. Исклучок е Скопје.

Дел од негувателите се невработени лица на кои надоместокот за нивниот ангажман во Нега центарот на Црвениот Крст им е главен извор на приходи, додека други се пензионери кои со оваа работа ја дополнуваат својата пензија.

Но, додека нивната услуга беспрекорно функционира, исплатите на негувателите не  пристигнуваат на време секаде.

Клучното прашање што се отвора е – зошто доцнењето се јавува само во Скопје, ако финансирањето доаѓа од ист извор?

Одговорот што може да се извлече од институционалните појаснувања кои ги добивме е дека постапката за исплата не се одвива централизирано и истовремено за целата држава.

Секоја општинска организација, како и Црвениот крст на град Скопје, поднесува одделни барања за исплата до соодветните центри за социјална работа.

Потоа следува административна процедура на одобрување и префрлување на средствата. Тоа значи дека динамиката на исплатата зависи од постапките и обработката на барањата во секој поединечен центар за социјална работа.

Во случајот со Скопје, очигледно е дека токму во овој дел настанало доцнењето.

Од Црвениот крст посочуваат дека тие ја вршат исплатата веднаш по добивањето на средствата, но дека процесот зависи од институциите што ги одобруваат и префрлаат средствата, односно од Министерството за социјална политика, демографија и млади и од центрите за социјална работа.

–  Црвениот крст на град Скопје ги очекува средствата од страна на Центарот за социјална работа на град Скопје за месеците јануари и февруари 2026 година, по што веднаш ќе направи исплата на надоместокот за ангажираните негуватели. На останатите негуватели ангажирани преку општинските организации на Црвениот крст им е исплатен надоместокот за овие месеци.

Истовремено ве информираме дека за месец март 2026 година, се уште не се побарани средствата бидејќи барањата и комплетната документација за реализираната услуга се поднесуваат до центрите за социјална работа  во општините, најдоцна до 5-ти во следниот месец, по кој период ќе се очекуваат средства за  исплата на услугата за месец март – велат од Црвен Крст за „Плусинфо“.

Инаку, надоместокот за негувателите не е фиксен, туку се пресметува по час, во зависност од реализираната услуга во текот на месецот.

Иако од Црвен Крст уверуваат дека услугата не само што нема да згасне, туку ќе продолжи да се развива, останува дилемата – колку долго може да опстане систем во кој дел од негувателите зависат од овие приходи, а сепак со месеци остануваат без нив.

Позната е веќе онаа реченица која сме ја слушнале повеќе пати од корисниците на овие услуги: „Да не сте вие, устата пајажина ќе ми фати“, која најдобро ја опишува суштината на услугата што ја обезбедуваат негувателите – но и тежината на ситуацијата во која се наоѓаат тие денес.

За многумина од корисниците, негувателите се единствен контакт со надворешниот свет.

Тие секојдневно се грижат за старите и немоќни лица – им менуваат пелени, им подготвуваат јадење, даваат совети, но најчесто, велат, даваат нешто уште поважно: внимание и човечка грижа.

Затоа, дефинитивно, оваа бесплатна грижа за старите и немоќни лица не смее да застане, но не смее да заглавува ниту исплатата за трудот на негувателите.

За луѓето кои живеат од оваа работа, времето не се мери во административни рокови.

– Тие не чекаат со душа. Имаат голема доверба во нас и ни се радуваат како на најблиски, особено ако се сосема сами и без нигде никого. Во секој случај, работиме една хумана работа – раскажува еден од нашите соговорници.

Во таков систем, каде што едните зависат од грижата, а другите од платата – секое доцнење има двојна тежина.

И додека институциите зборуваат за процедури и одобрувања, реалноста останува иста: во Скопје, негувателите продолжуваат да работат, а платата – доцни.

Прашањето што останува не е само кога ќе бидат исплатени средствата, туку колку долго може да функционира еден ваков систем – ако оние што се грижат за најранливите, самите немаат никаква сигурност.

Поврзани содржини