ГРОКПЕДИЈА, НОВАТА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА МАСК Милијардерот најави подобра алтернатива од Википедија
Илон Маск ја претстави својата нова идеја Грокопедија, онлајн енциклопедија што според него ќе биде масовно подобрување на Википедија, која ја обвинува за политичка пристрасност.
Милијардерот Илон Маск објави дека преку својата компанија за вештачка интелигенција „xAI“ работи на нова платформа под име Грокопедија (Grokipedia), која, како што рече, ќе биде сериозна конкуренција на постоечката онлајн енциклопедија Википедија.
– Грокопедија ќе претставува масовно подобрување во однос на сегашните извори на знаење. Наместо политичка пристрасност и субјективни толкувања, ние сакаме платформа што е максимално ориентирана кон вистината – изјави Маск, алудирајќи на честите негови критики кон Википедија дека ја турка левичарската агенда.
Името на новата алатка доаѓа од чат-ботот Грок на „xAI“, кој самиот Маск го опиша како „максимално искрен и директен“. Сепак, Грок предизвика полемики поради антисемитски коментари, кои компанијата на Маск ги припиша на „технички грешки во програмирањето“.
Најавата доаѓа и во време на зголемени дебати за тоа кои извори на информации треба да се користат за тренирање на системите за вештачка интелигенција. Новоименуваниот комесар за ВИ во администрацијата на Доналд Трамп, Дејвид Сакс – близок сојузник на Маск – предупреди дека Википедија не е соодветен ресурс поради, како што тврди, нејзината пристрасност.
Со Грокопедија, Маск најавува сосема нов пристап, енциклопедија што ќе ја комбинира моќта на вештачката интелигенција со постојана проверка на факти.