ЕТИОПЈАНКА РОДИЛА НА 76 ГОДИНИ Ембајте Медин Хагос го урна светскиот рекорд за најстара мајка

Ембајте Медин Хагос од Мекеле, Етиопија, во февруари 2025 година стана за првпат мајка на неверојатни 76 години! Претходниот рекорд го држеше Индијката Ерамати Мангама, која во 2019-та година, на 73-годишна возраст роди близначки

309

Ембајте Медин Хагос од Мекеле, град во северниот регион Тиграј, Етиопија, во февруари 2025 година, на 76-годишна возраст, станала за првпат мајка со помош на ин витро оплодување (ИВФ) изведено во Индија. Таа родила здраво машко бебе во болницата во Мекеле.

Веста за Ембајте го обиколи целиот свет, предизвикувајќи лавина реакции – од воодушевување, вчудоневиденост и восхит, до сериозни етички дилеми за доцното мајчинство.






До појавата на Ембајте, титулата за „најстара мајка во светот“ ја држеше Индијката Ерамати Мангама, која на 5 септември 2019 година, на 73 години, роди здрави близначки преку ин-витро и со царски рез, после 57 години брак без деца. Нејзината приказна го воодушеви светот, а според достапните информации, иако нејзиниот сопруг починал само една година по раѓањето на близначките, Ерамати е сѐ уште жива.

Случајот со Ембајте е повод да се потсетиме и на Шпанката Мариа дел Кармен Боусада де Лара која во 2006-та, на 66 години роди близнаци по ИВФ третман во САД. Но, приказната имаше тажен крај. Две години подоцна ѝ беше дијагностициран рак и во јули 2009 година почина на 69 години, оставајќи ги синовите на неполни три години.

Овие приказни ја поттикнуваат вечно актуелната дебата – до која возраст е оправдано да се потпомага мајчинството? Поддржувачите велат дека секој човек има право да биде родител, додека критичарите предупредуваат на здравствените ризици и прашањето кој ќе се грижи за децата ако родителот почине премногу рано.

Ембајте Медин Хагос не само што постави нов рекорд, туку и ја отвори темата за тоа колку далеку сме подготвени да одиме во името на родителската желба – и колку сме подготвени како општество да ги прифатиме последиците.

„Воопшто не верував кога ми кажаа дека сум бремена “, изјавила новата најстара мајка на светот, за телевизијата Dimtse Woyane, која објавила и снимки од прославата и крштевката на бебето.

Семејството, како и пошироката јавност, реагирале на веста со неверица и емоции.

На социјалните мрежи има безброј коментари, а некои корисници го нарекоа настанот чудо, особено во земја која сè уште се бори со последиците од војната и политичката нестабилност.

Поврзани содржини