ФЕЈСБУК И ИНСТАГРАМ СО ПРЕТПЛАТА Мета воведува новина, цената варира во зависност од платформата
Компанијата Мета најави нова опција која им овозможува на корисниците во Европа пристап до популарните социјални мрежи Фејсбук и Инстаграм без реклами, но со одредена претплата од 9,99 односно 12,99 евра месечно зависно од платформата.
Како одговор на зголемените европски регулативи за заштита на податоците на корисниците, компанијата Мета ќе понуди услуга за претплата без реклами за корисниците во Европа. Цената на претплатата варира во зависност од платформата
Мета најави нова опција за претплата која им овозможува на корисниците во Европа пристап до популарните социјални мрежи Фејсбук и Инстаграм без реклами.
Услугата за претплата ќе биде достапна од ноември, по цена од 9,99 евра месечно за пристап преку веб и 12,99 евра месечно за пристап на уредите со Android и iOS. Оваа опција ќе биде достапна за сите во Европската унија, Европската економска област и Швајцарија.
Како причина за ваквата одлука, компанијата ги истакна сè поригорозните регулативи во Европа во однос на собирањето и користењето на податоците за корисниците. Во блог објавен денеска, Мета ја цитираше одлуката на Судот на правдата на Европската унија од јуни годинава, која сугерираше дека компаниите треба да ги разгледаат алтернативните опции за услуги „доколку е потребно, за соодветна компензација“.
Мета, исто така, најави дека ќе продолжи да обезбедува услуги поддржани од реклами на овие пазари без дополнителни трошоци за клиентите кои не сакаат да се претплатат на новата услуга.
Овој потег е уште еден во низата адаптации на големите технолошки компании кон европските закони за заштита на податоци и приватност. Иако многу корисници веќе пројавија интерес за верзии на социјалната мрежа без реклами, останува да се види како овој модел на претплата ќе се вклопи во пошироката стратегија на компанијата и дали ќе влијае на другите сегменти на пазарот.