ЕДЕН СКОПЈАНЕЦ ПРЕД 30 ГОДИНИ ЈА ЗАПРЕ ХИПЕРИНФЛАЦИЈАТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА Дедо Аврам го спаси динарот, но се скара со Милошевиќ
Човекот што ја запре третата најголема хиперинфлација во историјата на човештвото и кој ја запре забревтаната ковачница на пари во Топчидер, Драгослав Аврамовиќ, во 1996 година стана опозиционер и му се спротивстави на Слободан Милошевиќ. И тука беше неговиот крај...
„Скратената“ Југославија на Слободан Милошевиќ во раните 1990-ти ја наследи хиперинфлацијата од поранешната федерација. Но, таа беше поттикната и од санкциите на меѓународната заедница.
Цените во текот на денот се зголемувале во просек за 62,02%, односно 2% на час и 0,029% во минута!
Тоа беше третата најголема хиперинфлација во историјата на човештвото, која траеше 24 месеци. Во тој период биле издадени 33 нови банкноти, од кои 24 само во 1993 година. Во јануари 1994 година, месечната стапка на порастот на цените била 313.563.558%, додека растот на курсот на германската марка бил 40.540.440%!
Ковачницата на пари во Топчидер работела во три смени. За симболот на инфлацијата се смета банкнотата од 500.000.000.000 динари, нулта трета во историјата на светот.
Галопот на инфлацијата го запре еден човек по потекло од Скопјје.
На 24 јануари 1994 година, Драгослав Аврамовиќ, 75-годишен пензиониран професор и поранешен експерт на Светска банка, тогаш новоизбрани гувернер на Народната банка на СРЈ, ќе го воведе новиот динар и го врза за германската марка во однос 1:1.
Со еден потег, Аврамовиќ го прекинал печатењето на динарот без покритие и го ставил под контрола. На денешен ден пред 30 години 1 нов динар се менувал за 12 милиони стари динари.
Драгослав Аврамовиќ, или Дедо Аврам, како што го нарфекувале тогаш, е на 14 октомври 1919 година во Скопје, каде што завршил гимназија во 1937 година. Дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1941 година. Докторирал економски науки во 1956 година. Бил советник на Народната банка на Југославија од 1951 до 1953 година, раководител на експертскиот тим за мобилизација на странски фондови од 1946 до 1951 година. Од 1953 до 1977 година работел како економист во Светска банка. Во Светска банка од раководител на Одделот за општи студии се искачил на позицијата директор.
Бил советник на генералниот секретар на Конференцијата на ОН за трговија и развој УНКТАД за прашања од економската соработка на земјите во развој и за општи прашања (1980 — 1984) и економски советник на Банката за трговија и развој (1984 — 1988).
На барање на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ и на премиерот на Србија Никола Шаиновиќ, економистите предводени од Драгослав Аврамовиќ во 1993 година скроиле план за запирање на инфлацијата. Така се родил новиот „супоер динар“.
На позицијата гувернер на централната банка на Југославија Драгослав Аврамовиќ ќе остане до о15 мај 1996 година. Од 1995 до 1997 година е и главен координатор на подготовката на Економската, социјалната и финансиската програма.
Во мај 1996 година, тој ќе изјави: „Со целосна блокада на преговорите со меѓународните финансиски организации, федералната влада не турка во пропаст“. По таа изјава, „Дедо Аврам“ е сменет од позицијата гувернер на НБЈ. Набрзо ќе стане носител на опозициската листа „Заедно“, која на изборите во 1996 година ќе ѝ се спротивстави на коалицијата СПС-ЈУЛ-НД, предводена од Слободан Милошевиќ.
Но, во средината на октомври 1996 година, Аврамовиќ се повлекува од изборниот натпревар поради „здравствени причини“.
Починал на 26 февруари 2001 година во Роквил во близина на Вашингтон и бил погребан на Новите гробишта во Белград.