ДАНЦИТЕ ЌЕ СЕ ПЕНЗИОНИРААТ НА 70 ГОДИНИ Од 2040 година старци ќе ги полнат пензиските фондови
Новиот закон ја одредува возраста за пензионирање на 70 години за сите граѓани родени по 31 декември 1970 година. Моментално, во Данска таа возрасна граница е 67 години.
На 22 мај, парламентот во Копенхаген донесе закон со кој се зголемува возраста за пензионирање. 81 пратеник гласаше „за“, а 21 „против“. Новиот закон ја одредува возраста за пензионирање на 70 години за сите граѓани родени по 31 декември 1970 година.
Моментално, во Данска таа возрасна граница е 67 години.
Возраста за пензионирање треба да се зголеми на 68 години до 2030 година, а на 69 години до 2035 година. Минатата година, 47-годишната социјалдемократска премиерка Мете Фредериксен изјави дека е подготвена да го преиспита системот откако официјалната возраст за пензионирање ќе достигне 70 години.
Меѓународните споредби откриваат колку различно е регулирано пензионирањето. Впечатливо е дека во некои земји, луѓето дури работат и подолго отколку што треба.
Модел за Германија?
Новата влада во Берлин моментално е сè уште во „фаза на пронаоѓање“ – многу детали се сè уште отворени. „Вклучивме многу исправни работи во коалицискиот договор“, рече канцеларот Фридрих Мерц, фалејќи се себеси и своите колеги на конференцијата на покраинскиот огранок на ЦДУ во Штутгарт.
Иднината на системите за социјално осигурување е меѓу оние работи кои не се јасни. Но: „Начинот на кој стојат работите денес може да остане само уште неколку години, во најдобар случај“, рече канцеларот. Сега, фокусот е на фундаментална реформа на пензиското, здравственото и осигурувањето за нега.
Данскиот модел веќе беше спомнат пред околу една недела од поранешниот владин советник Бернд Рафелхишен: „Треба многу брзо да ја зголемиме возраста за пензионирање на 70 години за да можеме сè уште да ги фатиме барем некои од бејби-бумерите“, изјави тој за „Аугсбургер алгемајне цајтунг“. До 2035 година, секоја година ќе се пензионираат по еден милион германски граѓани, што ќе ги зголеми пензиските придонеси на помладите луѓе.
Бевериџ наспроти Бизмарк
Постојат две школи на размислување во врска со финансирањето на пензиските системи, именувани по нивните теоретичари или иницијатори: социјалното законодавство на канцеларот Ото фон Бизмарк од деветнаесеттиот век и моделот Бевериџ, формулиран во 1940-тите.
Овој модел е систем на социјална помош кој го штити целото население и се финансира преку даночни приходи. Се базира на пресметките на британскиот економист Вилијам Хенри Бевериџ, кој во тоа време бил член на пратеничката група на Либералната партија во британскиот парламент.
Спротивно на тоа, постои моделот Бизмарк, кој обезбедува систем на осигурување со фонд во кој придонесуваат работниците и работодавачите. Едноставно кажано, ова е модел „плаќај колку што користиш“ во кој работното население ги финансира пензиите на своите пензионирани граѓани со своите придонеси.
Споредбата на пензиските системи во Европа е можна само во многу ограничена мера, бидејќи неколку земји имаат мешавина од моделите Бизмарк и Бевериџ. Покрај тоа, понекогаш многу комплицираните детали варираат од земја до земја.
Демографски проблем
Бизмарковиот принцип применет во Германија има проблем што станува сè поочигледен: стареењето на општеството. Има сè повеќе приматели на пензии, а сè помалку плаќачи – луѓе кои работат на работни места кои подлежат на придонеси за социјално осигурување. Понатаму, поради зголемениот животен век, примателите на пензии живеат подолго – и со тоа подолго добиваат пензија.
Ова претставува сè поголем товар врз пензиските фондови. Последица – или придонесите мора да продолжат да растат, или пензиите веќе не можат да се зголемуваат за да се компензира инфлацијата. Или, вкупното ниво на пензии се намалува.
Некои сакаат да работат подолго
Пократкиот работен век и пораното пензионирање, секако, се примамливи. Можете да престанете со работа пред телото да не може веќе да одговори на барањата. Можете да се зафатите со лично исполнувачка работа во „последната третина од животот“ или едноставно да поминете повеќе време со вашето семејство.
Но, тоа е исто така и економски корисно: луѓето со повеќе време, имаат и повеќе можности да трошат пари. Доколку пензионирањето го дозволува тоа. Ова би можело да ја стимулира приватната потрошувачка, што пак би ѝ користело на економијата.
Но, и подолгото работење може да има предности: Многу луѓе сè уште се чувствуваат во форма и уживаат во својата работа дури и во средината на своите 60-ти. Тие сакаат да ги пренесат своите искуства и да продолжат да бидат во контакт со помладите луѓе. А работодавците имаат корист кога стекнатите знаења и рутини не се изгубени. Освен тоа, така би можел барем донекаде да се неутрализира недостигот од квалификувани работници.
Понекогаш порано, понекогаш подоцна
Поглед врз статистиката прво открива дека законската возраст за пензионирање одговара на вистинскиот крај на работниот век само во многу малку случаи. Во повеќето случаи, луѓето се пензионираат порано. Без разлика дали тоа е затоа што нивните тела едноставно веќе не сакаат да го следат чекорот, или, особено во креативните професии, затоа што се преморени.
Во неколку случаи, луѓето дури работат и по возраста за пензионирање – на пример, во Нов Зеланд или Јапонија, но исто така и во Шведска или Грција. Дали го прават тоа по сопствена волја? Причините за ова се веројатно делумно толку лични што не можат да бидат претставени во статистички приказ.
Општествена шпага
Сепак, постојат рамковни услови што можат да се променат. На пример, постои бруто стапка на замена, износот на пензијата во однос на последната плата. Ако овој јаз е преголем, некои работници тешко можат да си дозволат да се пензионираат.
Сеништето на сиромаштија на старост би можел да биде отстранет ако нивото на пензијата се прилагоди така што би обезбедило доволна пензија по долг работен век. Но, тоа чини многу пари што не се достапни во пензискиот фонд. Од друга страна, месечниот товар врз осигурениците не смее да продолжи да расте, бидејќи тоа би ја уништило нивната способност приватно да штедат за пензионирање.