ЌЕ БИДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ПАРКИРАЊЕТО И ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО Жичницата Тетово-Попова Шапка сѐ уште е сон на многумина
Ставање во функција на жичницата Тетово-Попова Шапка побараа граѓаните на Тетово и земјава преку иницијатива на Фејсбук. Иницијативата е покрената уште во 2014 година, а досега на неа се приклучиле 1.687 граѓани.
Изградба на целосно нова гондолна жичница од Тетово до Попова Шапка е во план на сегашното раководство на јавното претпријатие ЕЛЕМ Турс. Од компанијата велат дека тоа е голема инвестиција, но е можно да се реализира. Таа ќе придонесе за намалување на притисокот на автомобили на патот кој сега го поврзува Тетово со овој скијачки центар, ќе биде решение за недостигот од паркинг места и за загадувањето на околината. Реализацијата на проектот, меѓутоа, се поврзува со одлуката каков ќе биде развојот на ски центарот во наредниот период што треба да ја донесе Владата. Засега од владата само најавуваат дека во план се неколку опции за ски-центарот и дека има заинтересирани компании за стратешки инвеститори за ски-центарот.
– За реконструкција на сегашната гондолна жичарница која е вон употреба не станува збор. Тоа е застарена технологија, за чија репарација или реконструкција ќе се потрошат повеќе пари отколку да се изгради нова современа жичница. Но, во нашите планови и во оние на владата предвидено е и поврзување на ски центарот со градот Тетово со жичница која ќе се гради одново и ќе биде со најсовремена технологија – вели Живе Алексовски, извршен директор на ЕЛЕМ Турс.
Тој не може да каже кога овој проект ќе се реализира, бидејќи не се само во прашање парите кои треба да се обезбедат, туку е потребно прво да се реши каков статус ќе има скијачкиот центар Попова Шапка.
– Владата најави неколку можни варијанти за овој ски-центар и од тоа ќе зависи кога и дали ќе почне изградбата на жичницата. Одлуката дали ски-центарот ќе се управува по пат на јавно-приватно партнерство, ќе се продава или ќе остане како што е сега треба да ја донесе владата. Потоа ќе се реализираат плановите за развојот на ски-центарот – вели Алексовски.
Ставање во функција на жичницата Тетово-Попова Шапка побараа граѓаните на Тетово и од земјава преку иницијатива на Фејсбук. Иницијативата е покрената уште во 2014 година, а досега на неа се приклучиле 1.687 граѓани.
– Патничката гондолска жичница Тетово-Попова Шапка беше своевидна атракција и гордост на тетовци и на луѓето од цела Македонија. Таа беше препознатлив белег на Тетово. Ако некои се гордееја со аеродроми во нивните градови, тетовци се гордееја со жичницата. Таа беше долга 18 километри, најдолга жичница на Балканот и една од најдолгите во Европа. Со неа од Тетово до Попова Шапка се патуваше 40 минути. Луѓето од цела поранешна Југославија и од балканските држави доаѓаа барем еднаш во животот да се повозат со неа. Таа сега не работи, велат дека не може да се реконструира, но ние велиме дека може – велат иницијаторите на враќањето на жичницата.
ЕЛЕМ Турс во годишниот план за јавни набавки за годинава има предвидено пари и за идеен проект за жичницата.
И Алексовски и иницијаторите за жичницата велат дека со нејзина изградба би се помогнало во решавање на проблемот со притисокот за паркинг места во ски-центарот.
– Проблемот со паркирањето го имаме најмногу за време на викендите кога на Попова Шапка доаѓаат поголем број посетители, како скијачи, така и други љубители на снегот и на планината. Капацитетот на јавните паркинзи кои се надвор од ски-центарот и паркинзите во близина на хотелите во рамки на ски-центарот е околу 800 автомобили, но не ги задоволуваат потребите и секој викенд имаме проблеми. Моментно проблемот го надминуваме со паркирање на автомобилите на една лента од патот и со превоз на патниците со 3 наши комбиња. Тоа го вршиме бесплатно само за да им обезбедиме пристап на гостите до терените. Овој проблем би се надминал ако се обезбеди и патување од Тетово до Попова Шапка со жичница – вели Алексовски.
Ски-центарот Попова Шапка има 3 жичници и 5 ски-лифта и годинава сите се во употреба.
– На барање на скијачите обезбедивме и ноќно осветлување за 1.000 метри скијачки терени и исто така обезбедивме тоалети и бачила во кои скијачите можат да консумираат топли напитоци и храна. Имаме и други содржини кои треба да им обезбедат пријатен престој во овој ски-центар – вели Алексовски.
Владата на СДСМ во 2016 донесе заклучок ски центарот Попова Шапка да го продаде или евентуално да го даде под концесија, бидејќи досегашното управување не дало резултат и правело загуба од милион евра годишно. Се нарача и изработка на физибилити студија, иако и пред тоа имаше неколку вакви студии. Најновата препорачува инвестирање на 86 милиони евра во наредните пет години, а како можни организациски модели ги наведува продажба, концесија, јавно-приватно партнерство и јавно претпријатие.
Последната информација од владата е дека за овој ски-центар се оди со неколку можности: јавно приватно партнерство, приватизација или друг вид менаџирање. Формирана е комисија за развој на ски-центарот и таа работи. Веќе има и неколку компании кои пројавиле интерес за Попова Шапка.
Министерот за економија Крешник Бектеши при престојот на Попова Шапка во декември лани изјави дека се чека компаниите самите да соопштат дека се заинтересирани да инвестираат во овој центар.
– Има неколку понуди за Попова Шапка. Едната доаѓа од ЕУ. Има и домашни компании коишто се заинтересирани. Секако има и компанија која не е дел од ЕУ. Тие веќе доставиле барање до Генералниот секретаријат на Владата имајќи предвид дека таква е процедурата согласно Законот за стратешки инвестиции. Ние очекуваме компаниите сами да обзнанат дека се заинтересирани за да инвестираат во Попова Шапка. До тој момент ќе ги следиме сите процедури и ќе преговараме и ако е во интерес на Полошкиот регион, на Попова Шапка, на граѓаните на нашата држава ќе прифатиме таква понуда – рече Бектеши.
Дали во ова јавно-приватно партнерство за менаџирање со центарот Попова Шапка ќе биде опфатена и изградбата на нова жичница допрва ќе се види.
Патничката жичница што ги поврзува Тетово и Попова Шапка е од типот телекабина. Вкупната должина на жичницата е околу 6,5 километри, а возењето во гондоли за четири лица траеше 40 минути, со капацитет од 400 луѓе на час. Ја сочинуваат три станици. Почетна станица во градот Тетово на 485 метри надморска височина, полустаница во околината на селотоЛисец на 1.307 метри надморска височина и крајна станица во скијачкиот центар Попова Шапка на 1.708 метри надморска висина.
Жичницата, која се градеше од 1962 до 1965 година, континуирано работела од нејзиното отворање во 1965 година до 1987 година, а потоа од 1997 година до 2001 година, кога престанала со работа поради сериозни оштетувања за време на воените дејствија и се претворила во обележје на минатите времиња.
Зимско-рекреативниот центар е оддалечен 18 километри од Тетово, а 53 километри од Скопје.