ДОСТА БЕШЕ ОД ПОЛИТИКА, ВРЕМЕ Е ЗА „ТОМИНЕ ЉУТЕ“ Поранешниот српски претседател произведува ракија

По заминувањето на Томислав Николиќ од позицијата претседател на Србија, семејството Николиќ реши да го преточи неговото хоби во бизнис и веќе 3 години поседува компанија за трговија на големо со пијалаци.

623

Поранешниот претседател на Србија, Томислав Николиќ, одамна се фали дека хоби му е правењето ракија која ја користеше и како подарок во изборната кампања во 2012 година.

По неговото заминување од позицијата шеф на државата, семејството Николиќ реши да го преточи ова хоби во бизнис и веќе 3 години поседува компанија за трговија на големо со пијалаци. Компанијата сѐ уште е во минус, но според деловните податоци, може да се заклучи дека планира да го освои пазарот на пијалаци во Србија, објави српска Нова.






Компанијата „Николиќ д.о.о“ е основана во декември 2020 година со седиште во родната Бајчетина на Николиќ, во општина Книќ. Токму таму, претседателот има 35 парцели. Главно станува збор за земјоделско земјиште на кое има и една зграда за која се вели дека е за земјоделска намена.

Татко сопственик, син директор

Фирмата „Николиќ д.о.о“ е во целосна сопственост на Томислав Николиќ, а директор е неговиот син Радомир. Финансискиот извештај за 2023 година на оваа компанија за трговија на пијалаци на големо сѐ уште не е објавен на веб-страницата на Агенцијата за деловни регистри, но според оној од претходната 2022 година, се гледа дека има двајца вработени.

Вкупниот приход на компанијата во 2022 година изнесувал 3.230.000 динари, што е значително повеќе од претходната година кога заработиле само 1.486.000 динари. Иако компанијата и во двете години заврши со загуби, се чини дека на Николиќ сепак му тргна бидејќи загубата во 2022 година изнесуваше 194.000 динари, додека една година претходно беа покуси за речиси половина милион или 563.000 динари.

Последниот расположлив финансиски извештај покажува и дека тие издвоиле околу 3,3 милиони динари за бруто-плата, односно околу 271.000 динари месечно за двајца вработени или околу 135.000 динари по вработен.

„Томоваќа“ како адут во кампањата

Самиот Томислав Николиќ, во изборната кампања во 2012 година, кога победи на претседателските избори, негувајќи го својот имиџ на вистински Шумадинец, сакаше да истакнува дека со години правел вистинска домашна ракија за свои потреби на семејната фарма.

Познатата „томоваќа“ беше еден од адутите во кампањата кога претставници на прогресивците посетија 50 села, а на домаќините им донесоа литар „Томине љуте“.

– Ракиите се направени од дуња, јаболко и од слива, а за финишот на кампањата ја одвоив ракијата од кајсија – изјави тогаш Николиќ.

Дури и за време на неговиот претседателски мандат, тој продолжи да ги истакнува своите вештини за правење ракија.

Во 2015 година медиумите објавија дека Николиќ испекол 10 тони ракија во селото Ратина кај Краљево, во казаните на неговиот тогашен советник Предраг Микиќ.

Специјални шишиња за „Томоваќа“ направени во Параќин

За оваа прилика во фабриката за стакло во Параќин се изработени десет илјади шишиња за таканаречената „томоваќа“, кои под вратот ја имаат буквата „Т“, а во средината има вдлабнување слично на шајкаќа. Според истите наводи, ракијата била складирана во објектите на фирмата „Тргомен“ во село Ратина, што е во сопственост на семејството на Предраг Микиќ кој во јавноста се споменуваше и како близок пријател и кум на претседателот.

За „томоваќата“ се купувало секакво овошје, главно од селаните околу Краљево, Чачак и Крагуевац. Очигледно не се правела само традиционална сливоваќа, туку и ракија од лубеница и од морков.

Во 2016 година, при посетата на Институтот за овоштарство во Чачак, по повод 70-годишниот јубилеј на институцијата, самиот Николиќ се пофали дека засадил 2.300 садници од сортите чачачка слива, кои се добри за правење ракија.

Поврзани содржини