ДАЛИ ЖИВЕЕМЕ ВО УНИВЕРЗУМ ИЛИ ВО МУЛТИВЕРЗУМ? Предавање на авторот на „Мултиверзум за почетници“ на ФЕИТ

Македонскиот физичар Златко Василкоски е автор на првата книга од жанрот на популарната наука на македонски јазик - „Мултиверзум за почетници“, која беше издадена минатата година. Утре (9 мај), со почеток во 19 часот тој ќе одржи предавање во амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во моментов Василкоски ја води групата за вештачка интелигенција во компанијата EBSCO. Во 2012 година тој го разви наставниот план за курс за анализа на податоци со вештачка интелигенција на Бостонскиот универзитет кој сè уште го предава.

277

Проф. д-р Златко Василкоски, физичар кој, како што вели, во своите 25 години како универзитетски професор во Бостон, САД, годишно барем на стотина студенти од секој ќош на светот мора да им објаснува за земјата од која потекнува.

Македонскиот физичар Златко Василкоски е автор на првата книга од жанрот на популарната наука на македонски јазик. Во неговата „Мултиверзум за почетници“ тој на разбирлив и популарен начин се обидува да објасни како денешната космологија дојде до мултиверзум идејата и да одговори на прашањата: Што имаат заедничко „Епот за Гилгамеш“ и „Сердарот“ на Григор Прличев? На кој начин берзите потекнуваат од кафеаните? И многу други…

Токму врз оваа научно-популарна книга „Мултиверзум за почетници“, која беше издадена минатата година, се базира неговото предавање со наслов „Дали живееме во Универзум или Мултиверзум“, кое ќе се одржи на утре (9 мај) со почеток во 19 часот во амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Влезот е бесплатен.

Инаку, Златко Василкоски студираше математика и физика на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. По дипломирање на факултетот по физика, ги продолжи студиите во САД, каде што магистрирал и докторирал физика на Универзитетот Тафтс. Тој на својата докторска теза работеше со Дејвид Вијвер (1937-2006) и Мартин Карплус (1930) и нивниот модел за механизмот на свиткување на протеините. Придонесот на Карплус кон анализата на комплексни системи како протеините беше една од причините за што тој ја доби Нобеловата Награда за хемија во 2013 година. Тој воедно е и најпознатиот жив хемичар на денешницата.
По докторирањето, Златко Василкоски помина 8 години на пост-докторски истражувања на МИТ, Нортистерн и Харвард, во областа на компјутерската физика и неврологијата. Една година работеше и на одделот за когнитивни и невролошки системи на Бостонскиот универзитет, местото каде што беа измислени многу од аспектите на вештачките невронски мрежи.
Златко Василкоски во моментов ја води групата за вештачка интелигенција во компанијата EBSCO. Во 2012 година тој го разви наставниот план за курс за анализа на податоци со вештачка интелигенција на Бостонскиот универзитет кој сè уште го предава. Неговата екстензивна настава по математика и физика ги вклучува универзитетите Тафтс, МИТ, Сафолк и Бентли.





Поврзани содржини