ГЕРМАНСКИТЕ ВОЈНИЦИ ПО ГРЕШКА ДОБИЛЕ УНИФОРМИ СО „СС“ Симболот требало да ја означи големината на облеката
Двете спорни букви се појавиле и на друга воена опрема дадена на германските војници, како што се шлемови, вреќи за спиење и водоотпорни јакни.
Германското Министерство за одбрана неодамна им испратило на своите војници воена опрема вредна околу 2,3 милијарди евра. Меѓутоа, проблемот настанал откако војниците забележале дека на дел од воената опрема има спорна ознака „SS“, пишува The Jewish Chronicle.
Министерството за одбрана им наредило на војниците да ги отстранат етикетите „SS“ од униформите, што всушност требало да ја означува големината на тие јакни („мали, кратки“). Двете спорни букви се појавиле и на друга воена опрема дадена на германските војници, како што се шлемови, вреќи за спиење и водоотпорни јакни.
Спорните букви се поврзани со SS (Schutzstaffel), паравоена организација од нацистичката ера која ја спроведуваше репресивната расна политика на Третиот Рајх и учествуваше во масакрот на 6 милиони Евреи и други малцинства во Холокаустот.
Германскиот закон забранува употреба на иконографија поврзана со нацистичката ера, а комбинацијата на буквите „S“ и „S“ е дури и забранета на регистарските таблички на автомобилите низ целата земја. Од Министерството уште не знаат колку униформи го имаат спорниот натпис, но уверуваат дека грешката не е широко распространета.
Од министерството изјавиле дека имало грешка при производството и дека веднаш реагирале.
„Во моментов сме во контакт со производителот за да истражиме што се случило. Знаеме дека тоа изгледа многу чудно за јавноста, па стана нешто со кое моравме веднаш да се справиме. Водиме истрага и штом имаме јасни резултати ќе размислиме што да правиме тогаш“, заклучуваат оттаму.