ДИВАТА ТЕОРИЈА ШТО ГИ СПОЈУВА БИГ БЕНГОТ И ДИНОСАУРУСИТЕ Една промена која се провлекувала низ времето им пресудила и на нашите далечни „земјаци“
Интригантната теза на физичар од Јанина во Грција ја спојува идејата за постепената промена на законите на физиката по Биг Бенгот со ударот на астероид кој ги збришал диносаурусите во земјата или со серија настани од различен вид кои биле предизвикани од ваквата промена. Ова е спој на повеќе научни тези одеднаш, меѓу кои, една, за т.н. вакуумски меури, е прилично егзотична и вели дека има многу универзуми кои се како меурчиња.
Замислете свет каде што законите на физиката се менуваат преку ноќ. Свет каде гравитацијата едно време била посилна, па послаба уште од самиот почеток, од оној Биг Бенг кога работите не биле баш рамномерни и не се ширеле еднакво па се’ до денес 13,8 милијарди години подоцна. Ваков нестабилен период можеби бил и оној кога диносаурусите оделе по Земјата. Односно, токму во нивната ера се погодило да се случи една драматична промена на гравитациската константа. Кога велиме драматична, мислиме на околу 10 отсто!
Барем вака сугерира студија спроведена од тим физичари од Универзитетот во Јанина во Грција. Според истражувањето ова зголемување на гравитацијата би го нарушило облакот Орт, облак од ледени објекти што го опкружува Сончевиот систем, пишува ИФЛ Наука. Во Орт има комети и астеориди кои можат да дојдат на земјата и да ја предизвикаат катаклизмата која збришала многу од живиот свет тогаш на Земјата.
Дури, студијата вели дека тоа не мора да бил еден единствен настан, како астероид, туку многу мали настани предизвикани од оваа промена на гравитацијата. Како наеднаш да пукнал меурот на сите познати закони на физиката. И тука буквално мислиме на меур.
– Концептот на вакуум со меурчиња е многу интересна хипотеза и може да има важни импликации за нашето разбирање на универзумот – вели д-р Јоргос Мацас од Универзитетот во Јанина во Грција.
Концептот на вакуум со меурчиња е хипотеза што сугерира дека нашиот универзум е само еден од многуте универзуми, секој со свој сет на физички закони. Оваа хипотеза се заснова на идејата дека вакуумот на просторот не е празен, туку е исполнет со поле на енергија. Се смета дека ова поле на енергија е нестабилно и потенцијално може да доведе до нови универзуми.
Значи, ваков меур пукнал во времето на диносаурусите, притоа силата на гравитацијата станала поголема за, според Мацас, 10 отсто и ова предизвикало немир во облакот Орт полн со ледени комети и метеори. Ова пукање на меурот почнало пред 100 милиони, а завршило негде пред 50 милиони години.
Некои научници сметаат дека тоа што само едно од 25 тела во овој облак е метеор ги намалува шансите теоријата да е точна. Тие велат дека тезата е спој на неколку научни концепти со истребувањето на диносаурусите пред 65 милиони години.
Други, секако, сметаат, дека е премногу шпекулативно да се претпостави дека законите на физиката не биле секогаш исти. Од таа причина, на пример, научник од калибарот на Руперт Шелдрејк беше исмејуван во британските научни кругови.
Но, теоретската физика всушност познава вакви концепти! На пример, инфлацијата која се случила во раните денови по создавањето на нашиот универзум во големиот Биг Бенг.
Теоријата на инфлацијата вели дека во експлозијата сите густини и величини биле различни од она што сме го добиле сега, 13,8 милијарди години подоцна, кога универзумот полека се истегнува, елегантно се оформува, па дури и забрзано се шири по една вредност наречена космолошка константа.
Космолошката константа е термин во равенките на Ајнштајн кој ја претставува енергетската густина на вакуумот. Научниците добиваат различни вредности за неа од различни мерења и тоа ги збунува.
Нејзината мистерија останува, како и мистеријата на меурчињата од вакуум. Гледано од страна, сите овие теории споени заедно со периодот кога постоеле диносаурусите, иако не се докажани, прават навистина убав и уреден мозаик.