ГО УДРИ МАРКЕС СО ТУПАНИЦА И САКАШЕ ДА СТАНЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПЕРУ Кој беше контроверзниот и брилијантен Марио Варгас Љоса?
Она што го одвојува Марио Варгас Љоса од другите не се само политичката или лична контроверзност - туку стилот. Неговото писмо е сложено, богато со ретроспекции, повеќе перспективи, внатрешни монолози и со метафикција. Како што самиот рече еднаш, „Писателите се егзорцисти на сопствените демони“.
Марио Варгас Љоса, еден од највлијателните латиноамерикански писатели и добитник на Нобеловата награда за литература во 2010 година, почина во Лима на 89-годишна возраст. Неговото семејство соопшти дека, според неговата волја, нема да се одржи јавна церемонија, а неговите остатоци ќе бидат кремирани во приватност. Љоса си замина тивко, но зад себе остави гласна (за некои дури и неподносливо бучна) историја на книжевно и на политичко творештво. Кој беше Варгас Љоса и по што ќе го паметиме?
Роден во Арекипа, Перу, во 1936 година, Варгас Љоса започна како новинар и брзо се етаблираше како водечка фигура на латиноамериканскиот литературен бум во 1960-те, еден од најзначајните културни и книжевни феномени на 20 век. Тој, може да се рече, беше рамо до рамо со клучните великани на тој период – Габриел Гарсија Маркес, Хулио Кортазар и Карлос Фуентес – автори кои со своето дело ја впишаа Латинска Америка на мапата на светската литература.
Неговите дела, како „Градот и кучињата“, „Зелената куќа“ и „Разговор во катедралата“, се карактеризираат со сложени наративи и длабоки прикази на моќта и корупцијата.
Љоса доби Нобелова награда за литература во 2010 година, признание за „картографијата на структурата на моќта и сликите за индивидуалниот отпор, бунт и пораз“.
Од револуционер до либерал и кандидат за претседател на Перу
Политичката еволуција на Љоса е значајна за развојот на неговата карактеристична литературна стилистика. Од почетна поддршка на левичарските движења и на Кубанската револуција, Варгас Љоса се оддалечи од марксизмот по случајот со затворањето на поетот Хеберто Падила во Куба во 1971 година.
Потоа стана гласен застапник на либерализмот и на слободниот пазар, што го доведе до кандидатура за претседател на Перу во 1990 година, кога беше поразен од Алберто Фухимори.
Контроверзен љубовен живот
Личниот живот на Варгас Љоса беше исто така во фокусот на јавноста. По петдецениска брачна заедница со својата братучетка Патриција Љоса, со која има 3 деца, се разведе и започна врска со шпанската социјалитка Исабел Прејслер – вдовицата на пејачот Хулио Иглесијас и мајка на поп-ѕвездата Енрике Иглесијас.
Нивната врска, која привлече значително медиумско внимание, заврши во 2022 година.
За блискоста меѓу Маркес и Љоса што заврши со тупаница
Варгас Љоса и Габриел Гарсија Маркес, еден од великаните на јужноамериканската книжевност, некогаш блиски пријатели, но доживеале драстичен прекин на односите.
Во 1971 година, Варгас Љоса ја објавил книгата „Гарсија Маркес: Историја на едно богоубиство“ (García Márquez: historia de un deicidio), која всушност била негова докторска дисертација на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид.
Книгата била посветена на Гарсија Маркес, но по нејзиното објавување, двајцата престанале да комуницираат. Судирот кулминирал во 1976 година, кога Варгас Љоса го удрил Маркес со тупаница во лицето, а причината за инцидентот никогаш не била официјално објаснета.
Фотографија на Гарсија Маркес со модрица под окото се појави дури во 2007 година, што повторно ја разбуди јавната љубопитност за нивниот конфликт.
Сепак, истата таа година, Варгас Љоса дозволил дел од неговата книга да биде искористен како вовед за 40-годишното издание на романот „Сто години самотија“, кое повторно било објавено во Шпанија и Латинска Америка.
Поетика на раскажувањето
Она што го одвојува Варгас Љоса од другите не се само политичката или лична контроверзност – туку стилот. Неговото писмо е сложено, богато со ретроспекции, повеќе перспективи, внатрешни монолози и со метафикција. Или како што самиот рече еднаш, „Писателите се егзорцисти на сопствените демони“.
Варгас Љоса сакаше да го предизвика читателот. Да не му подари приказна на тацна, туку да го натера да ја пресоздаде, да влезе во лавиринтот на човечката слабост и сила. Се интересираше за теми како диктатурата, бирократијата, моралниот пад, но и за интимната човечка драма. Дури и кога зборуваше за држави, зборуваше за поединецот. И обратно.
Неговиот стил беше синтеза на европскиот модернизам и на латиноамериканската фантазија – без да влезе во светот на магичниот реализам. Напротив, Варгас Љоса ја бранеше реалноста, колку и да беше болна, како најсилен мотив во литературата.