ДЕСНИЧАРИТЕ ВО ЗАПАДНА ЕВРОПА ЈА ПОДДРЖУВААТ КАМАЛА Многумина не веруваат дека таа ќе победи

Доколку Доналд Трамп биде поразен на гласачките кутии следната недела, западноевропејците очекуваат насилство.

973

Повеќето западноевропејци, па дури и многумина кои гласаат за екстремно десничарските партии, сакаат Камала Харис да победи на претседателските избори во САД, покажуваат анкетите, но помалку се уверени дека таа ќе победи и повеќето очекуваат насилство доколку не биде избран Доналд Трамп, објави Гардијан.

Истражување на компанијата „Ју гов јуротрек“ (YouGov Eurotrack) на гласачите во Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Шведска и во Данска, покажа дека демократската потпретседателка е преферирана за победник во секоја од горенаведените земји, со значително мнозинство за Харис во сите земји, освен во Италија.






Данците најмногу ја сакаат Камала

Гласачите во Данска биле најжелни да ја видат Харис во Белата куќа со 81%, потоа 71% во Германија, 65% во Шпанија, 62% во Франција и 61% во ОК; па и 46% од Италијанците, кои го делеле истото гледиште, сè уште се речиси двојно повеќе од оние кои наместо тоа се решиле да го поддржат Трамп.

Сосема очекувано, поддршката за демократската кандидатка била најсилна меѓу европските левичарски и центристички гласачи, достигнувајќи 80% до 90% меѓу поддржувачите на партиите на Социјалдемократите и на Зелените во Германија, Сумар во Шпанија, Емануел Макрон во Франција, Социјал Демократите во Шведска и на либералдемократите во ОК.

Меѓутоа, оние кои неодамна го дадоа својот глас за традиционалните партии од десниот центар, исто така, ја претпочитаа Харис пред Трамп, со значителни маргини: 89% од гласачите на Венстре во Шведска, 78% од гласачите на демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) во Германија, 66% од гласачите на народните партии во Шпанија и 58% од гласачите на Конзервативната партија во Британија.

Дури и поддржувачи на екстремно десничарските партии повеќе ја сакаат Камала

Па дури и меѓу западноевропејците, кои неодамна гласале за екстремно десничарски, националистички и популистички партии, значителен број на испитаници во сите 7 земји рекле дека повеќе сакаат Харис да биде избрана за претседател одошто нејзиниот републикански ривал.

Многу екстремни десничари сепак го поддржуваат Трамп

 

Трамп им бил омилен кандидат на екстремно десничарските гласачи во Шпанија, ОК, Германија и во Италија, со 54% ​​од гласачите на Vox (наспроти 23% кои ја претпочитале Харис), 51% (27%) од гласачите за реформи во ОК, 50% (36). %) од гласачите на Алтернатива за Германија во Германија и 44% (32%) од гласачите на Браќата на Италија рекле дека сакаат поранешниот претседател да обезбеди втор мандат.

Но, меѓу гласачите на екстремно десничарските шведски демократи, 49% рекле дека би ја претпочитале Харис во Белата куќа, наспроти 31% кои го фаворизирале Трамп, додека, пак, 46% од оние кои гласале за Марин Ле Пен во вториот круг од претседателските избори во Франција во 2022 година, рекле дека повеќе сакаат да победи кандидатката на Демократската партија на САД, наспроти 31% кои го претпочитале Трамп.

Но, дали желбите ќе се остварат?

Западноевропејците биле помалку сигурни дека нивната желба ќе стане реалност. Општите очекувања биле дека Харис ќе победи на 5 ноември, но бројките биле помали, почнувајќи од 43% во Италија, 46% во Шведска и во Обединетото Кралство, 47% во Франција и 52% во Шпанија до 61% во Германија.

Џо Бајден бил просечен претседател

На прашањето дали сметаат дека демократскиот претседател во заминување, Џо Бајден, завршил одлична, добра, просечна, лоша или ужасна работа, најчестата оценка во земјите, што биле испитани, била „просечна“, со процент на луѓе со таков став кој се движи од 39%. во Британија до 46% во Шпанија и 47% во Германија.

Тие главно мислат дека Харис би завршила подобра работа, при што најраспространето верување во секоја земја е дека актуелната потпретседателка ќе стане или „одличен“ или „добар“ шеф на државата. Околу 37% од Италијанците го имале тој став, а процентот се искачува на 45% во Шпанија, 57% во Германија и највисоко ниво од 64% во Данска.

Ќе има ли насилство ако Трамп изгуби?

Очекувањата биле значително полоши за Трамп. Во секоја земја, најчестиот став – кој се движи од 48% во Италија, преку 59% во Франција и 69% во ОК до 77% во Данска – бил дека републиканскиот кандидат ќе стане „лош“ или „ужасен“ претседател.

Доколку Трамп биде поразен на гласачките кутии следната недела, западноевропејците очекуваат насилство. Дури 73% во Данска мислат дека „дефинитивно“ или „веројатно“ ќе има насилство доколку победи Харис, при што меѓу 62% и 67% ја делат истата оценка во повеќето други земји кои биле испитани.

Италија повторно била исклучок. Анкетата, спроведена во период од 10 дена во средината на октомври, сугерира дека само 47% сметаат дека насилството е веројатно. Но, и таму процентот бил поголем од 32% кои сметале дека насилството е малку веројатно.

Поврзани содржини