ДИЈАБЕТЕС ТИП 5: ОФИЦИЈАЛНО ПРИЗНАЕН НОВ ТИП БОЛЕСТ Еве што треба да знаете за сите видови дијабетес

Меѓународната федерација за дијабетес го препозна дијабетесот тип 5 како посебна форма на оваа болест.

895

Според Светската здравствена организација, дијабетесот е една од најчестите болести на денешницата – со повеќе од 400 милиони луѓе ширум светот кои живеат со оваа состојба. Особено е во пораст дијабетесот тип 2, кој често е поврзан со нездрав начин на живот и зафаќа сè поголем број лица, вклучително и млади.

Но, дијабетесот не е само една состојба – постојат повеќе од десет различни видови, а нивната класификација не е толку едноставна како што би можеле да сугерираат бројките.






Меѓународната федерација за дијабетес го препозна дијабетесот тип 5 како посебна форма на оваа болест.

Подолу е даден преглед на различните видови дијабетес, вклучувајќи и некои помалку познати, со објаснување за тоа што ги предизвикува и како се лекуваат.

Дијабетес тип 1

Дијабетесот тип 1 се јавува кога имунолошкиот систем погрешно ги напаѓа клетките во панкреасот што произведуваат инсулин. Оваа автоимуна болест може да се развие на која било возраст, од детство до старост. Не е поврзана со исхраната или начинот на живот, туку е резултат на комбинација од генетска предиспозиција и фактори на животната средина, како што се вирусните инфекции.

Третманот вклучува доживотна инсулинска терапија преку инјекции или пумпи.

Во ретки случаи, луѓето кои имаат чести епизоди на низок шеќер во крвта (хипогликемија) можат да добијат нови панкреатични клетки кои произведуваат инсулин од починати донори. За многу луѓе, ова го намалува бројот на потребни инјекции со инсулин. Некои може целосно да престанат да земаат инсулин.

Неодамна, некои пациенти примиле и трансплантации на клетки добиени од матични клетки, кои практично го „излечиле“ нивниот дијабетес, иако мора да земаат моќни лекови за потиснување на имунитетот. Овој третман сè уште не е широко достапен.

Дијабетес тип 2

Најчестата форма на дијабетес, тип 2, често се поврзува со висок индекс на телесна маса (ИТМ). Но, може да се појави и кај луѓе со нормална тежина, особено кај оние со генетска предиспозиција.

Некои етнички групи, како што се Јужноазијците и луѓето од африканско и карипско потекло, имаат поголем ризик – дури и при помала телесна тежина.

Контролата на шеќерот во крвта може да се постигне со зголемување на производството на инсулин или подобрување на неговата ефикасност. На пример, метформинот, лек што го користат милиони луѓе, ја зголемува чувствителноста на инсулин и го намалува производството на шеќер во црниот дроб.

Постојат голем број лекови кои помагаат во контролата на шеќерот, а прилагодувањето на терапијата кон поединецот значително ги подобрува здравствените резултати.

Промените во животниот стил, како што е нискокалорична исхрана (800 калории дневно), можат да направат пресврт. Студија покажала дека одржувањето на оваа диета 12 месеци довело до ремисија на дијабетесот кај 46% од учесниците.

Гестациски дијабетес

Овој тип на дијабетес се развива за време на бременоста, обично помеѓу 24-та и 28-та недела, поради хормонални промени кои ја намалуваат чувствителноста на инсулин.

Факторите на ризик вклучуваат прекумерна тежина, семејна историја на дијабетес и раѓање на големо бебе во претходната бременост.

Жените од блискоисточните, јужноазиските, црнечките и карипските етнички групи, како и повозрасните трудници, се изложени на поголем ризик. Третманот се базира на промени во исхраната, вежбање, орални лекови или инјекции со инсулин.

Поретки форми на дијабетес

Покрај главните типови, постојат најмалку девет помалку чести подтипови на дијабетес. Некои се предизвикани од генетски мутации, додека други се јавуваат како последица од лекување, како што се операција или употреба на лекови (на пр. стероиди).

Неонатален дијабетес: Се јавува во првите месеци од животот поради генетски промени кои влијаат на ослободувањето на инсулин.

Јувенилен дијабетес (MODY): Се развива во младоста поради генетски промени кои влијаат на функцијата на панкреасот.

Дијабетес тип 3в: Се јавува како резултат на оштетување на панкреасот, на пример поради рак или панкреатит.

Дијабетес поврзан со цистична фиброза: Почест кај луѓе со оваа генетска болест, а ризикот се зголемува со возраста.

Дијабетес тип 5
Оваа новооткриена форма на дијабетес е поврзана со неухранетост во раниот живот, се јавува почесто во посиромашните земји и зафаќа околу 20-25 милиони луѓе ширум светот.

Луѓето со дијабетес тип 5 имаат мала телесна тежина и недостаток на инсулин, но не поради автоимуна реакција. Проблемот лежи во фактот што телото не добивало доволно хранливи материи во детството за правилен развој на панкреасот.

Истражувањата покажале дека исхраната со низок внес на протеини за време на бременоста или детството може да доведе до слаб развој на панкреасот. Помал панкреас значи помалку клетки што произведуваат инсулин, што го зголемува ризикот од дијабетес.

Разбирање на дијабетесот – клуч за подобро лекување

Дијабетесот е општ термин за низа состојби кои предизвикуваат високо ниво на шеќер во крвта, но основните причини можат да бидат многу различни. Препознавањето на сите видови дијабетес, вклучувајќи го и дијабетесот тип 5 поврзан со неухранетост, е од суштинско значење за обезбедување соодветна грижа.

Како што се развива медицинската наука, така се развиваат и класификациите на дијабетесот. Додавањето на дијабетес тип 5 во класификацијата стимулира дискусија и претставува чекор кон подобро глобално разбирање и лекување на оваа болест – особено во земјите со ниски приходи.

Поврзани содржини