ГАЗА ЌЕ БИДЕ „РИВИЕРА НА БЛИСКИОТ ИСТОК“, САМО СО ПАЛЕСТИНЦИТЕ ВО НЕА Што нуди египетскиот план како противтежа на оној на Трамп?

Сè уште има голем број променливи кои би можеле да го усложнат египетскиот план за Газа. Можеби најважно, не е јасно дали Хамас, Израел или САД ќе се согласат на истиот.

763

Арапските држави го усвоија египетскиот план за реконструкција на Газа, обезбедувајќи потенцијален пат кон напредок по разорната војна на Израел врз палестинската енклава, објави Ал Џазира.

Египет го претстави својот план во вторникот додека беше домаќин на Самитот на Арапската лига во главниот град Каиро.






Планот нуди алтернатива на предлогот на претседателот на САД, Доналд Трамп, за депопулација на појасот Газа за да се развие енклавата, но под контрола на САД. Според египетскиот план, палестинското население во Газа нема да биде принудено да ја напушти територијата.

Трамп инсистираше Египет и Јордан да ги земат Палестинците, принудени да заминат од Газа, со неговиот план, но тоа беше брзо отфрлено, а САД сигнализираа дека се отворени да слушнат каков би бил арапскиот план за повоена обнова на Газа.

Говорејќи на почетокот на самитот, претседателот на Египет, Абдел Фатах ел Сиси, рече дека Трамп ќе може да постигне мир во израелско-палестинскиот конфликт.

Еве сè што треба да се знае за планот, врз основа на текстот на Ал Џезира, како и според нацрти на планот за кои известуваат новинската агенција Ројтерс и египетскиот весник Ал-Ахрам.

Привремени мерки, реконструкција, а потоа ќе се одбере власта

Планот се состои од 3 главни фази: привремени мерки, реконструкција и управување.

Првата фаза би траела околу 6 месеци, додека, пак, следните 2 фази би се одвивале во времетраење од од 4 до 5 години.

Целта е да се реконструира Газа – која Израел речиси целосно ја уништи – да се зачуваат мирот и безбедноста и повторно да се потврди владеењето на Палестинската самоуправа (ПС) на територијата, 17 години откако беше исфрлена по борбите меѓу Фатах, која доминира со Палестина, и Хамас.

Како би се обновила Газа според планот?

Во шестмесечен привремен период комитет од палестински технократи, кои работат под раководство на Палестинската самоуправа, треба да ги расчистат урнатините од Салах ал-Дин кој е главниот автопат за север-југ во Појасот Газа.

Откако ќе се расчистат патиштата, ќе се изградат 200.000 привремени станбени единици за сместување 1,2 милиони луѓе и ќе се обноват околу 60.000 оштетени згради.

Според планот, за долгорочна реконструкција се потребни дополнителни 4 до 5 години по завршувањето на привремените мерки. Во тој период, планот има за цел да се изградат најмалку 400.000 постојани домови, како и да се обноват пристаништето и меѓународниот аеродром во Газа.

Постепено ќе се обноват и водоводниот систем, системот за отпад, телекомуникациските услуги и системот за довод на електрична енергија.

Планот понатаму повикува на формирање Управен совет кој би бил финансиски фонд за поддршка на привременото раководно тело во Газа.

Независни палестински технократи на власт

Планот предвидува група „независни палестински технократи“ да управуваат со Газа, односно да го заменат Хамас.

Технократската влада би била одговорна за надгледување на хуманитарната помош и би го отворила патот за Палестинската самоуправа да управува со Газа, според Ел Сиси.

Во планот не се спомнуваат избори, но, говорејќи на самитот во вторник, претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, рече дека изборите би можеле да се одржат следната година доколку дозволат околностите.

Египет и Јордан ветија дека ќе обучуваат палестински полицајци и ќе ги распоредат во Газа. Двете земји, исто така, го повикаа Советот за безбедност на Обединетите нации да размисли за овластување мировна мисија која ќе го надгледува управувањето во Газа додека не заврши реконструкцијата.

Обновата на Газа ќе чини милијарди долари

Египет бара 53 милијарди долари за финансирање на реконструкцијата на Газа, а парите ќе бидат распределени во 3 фази.

Во првата шестмесечна фаза расчистувањето на урнатините од патот Салах ал-Дин, изградбата на привремени станови и обновувањето на делумно оштетените домови би чинеле 3 милијарди долари.

Втората фаза би траела 2 години и би чинела 20 милијарди долари. Во оваа фаза би продолжила работата на отстранување шут, како и воспоставување комунални мрежи и изградба на повеќе станбени единици.

Третата фаза би чинела 30 милијарди долари и би траела 2 и пол години. Тоа би вклучувало комплетирање станови за целото население во Газа, воспоставување на првата фаза на индустриска зона, изградба на рибарски и трговски пристаништа и изградба на аеродром, меѓу другите услуги.

Според планот, парите ќе бидат набавени од различни меѓународни извори, вклучувајќи ги ОН и меѓународните финансиски организации, како и од инвестициите од странскиот и приватниот сектор.

Дали планот ќе функционира?

Сè уште има голем број променливи кои би можеле да го усложнат планот. Можеби најважно, не е јасно дали Хамас, Израел или САД ќе се согласат на истиот.

Хамас го поздрави планот за реконструкција и претходно се согласи за технократска влада. Но, помалку е јасно дали ќе го прифати враќањето на Палестинската самоуправа која самата би се соочила со перцепцијата од нејзините критичари дека се вратила во Газа на грбот на израелските тенкови.

Хамас можеби е подготвен да разговара за неговото отстранување од власта, но е категорично против неговото разоружување – нешто што египетскиот план, усвоен од Арапската лига, не го дискутираше.

Израел јасно стави до знаење дека тоа е црвената линија и дека на Хамас нема да му биде дозволено да го задржи оружјето. Но, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, рече и дека нема да дозволи Палестинската самоуправа да се врати во Газа.

Исто така, се поставува прашањето дали Трамп ќе се откаже од својата идеја за „Ривиера на Блискиот Исток“, под контрола на САД – за египетскиот план. Тешко е да се предвиди каква ќе биде позицијата на Трамп, особено ако Израел го сигнализира своето противење на египетскиот план.

Белата куќа сака да соработува со арапските партнери, но не со Хамас

Како одговор на планот на Египет, Израел рече дека арапските држави треба „да се ослободат од претходните ограничувања и да соработуваат за да создадат иднина на стабилност и на безбедност во регионот“.

Наместо тоа, Израел продолжува да го поддржува планот на Трамп за раселување во Газа кој одекнува на долгогодишниот повик од израелската екстремна десница за депопулација на Газа.

Египет го нарече одговорот на Израел „неприфатлив“, а министерот за надворешни работи, Бадр Абделати, ја опишува позицијата на владата на Нетанјаху како „тврдоглава и екстремистичка“.

Абделати рече дека би било невозможно да се види мир во регионот без независна палестинска држава.

– На ниедна држава не треба да ѝ се дозволи да ѝ ја наметне својата волја на меѓународната заедница – додаде тој.

Белата куќа продолжува да стои на планот на Трамп за Газа, но рече дека ќе ја поздрави соработката со регионалните партнери, освен со Хамас.

– Иако претседателот стои на својата храбра визија за повоена Газа, тој го поздравува придонесот на нашите арапски партнери во регионот. Јасно е дека неговите предлози го поттикнаа регионот да дојде на маса наместо да дозволи ова прашање да премине во понатамошна криза. Претседателот Трамп беше јасен дека Хамас не може да продолжи да управува со Газа– изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Брајан Хјуз.

Поврзани содржини