ГО СТРЕЛАА, ПА ГО СЛАВЕА КАКО „БУГАРСКИ“ ПОЕТ Која беше земјата на Никола Јонков Вапцаров?
„Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“, ќе напише поетот во 1938 година.
На денешен ден, 23 јули, во 1942 година, на Гарнизонското стрелиште во Софија, се стрелани Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, македонски револуционери.
Никола Јонков Вапцаров е исклучителен поет, кого Бугарија го смета за свој, затоа што творел на бугарски јазик. Но, во својот „Реферат“, напишан за основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок во 1938 година, поетот ќе напише:
„Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“.
Никола Јонков Вапцаров е роден во Банско на 7 декември 1909 година. Нашата историографија го смета за македонски писател со бугарско државјанство.
Во текот на животот, прогонуван е поради својата револуционерна дејност. Поради членството во Бугарската комунистичка партија бил на удар на профашистичките реакционерни сили во Бугарија. Според сведоштвото на Георги Караславов искажано во „Средби и разговори со Никола Вапцаров“ (Софија, 1961), припадниците на ВМРО на Иван Михајлов извршиле неуспешен атентат врз Вапцаров. Се смета дека причината за ова е што неговиот татко Јонко бил „протогеровист“ и противник на михаиловистите. Самиот Никола Вапцаров кажал дека обидот за убиството бил поради неговата комунистичка активност во фабриката во која што работел.
Во 1941 и 1942 година Никола Јонков Вапцаров активно работи како диверзант и соработник на централниот комитет на Бугарската комунистичка партија. На 4 март 1942 година Вапцаров бил уапсен, заедно со Атанас Романов и Антон Попов, по што бил подложен на измачување од полицијата во текот на четири месеци. Заедно со поголема група антифашисти, во судскиот процес против ЦК БРП, Вапцаров бил осуден на смртна казна, без право на жалба. На 23 јули 1942 година, во 11 часот, во присуство на најблиските, на Вапцаров и на другите осудени им била прочитана пресудата. Истата вечер, во 21 часот и 10 минути, Никола Вапцаров и Антон Попов, заедно со четворица други бугарски комунисти, биле стрелани.
Изјавите на семејството на Вапцаров за него биле во голема зависност од политичката состојба во Бугарија. Така, за време на судскиот процес, на 15 јули 1942 година, мајка му Елена напишала молба до царот Борис III со следниве зборови: „Ваше величество, младите години си ги дадов за Бугарија, залакот од устата и оној на децата го делев со сите апостоли за слободата на Бугарија …. Мојата молба е милост, милост, Ваше величество, дарувајте му го животот, преземам одговорност дека ќе се потрудам да му влијаам, дека тој ќе стане добар Бугарин“.
Во очајните обиди да го спасат неговиот живот, сестра му Рајна отишла дури подалеку во својата молба до царот: „Мајка беше вистинска Бугарка и за неa родината беше најскапото нешто. Таа сакаше да ја види слободна од Дунав до Егејот бел, и од Албанската пустина до Црноморските води. И сега кога срцата на сите се радуваат, мојата мајка не може да се радува, оти нејзината мечта се остварила, бидејќи нејзините двајца синови се обвинети како комунисти.“
Неколку години подоцна, за време на културната автономија во Пиринска Македонија, при средба со македонски писатели, Елена Вапцарова изјавила: „Најпосле дочекав да се сретнам со македонски писатели, колеги на мојот Кољо. И тој со нив ќе дојдеше ако беше жив, но го убија крвниците… Некои после ослободувањето, ме прашаа – чиј поет е тој? Одговорив со неговите зборови: ‘Над мојата земја в небото се опира Пирин, и мугрите в бури илинденски приказни пејат, над Охрид лазурот е просторен и син, а уште надолу е светлиот брег на Егејот’. Секако, поетот не може да поседува со тапија, но ако постои тоа, во тој случај тапија ќе бидат неговите стихови“.
Братот на Никола, Борис, изградил успешна кариера како комунистички функционер и целосно ја следел политиката на БКП, вклучително и во однос на македонското прашање. Неговите деца, Маја и Никола, на ист начин го продолжиле искачувањето кон политичката елита. Нивната злоупотреба на името на Никола Вапцаров за корисни цели завршила со уништување на неговиот гроб, што предизвикало повеќемесечен скандал.
Но, како и да е, дилемата за тоа која е земјата на големиот поет, за која копнее, ја расчистува самиот тој, во стиховите на неговата незаборавна песна со наслов „Земја“:
Таа земја,
сега што ја чекорам,
таа земја,
в пролет што ја буди југот,
таа земја – своја не ја знам
таа земја
простете: е туѓа!
Рано тргам.
По фабричен друм
безброј рубашки
се тискаат,
се ројат.
Слеани сме со срце,
со ум,
но земјава … чунки не е моја!
Над мојата земја
в пролет
сјај се плиска,
водопади грмат
од сонце
набликнато.
Ја сеќаваш в срце,
ти, неа за блиска
и гледаш кај скокум
безброј цвеќиња никнат.
Над мојата земја,
до небото
Пирин се крева.
Боровите в бура
илинденски приказни пеат.
Над Охрид модрината
во просторот се слева,
а подолу уште
на Егејот далги се леат.
Сал ќе си спомнам.
И крвта в миг ќе сјури
в срцето, кое
се топи в некаква нежност…
Мој роден крај! Крај личен…
Лулан в бури,
поен со крв
среде витлавици мрежни!
…
Непосредно пред да биде стрелан, Никола Јонков Вапцаров ја напишал оваа песна со наслов „Проштална“, со која се простил со својата сопруга Бојка:
Понекогаш ќе ти доаѓам на сон,
како нечекан и несакан гостин.
Не ме оставај ти надвор, на патон
– вратата не ја лости.
Ќе влезам тивко, кротко ќе седнам,
ќе вперам поглед во мракот да те видам.
Кога ќе се нагледам –
ќе те бакнам и ќе си отидам.