(ГАЛЕРИЈА) „ГЛУТНИЦА БУГАРСКИ ПРЕДАВНИЦИ ГИ ПРЕДАДОА МОШТИТЕ“ Државниот архив во Софија откри необјавени фотографии од коските и саркофагот на Гоце Делчев

Евгениј Еков од Централниот државен архив во Софија ги едначи зборовите „предавање“ (на моштите) со „предавство“ зборувајќи за саркогафот на Гоце Делчев. Тој ги реди имињата на сите кои учествувале во делегацијата и кои предложиле ова да се случи нарекувајќи ги „глутница бугарски и македонски предавници“.

1,929

„Глутница бугарски и македонски“ предавници ги предале моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, а човекот кој го предал саркофагот бил Бугарин кој во Скопје предал уште еден „стоотстотен Бугарин“ вели за БГНЕС експерт од Централниот државен архив во Софија по повод 120 години од смртта на македонскиот револуционер во селото Баница, Серско на денешен ден.

Евгениј Еков од архивот раскажува кои биле точно луѓето кои овозможиле да биде предаден саркофагот, меѓу кои Стефан Аврамов и Кимон Георгиев, од македонска и од бугарска страна, а посочува дека имало и мотивационо писмо упатено на шефот на делегацијата која ги пренесувала коските до владата на тогашна социјалистичка Македонија.






За него сите тие луѓе се Бугари или одродени Бугари. Тој ги едначи зборовите „предавање“(на моштите) и „предавство“.

Притоа, Државниот архив во Софија по 77 години одлучи да објави фотографии од черепот, коски од нозете и рацете на Делчев, како и делови од саркофагот. Овие фотографии биле причина за интервјуто со Еков.

– За прв пат прикажуваме уникатни 52 кадри кои раскажуваат за предавството на смртните останки на водачот на ВМОРО Гоце Делчев од Софија до Скопје пред 77 години. Записите говорат и за глутницата бугарски и македонски предавници, сите со заеднички бугарски корен – вели Еков.

Станува збор за уникатни негативи кои содржат снимки од трансферот на Гоце Делчев од Софија во Скопје на 7 и 8 октомври 1944 година.

– Тие се толку уникатни што овој настан досега беше претставен само со два записи во весниците и сеќавањата на учесниците, кои исто така ќе бидат прикажани во нивната „величественост“ и од бугарска и од југословенска страна. Откритието става нова страница во историјата на Гоце Делчев. Исто така, учесниците во ова предавство ќе бидат обезличени на предавничкиот столб – нагласи Еков.

Аврамов ги убедуваше сестрите на Делчев да ги предадат моштите

За Еков, тој што прв спомнал за предавањето на саркофагот бил предавник. Тој го посочува Стефан Аврамов од Чирпан, претседателот на Илинденската организација.

– Еден 100 отстотен Бугарин му предава на Скопје друг 100 отстотен Бугарин – вели Еков за Аврамов.

– Во Бугарија дури има натпревар кој е најголемиот предавник. На шампионатот на Стефан Аврамов се натпреварува претседателот на Македонскиот национален комитет, Христо Калајџиев.  Како резултат на тоа се појавува многу долго писмо од Стефан Аврамов, кое е хроника за неговите заслуги во предавањето на коските на Гоце Делчев и опис на неговите обиди да ги убеди своите роднини, пред сè сестрите на Гоце Делчев, да се согласат да го предадат – ја продолжува Еков својата верзија на приказната.

Кимон Георгиев и Червенков помогнаа да се донесе одлуката

– На крајот, како резултат на големиот притисок, вклучително и од властите предводени од Кимон Георгиев и Валко Червенков, и самиот родум од Македонија и зет на уште еден познат „Македонец“, Ѓорѓи Димитров, одлуката е донесена. Да ги предадат – вели тој едначејќи го зборот „предавање“ со „предавство“.

Според Еков, Тито „со оган и меч“ му ја наметнал на Ѓорѓи Димитров тезата дека Македонците не се ниту Бугари, ниту Срби, туку посебен народ, а биле потребни две години да се разберат владите од Скопје и Софија за предавањето на моштите.

„Предавници“ кои долго време живееја на бугарска софра

Ковчегот на Гоце тргнал од таканаречената Македонска куќа на улицата Пировска во Софија, поминувал низ централната улица Тарговска на чие место денес се наоѓа Партискиот дом.

Тука Еков почнува да ги набројува присутните, според него, „предавници“:

– Освен Стефан Аврамов и Христо Калаиџиев, го гледаме и Кирил Петрушев – министер за труд во Република Македонија, кој е шеф на делегацијата; Амбасадорот Никола Ковачевиќ – Бугарин од денешна Македонија кој го сменил името од Ковачев, генералот Кирил Михаиловски Груица, еден од набрзина произведените генерали на диктаторот Тито, чие партизанско име доволно зборува за неговата ориентација, Диме Бојановски – Дизе – министер за трговија и поранешен бербер од Прилеп, Лазар Станев, претседател на Народен фронт во Скопје.

„Вера Ацева полуде убивајќи Бугари“

Еков ја спомнува и прославата која се случила во Народниот театар по овој повод. Тој вели дека таму биле академици кои „долго време живееле на бугарска софра“.

– Во Народниот театар, каде што се одржува „прославата“, во ложата до македонските гости се премиерот Кимон Георгиев и министерот за информации Димо Казасов. За сликата да биде целосна, говорот за Гоце дело го прочитал обичен научник во тоа време, но иден академик Тодор Павлов. Меѓу учесниците кои можеме да ги видиме на фотографиите се и „лице кое долго време живеело на бугарска софа, но потоа во 70-тите се преселило во Скопје“ – Лика Чопова-Јурукова, внука на Гоце Делчев од неговата сестра Руша Чопова – вели Еков.

Еков има посебни зборови за народната македонска хероина Вера Ацева, која според него „полудела убивајќи Бугари“.

– На церемонијата присуствуваше и „најжестоката и бугаромразена претседателка на Антифашистичката федерација на жените на Република Македонија, Вера Ацева, која поради злосторствата што ги направи со убивањето Бугари во родниот Прилеп, конечно полуде – зборува бугарскиот експерт.

– Ова е глутницата бугарски и македонски предавници, сите со заедничко бугарско потекло, кои на почетокот на октомври го извршија предавството на коските на Гоце Делчев од Софија до Скопје – нагласи Евгениј Еков.

Ковчегот потоа поминал низ Дупнуица, Горна Џумаја, Свети Врач и преку Петрич влегол во Струмица, Велес, Штип за на 11 октомври биде поставен во камената крипта во црквата свети Спас во Скопје.

фото: јутјуб/бгнес/принтскрин

Не може да има посрамен документ?!

Еков во Државниот архив открил и уште еден документ. Тоа е мотивационо писмо на шефот на делегацијата за пренос на коските, Кирил Петрушев, кое е испратено до Владата на Република Македонија.

– Самиот протокол содржи имиња на национални предавници. Од македонска страна – Кирил Петрушев, Диме Бојановски и Лазар Танев. Од бугарска страна се веќе споменатиот Стефан Аврамов, како претседател на Акцискиот комитет за пренос на коските, потпретседателот на истиот Комитет, познатиот Македонец од Пиринско, Михаил Сматракалев, секретарот Георги Абаџиев, членовите Христо Миладинов, Радои Спасов, Петар Трајков – познат терорист во српската служба, Лика Чопова Јурукова. Не може да има посрамен документ кој ги обвинува за злосторство против бугарската национална историја и меморија. Подолу се потписите и на македонските и на бугарските национални предавници – потенцира Еков за БГНЕС.

Телото не се распаѓало, било царинето, па бил изработен ковчег од Македонец

Трупот на Гоце бил чуван во саркофагот од 1923 до 1946 година кога бил преместен во  камената крипта во црквата Свети Спас во Скопје. Но, при самата смрт Гоце првично бил погребан во црквата во селото Баница, за дури три години подоцна, во 1906-та, Михаил Чаков да ги извади коските и да ги однесе во Пловдив.

Притоа биле платени повеќе царини. Се вели дека торзото останало нераспаднато и по првите три години.

По Првата светска војна телото пристигнува во Софија, а во 1923 година ѝ е предадено на организацијата „Илинден“.

По налог на властите во тогашна Социјалистичка Република Македонија нов саркофаг изработил занаетчијата Насте Мирчевски од Дебарското училиште.

– Всушност, ова е саркофагот во кој и денес се наоѓаат коските во камената гробница во дворот на црквата Свети Спас во Скопје – објаснува Еков.

 

 

 

Поврзани содржини