ГЕРМАНСКА ЧИЗМА ЌЕ ЗГАЗИ НА МЕСЕЧИНАТА Првиот астронаут на мисијата „Артемис“ ќе биде Германец
Како најизгледни кандидати се споменуваат германските астронаути Александар Герст и Матијас Маурер, двајцата со искуство од летови до Меѓународната вселенска станица.
Првиот европски астронаут што ќе замине кон Месечината во рамките на програмата „Артемис“ ќе биде од Германија, соопшти генералниот директор на Европската вселенска агенција (ЕСА), Јозеф Ашбахер, пред министерскиот совет на агенцијата во Бремен.
Според програмата „Артемис“, луѓето треба да се вратат на Месечината околу 2027 година. Иако за првиот екипаж се очекува да доминираат астронаути од Северна Америка, Европа успеа да обезбеди три места за свои претставници.
– Одлучив првите Европејци што ќе летаат на Месечината да бидат дел од програмата „Артемис“. Бараме германски астронаут да се придружи на екипажот – изјави Ашбахер.
Како најизгледни кандидати се споменуваат германските астронаути Александар Герст и Матијас Маурер, двајцата со искуство од летови до Меѓународната вселенска станица (МВС), што ги прави природен избор за ваква историска мисија.
Програмата „Артемис“ веќе ги направи првите чекори. Првата мисија без екипаж, „Артемис I“, беше реализирана во 2022 година, кога моќната ракета и вселенското летало ја обиколија Месечината и се вратија на Земјата, тестирајќи критични системи пред лет со луѓе. Следната пролет е планирана мисијата „Артемис II“, во која тројца Американци и еден Канаѓанец ќе орбитираат околу Месечината, без слетување, но со целосно екипажно тестирање на целата мисија. Веќе следната година потоа се очекува да се случи првото слетување на Месечината по 1972 година, што ќе означи враќање на човештвото на лунарната површина по повеќе од половина век.
Паралелно со тоа, во рамките на „Артемис“ се подготвуваат и неколку дополнителни мисии кои ќе ги однесат астронаутите до таканаречената лунарна порта – орбитална станица околу Месечината, која ќе служи како попатна точка и логистички центар за полесен пристап до нејзината површина. Токму таму европските астронаути, вклучително и германскиот претставник, би можеле да играат клучна улога, бидејќи ЕСА учествува со технологии, модули и услуги во оваа инфраструктура.