ГАЛЕРИЈА ОД СУДБИНИ ВО ЗБИРКАТА РАСКАЗИ „КОГА ЗАМИНАВ ОД КАРЛ ЛИБКНЕХТ“ Моќта на Лидија Димковска да раѓа ликови за сите јазици
Свесна за тоа дека миграцијата не само што изнудува големи економски и општествени промени, туку и дека одново ја бранува книжевноста, Димковска ја отвора дилемата на писателот-имигрант, на книжевникот кој твори во туѓа земја, на мајчин јазик, за светски теми, кога вели: „... и јас живеам во дом-дводом-без дом“.
Просто е невозможно да се поверува на предупредувањето на Лидија Димковска дека сите ликови и приказни во нејзината збирка раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“ („Или-Или“, 2019) се измислени. Само што ќе ги прочитате нивните куси обраќања замислени на собирот во спомен домот на Карл Либкнехт, по повод 99-годишнината од смртта на големиот германски левичар и соработник на Роза Луксембург, добивате впечаток дека тукушто сте се запознале со нови луѓе и сте разговарале со нив очи в очи. Но, она што го трогнува читателот се нивните толку реалистични и толку блиски, современи животни приказни во кои нема табу теми.
Миграцијата, преселбите водени од голата егзистенција, поради работа или за подобар живот, по неколкудецениска пауза, повторно се масовно болна тема во светот. Она што ги поврзува сите ликови во збирката е дека некаде во светот живееле на истоимената улица „Карл Либкнехт“ или посетувале некој објект кој го носи неговото име.
Сте помислиле ли некогаш какви судбини имаат жителите на вашата улица? Вашите први соседи кои не ги ни познавате? Што ги довело таму или што ги одвело оттаму? Дали се среќни што ја делат истата адреса со вас или сето зло во нивниот живот ѝ го припишуваат токму на локацијата на која покорно ѝ се враќаат секоја вечер, одново и одново, враќајќи ѝ се всушност на својата тајна.
Ете за такви судбини раскажува Димковска додека нѐ запознава со извонредниот тинејџер Јулијан, кој еден ден ќе скокне од прозорецот од својата соба; со Али, надежниот поет а сега бегалец од Ирак, кој додека преспива крај стадионот „Карл Либкнехт“ сонува повторно да се спои со неговата сопруга и чедо, за кои последно чул дека стасале до Лезбос; за Борис, синот единец од мешан брак на Бугарин и Србинка, за кого од мал никогаш никој не рекол добар збор, па ни родителите – а денес чмае во затвор зашто го убил соседот Французин; за скопјанката Ирена која нашла спас во изучувањето на албанскиот јазик и надеж да избега засекогаш од нејзиното налудничаво семејство кое по дома шетало голо и од брат кој се обидел да ја силува; за Михаљ кој бил роден во Германија но одеднаш се почувствувал како роден Србин и заминал да се бори во Босна каде сторил силувања и убиства, по што избегал во Руанда, Африка; за уникатната размена на живеалиштата на Русинот Јуриј од Днепропетровск, Украина, кој на Украинецот Остап од Доњецк му го отстапил својот дом за го извлече од пропаста и од сѐ поблиската смрт…
Со оваа збирка раскази Димковска се потврдува како зрел и искусен автор, кој третира светски теми за кои сѐ погласно се пишува. Тоа се теми кои го менуваат текот на историјата особено во Европа и го фокусираат интересот на писателите од сите земји. Свесна за тоа дека миграцијата не само што изнудува големи економски и општествени промени, туку и дека одново ја бранува книжевноста, Димковска ја отвора дилемата на писателот-имигрант, на книжевникот кој твори во туѓа земја, на мајчин јазик, за светски теми, кога вели: „… и јас живеам во дом-дводом-без дом“. За потоа да додаде: „Всушност, отсекогаш верував во светската книжевност. Можеби европската е нашиот спас? Повеќе јазици – една книжевност? Па јас знам повеќе јазици, ама само на еден знам да раѓам литература…“
Да, веројатно националноста ги одбива писателите кои не творат на нејзиниот јазик, но читателите, каде и да се, дури и заглушени од какофонијата на светот во мало, собран на улицата „Карл Либкнехт“, секогаш се привлечени од истите теми што го мачат човештвото. А црвот на современата миграција и потрагата по сопствениот идентитет се само некои од нив!