ДАЛИ TРАМП МУ НАПРАВИ ФИНТА НА НЕТАНЈАХУ? Примирјето меѓу Израел и Иран е на стаклени нозе, но и противниците се истоштени
Иранскиот одговор на нападите на САД наводно бил „прецизно дозиран“ за да се избегне понатамошна ескалација со САД, а според Белата куќа, Иран прифатил примирје бидејќи бил во „сериозно ослабена состојба“.
Кога претседателот на САД, Доналд Трамп, викендот испрати американски бомбардери да нападнат ирански нуклеарни објекти, тој се обложи дека ќе му помогне на сојузникот Израел да го ослабне нуклеарниот програм на Техеран – без да се втурне во долготрајна војна.
Само неколку дена подоцна, неговото изненадувачко соопштение за прекин на огнот меѓу Израел и Иран сугерира дека можеби со бомбардирањето ги вратил иранските лидери на преговарачка маса, се наведува во анализата на Ројтерс.
Примирје без услови, детали или потврда
Сепак, остануваат многу отворени прашања. Не е јасно дали некакво примирје воопшто стапило на сила – а уште помалку дали може да се одржи меѓу двајца жестоки непријатели, чиишто сенковити конфликти прераснаа во отворена војна од воздух последниве 12 дена.
Не се познати ни условите – ако воопшто ги има – за кои двете страни се договориле. Не е споменато дали ќе се оживеат пропаднатите нуклеарни преговори. Не се знае ни судбината на обогатениот ураниум на Иран, за кој експертите сметаат дека можеби ја преживеал американско-израелската кампања на бомбардирање.
– Израелците постигнаа голем дел од своите цели… а Иран бараше излез. САД се надеваат дека ова е почетокот на крајот. Предизвикот е: има ли стратегија што следи понатаму? – изјави поранешниот заменик-директор за разузнавање за Блискиот Исток, Џонатан Паников.
Израел не потврди постоење на договор за прекин на огнот. Напротив, израелската војска соопшти дека од Иран се истрелани ракети кон Израел рано во вторникот. Во нападот врз зграда во Бершеба загинале 4 лица.
Прекинот на огнот е во сила, ама виси на конец
Трамп сепак изјави дека прекинот на огнот „сега е во сила“ и ги повика двете страни да не го прекршат.
Еден ирански претставник претходно потврди дека Техеран го прифатил примирјето, но шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, изјави дека нема да има прекин на непријателствата ако Израел не престане со нападите.
- ВЕ МОЛАМ, НЕ ГО ПРЕКРШУВАЈТЕ ПРИМИРЈЕТО! Трамп им честиташе на Иран и на Израел за прекинот на огнот
Сепак, тоа не ги спречи Трамп и неговите поддржувачи да го фалат потегот како големо достигнување на надворешната политика базирана на „мир преку сила“, се вели во анализата на Ројтерс.
Трамп се повикува на проценките дека Иран е блиску до развој на нуклеарно оружје – тврдење што Техеран одамна го демантира.
Американските разузнавачки служби, пак, соопштија дека Иран не работи на развој на нуклеарна бомба, и тој став, според извор на Ројтерс, останува непроменет.
Мала доза за да се избегне голем конфликт
Трамп ја објави веста за примирјето само неколку часа откако Иран истрела ракети врз американска база во Катар – без жртви – како одговор на тоа што САД го нападнаа иранскиот објект со 13,5-тонски бункер-бомби.
Според извори, иранскиот одговор бил „прецизно дозиран“ за да се избегне понатамошна ескалација со САД.
Трамп побарал разговори со Израел и со Иран. Белата куќа соопшти дека Израел се согласил да го почитува примирјето сѐ додека Иран не нападне прв. Иран, пак, сигнализирал дека нема да продолжи со удари, според анонимен официјален извор.
Трамп лично разговарал со премиерот Нетанјаху. Потпретседателот Џ. Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот претставник Стив Виткоф воделе и директна и индиректна комуникација со Иран – со помош од Катар.
Трамп направи интересен маневр
Според Белата куќа, Иран прифатил примирје бидејќи бил во „сериозно ослабена состојба“.
Државата се соочила со денови интензивно израелско бомбардирање на нуклеарни и на воени објекти, како и со егзекуции на нивни водечки научници и безбедносни команданти. Последниве денови, Трамп и јавно размислуваше за можноста за смена на режимот во Иран.
Во понеделникот, тројца израелски функционери рекоа дека Израел сака да ја заврши кампањата против Иран наскоро и дека тоа го соопштиле на САД, но дека сѐ ќе зависи од однесувањето на Техеран.
– Сега кога Трамп прогласи „светски мир“, на Нетанјаху ќе му биде тешко да му противречи јавно – рече Лаура Блуменфелд од Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.
ИЗРАЕЛ ГО ПРИФАТИ ПРЕДЛОГОТ НА ТРАМП ЗА ПРИМИРЈЕ Но, ќе одговори силно, ако се прекрши примирјето