ДОАЃА „БРИК“ ДА ГО ИСТИСНЕ ДОЛАРОТ? Земјите на БРИКС почнуваат преговори за заедничка валута

Зголемените каматни стапки во САД и геополитичките конфликти ја зголемија вредноста на американската валута и сите стоки поврзани со доларот на штета на повеќето пазари во развој. Тоа ги поттикна повиците за алтернатива на употребата на доларот како глобална трговска валута.

507

Земјите-членки на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, ЈАР) за првпат ќе разговараат за изводливоста на воведување заедничка валута, најави министерката за надворешни работи на Јужна Африка Наледи Пандор.

Како што најавува „Блумберг“, за ова прашање ќе се разговара на самитот на БРИКС на 22 август во Јоханесбург.






– Не сакам да прејудицирам за дискусиите на лидерите на БРИКС. Тоа е нешто за што треба да разговараме, и тоа на вистински начин. Земјите од БРИКС и другите земји прашуваат зошто не можеме да тргуваме во нашите сопствени валути? Зошто сме посветени на тргување преку доларот? Јужна Африка има валута што се користи за меѓународна трговија. Сепак, имаме многу долгови во долари, затоа мораме одговорно да пристапиме кон оваа дискусија – изјави министерката Пандор.

Зголемените каматни стапки во САД и геополитичките конфликти ја зголемија вредноста на американската валута и сите стоки поврзани со доларот на штета на повеќето пазари во развој. Тоа ги поттикна повиците за алтернатива на употребата на доларот како глобална трговска валута, при што една опција е блокот БРИКС да воведе своја валута.

БРИКС претставува повеќе од 40 отсто од светското население и речиси една третина од глобалното економско производство, што го прави еден од најважните светски економски блокови. Неколку други земји, вклучително и Саудиска Арабија и Иран, изразија интерес да се приклучат на групата.

Поранешниот специјален советник во Советот на економски советници на Белата куќа за време на администрацијата на Доналд Трамп, Џозеф Саливан, смета дека воведувањето алтернатива на доларот е изводливо и можно.

Во текст за „Форин полиси“, Саливан наведува дека „можеби конечно пристигна моментот на дедоларизација“ и ги објаснува причините зошто.

Валутата БРИКС би била различна бидејќи во однос на вкупниот БДП, членките на овој блок колективно ги надминуваат не само САД, туку и целата Г7. И незадоволството во БРИКС врие. Иако со децении се зборуваше за ослободување од американскиот долар, шансите тоа да се случи се мали бидејќи доларот сега се користи во 84,3 отсто од прекуграничната трговија – во споредба со само 4,5 отсто на кинескиот јуан.

Сепак, изгледите за успех на валутата БРИКС сега се зголемуваат и оваа валута навистина може да го замени американскиот долар како резервна валута на членките на БРИКС. За разлика од конкурентите предложени во минатото, како што е дигиталниот јуан, оваа хипотетичка валута всушност има потенцијал да го преземе или барем да го разниша местото на доларот на тронот, според Саливан.

Кога БРИКС би ја користеле само сопствената валута (која Саливан хипотетички ја нарекува „брик“ – тула) за меѓународна трговија, тие би ја отстраниле пречката што сега ги попречува нивните напори да избегаат од хегемонијата на доларот. Тие напори сега често имаат форма на билатерални трговски договори во валути што не се долари, како што е јуанот, сега главната трговска валута меѓу Кина и Русија. Пречка? Русија не сака да го набави остатокот од својот увоз од Кина. Така, по билатералните трансакции меѓу двете земји, Русија има тенденција да ги задржува приходите во средства во долари за да го купи остатокот од својот увоз од остатокот од светот, кој сè уште го користи доларот за трговија.

Меѓутоа, ако Кина и Русија користат само брик за трговија, Русија нема да има потреба да деноминира билатерални трговски фондови. На крајот на краиштата, Русија би користела брик”, а не долари за да го плати остатокот од својот увоз. И така почнува дедоларизацијата – смета американскиот економски експерт.

Поврзани содржини