ЌЕ СЕ СЛУЧИ ЛИ ЧЕРНОБИЛ ВО ИРАН ПОРАДИ НАПАДИТЕ НА ИЗРАЕЛ? Еве што велат експертите
По израелските напади врз иранските постројки за збогатување ураниум, во јавноста се појавија стравувања од потенцијална нуклеарна катастрофа налик на Чернобил или на Фукушима. Но, колку е опасен напад врз објект за збогатување ураниум во споредба со напад врз активен нуклеарен реактор?
Нападите врз иранските објекти за збогатување ураниум, како оној во Натанц, не носат ризик од нуклеарна катастрофа од размерите на Чернобил или на Фукушима, објави Би-Би-Си, повикувајќи се на проценки од нуклеарни експерти.
Според експертите, целите биле објекти за збогатување ураниум, а не активни реактори во кои се случува нуклеарна фисија. Поради оваа причина, ризикот од ширење на радиоактивноста е минимален.
– Нема нуклеарна реакција во централа за збогатување ураниум, за разлика од нуклеарна централа – објасни експертот за нуклеарни материјали на Универзитетот Бангор, Сајмон Мидлбург. Во електрана се случува контролирана фисија – разделување на атоми на ураниум, што создава топлина, но и високо радиоактивен отпад.
Од друга страна, при збогатување на ураниум, централите произведуваат само гориво – нема нуклеарна реакција.
Доколку таков објект биде бомбардиран, вели Мидлбург, збогатените честички од ураниум би можеле да бидат ослободени во околината, но нема да има нуклеарна експлозија или широко распространето зрачење.
– Опасноста би останала локализирана, без радиолошки ризик надвор од малата зона на исклучување околу засегнатиот објект – рече Мидлбург.
Би-Би-Си потсетува дека израелските сили извршија нови напади врз објектите во Натанц синоќа. Досега нема информации за истекување на радиоактивен материјал.