ДОДЕКА СЀ МИРИСА НА ЛИПА Наберете си липов цвет за домашната билна аптека
Сега, додека градот сѐ уште мириса на липи, да се потсетиме на главните придобивки од липовиот чај. Одличен е за смирување и за добар сон, а добар е и против болести на дишните органи, замор и за прочистување на крвта. Цветот на липата треба да се бере заедно со ливчето што ги држи сите цветови заедно. За аромата да не зборуваме, таа ни е добро позната на сите, дури и на оние кои не пијат чај.
Порано во Скопје се береа чаеви. Како деца собиравме камилица главно од школскиот двор, а липов цвет беревме кога потпораснавме, па одевме во парк и на кеј и не се враќавме без барем малку липови цветови со кои ги полневме торбите сошиени од стари износени фармерки.
Мајка ми секогаш прашуваше да не е липата од Партизанска, зашто ако е, значи дека е загадена од издувните гасови на автомобилите и не е добра за чај. Затоа не беревме од Партизанска. Од таму можеше да скинеме по некое ливче за да си сплетеме венчиња за коса, ама за чај, ни под разно.
Повеќе за ова на порталот „Арт кујна“.