ГИ ПРОУЧУВАЛЕ КАЗИНАТА ЗА ДА НАУЧАТ КАКО СЕ КРЕИРА ЗАВИСНОСТ!? Почна историското судење против социјалните мрежи
Користејќи невробиолошки техники слични на оние во казината, компаниите инженерски ја осмислиле зависноста во мозоците на децата со цел остварување профит, тврдат адвокатите на тужителите. Интерни документи на компаниите покажуваат дека тие биле свесни за штетноста на нивните практики, но интересите на огласувачите и задржувањето на корисниците биле ставени пред безбедноста на малолетниците.
Во Лос Анџелес вчера почна историскиот судски процес во кој технолошките компании Гугл (Google), сопственик на Јутјуб (YouTube) и Mета (Меtа), сопственик на Инстаграм (Instagram). се товарат за свесно дизајнирање платформи што предизвикуваат зависност.
Тужбата, поднесена од 20-годишната Кејли Г. М., тврди дека наведените платформи биле намерно дизајнирани со користење на невробиолошки техники слични на оние во казината, со цел децата и младите да се задржат во состојба на зависност. Тужителката наведува дека нејзиното долгогодишно користење на сервисите, кое започнало уште во раното детство, директно придонело за развој на тешка депресија и самоубиствени мисли.
Адвокатот на тужителката во воведните зборови истакна дека компаниите „инженерски ја осмислиле зависноста во мозоците на децата“ со цел остварување профит. За време на излагањето користел реквизити како минијатурни автомати за игри на среќа за да повлече паралела меѓу алгоритмите на социјалните мрежи и индустријата за коцкање. Тужителот тврди дека интерни документи на компаниите потврдиле дека биле свесни за штетноста на нивните практики, но интересите на огласувачите и задржувањето на корисниците биле ставени пред безбедноста на малолетниците.
Од друга страна, правните тимови на тужените корпорации остро ги отфрлаат сите наводи. Адвокатот на Јутјуб во своето обраќање до поротата нагласи дека сервисот технички воопшто не е социјална мрежа, туку платформа за забава и едукација, споредувајќи ја со услуги како Нетфликс. Според него, платформата не се обидува да го „репрограмира мозокот“, туку само нуди содржини што корисниците сакаат да ги гледаат, како музички спотови или спортски прегледи.
Одбраната дополнително се потпира на медицинската документација на тужителката, тврдејќи дека во повеќе од 10.000 страници записи нема ниту еден доказ за клиничка зависност од Јутјуб. Адвокатите на Мета исто така истакнаа дека нејзините психички проблеми биле предизвикани од други животни околности, вклучувајќи семејни трауми и врсничко насилство, а не од користењето на Инстаграм. Тие нагласуваат дека компаниите континуирано воведуваат нови заштитни мерки за младите корисници.
Овој случај претставува прв во низата тест-процеси што би можеле да постават правен преседан за повеќе од 1.600 слични тужби низ Соединетите Американски Држави. Иако платформи како Тик-ток (TikTok) и Снепчет (Snapchat) претходно постигнале спогодби во слични спорови, со необјавени износи на исплатени отштети, Гугл и Мета одлучија да влезат во судска битка. Се очекува дека за време на судењето, кое би можело да трае до осум недели, ќе сведочат и нивните извршни директори, вклучувајќи го и Марк Закерберг.
Исходот од ова судење би можел темелно да го промени начинот на кој технолошките компании ги дизајнираат своите производи и управуваат со алгоритмите за младите корисници. Поротата ќе треба да одлучи дали функции како бесконечното скролање и автоматската репродукција се штетни дизајнерски решенија или едноставно функционалности на современите дигитални услуги.