(ФОТО) ОВА Е АГАР, РОБОТОТ ОД НИШ Коси трева, ора, копа, а може да бере и сливи
Роботот од Ниш, за разлика од другите слични роботски платформи што се на пазарот, ќе може да се користи на ридски терени бидејќи е конструиран така што може да се прилагоди на наклон до 40 степени, појаснуваат неговите автори.
Во Ниш беше промовиран роботот Агар кој може да ги извршува речиси сите земјоделски работи – може да коси трева, да ора, да сади, да прска, да наводнува и да бере плодови. Земјоделскиот робот кој вчера ја косеше тревата на Градското поле во Ниш е создаден од експерти од нишката компанија „Коминг“ и професори на Машинскиот факултет во Ниш.
Нишкиот робот Агар, кој наликува на мал трактор, според неговите автори, ќе се најде во продажба во Србија пред крајот на оваа година, пренесуваат српските медиуми.
Во домаќинствата што ќе го имаат ќе може да ги извршува речиси сите земјоделски работи, почнувајќи од орање, садење, прскање, наводнување, па се до берење плодови.
Агар ќе може да бере јагоди, а за неколку секунди роботската платформа ќе може сама да се приспособува и да се подигне, така што неговата рака може да допре до јаболка, сливи или други плодови на висина од два метри.
Истовремено, роботот од Ниш, за разлика од другите слични роботски платформи што се на пазарот, ќе може да се користи на ридски терени бидејќи е конструиран така што може да се прилагоди на наклон до 40 степени.
Освен тоа, Агар може да работи без прекин 24 часа на ден, додека луѓето не мора постојано да работат со него.