ГУГЛ ГО МЕНУВА ЛИКОТ НА НОВИНАРСТВОТО Вештачкиот писател „Генезис“ ќе биде личен асистент на новинарите
Она што веќе се дебатира во јавноста во САД е дека Генезис веројатно ќе го замени напорот и креативното размислување кои новинарот ги троши кога известува за „точни и вешти вести“.
Генезис, или преведено Битие, е кодното име за алатката за новинари која ја спрема Гугл, а за која веќе се информирани уредништвата на Волстрит Џурнал, Вашингтон Пост и ЊузКроп, пренесува СлешГир. Тие не се среќни поради новиот асистент со вештачка интелигенција кој ќе може да пишува текстови кои потоа новинарите само ќе ги доуредуваат!
Што е разликата од ЧатГПТ и Бард? Генезис ќе биде многу поточен со давањето информации и нема да халуцинира како што тоа го прават сегашните чатови. Под „халуцинира“ се подразбира моментот кога вештачката интелигенција во текот на муабетот со вас ќе згреши и некој неточен факт ќе го прикаже како точен. Ова е голем проблем за сегашните неуролингвистички модели.
Исто така, ЧатГПТ и Бард често се воздржуваат да коментираат настани од денешницата или можат да избегнат да ви го дадат одговорот.
Тука во приказната треба да се јави Генезис. А она што веќе се дебатира во јавноста во САД е дека Генезис веројатно ќе го замени напорот и креативното размислување кои новинарот ги троши кога известува за „точни и вешти вести“. Дали тоа значи дека ќе имаме помалку работа или напротив – уште повеќе ќе уредуваме готови текстови?
Вреди да се спомене и дека во меѓувреме се појавија повеќе сајтови за креативно пишување кои користат вештачка интелигенција, а некои од компаниите веќе ги користат, на пример, за пишување содржини за маркетинг и реклами или пак за одново испишување на текстови кои биле напишани со вештачка интелигенција, а корисникот сака текстот да не изгледа како плагијат.