ДАЛИ СРЕДБАТА ТРАМП–ПУТИН ЌЕ СМЕНИ НЕШТО? Судир на територијалните апетити, мировните амбиции и на суровата воена реалност

Пред претстојната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, аналитичарите разгледуваат различни сценарија, а отсуството на украинскиот претседател Володимир Зеленски од разговорите поттикнува прашања околу можниот обем на договорите, улогата на сојузниците на Украина и околу потенцијалните решенија за завршување на војната во Украина.

533

Додека претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот претседател Владимир Путин се подготвуваат да се сретнат овој петок на самит во Алјаска, се појавуваат прашања за можната агенда и за импликациите за војната во Украина.

Со украинскиот претседател, Володимир Зеленски, кој моментално се очекува да отсуствува од разговорите, растат загриженостите за обемот на можните договори, улогата на сојузниците на Украина и за трајноста на секој постигнат договор.






Експерти од Центарот за стратешки и интернационални истражувања (ЦСИС) ги анализираат политичките, воените и дипломатските влогови околу средбата.

Горчливата вистина за мировните преговори за Украина

Претседателот на Одделот за одбрана и безбедност при Центарот за стратешки и меѓународни студии, Сет Г. Џонс, предупредува дека историското искуство покажува колку е тешко мировните договори да стават траен крај на војните.

– Мировните договори ретко завршуваат војни – вели Џонс.

Тој наведува дека само 16% од меѓудржавните конфликти по Втората светска војна завршиле со формална мировно спогодба.

– Околу 21% завршиле со одлучувачка воена победа на една страна, а уште 30% со прекин на огнот во услови на воен ќорсокак, без формален договор – додава Џонс.

Тој посочува дека и тие договори што биле постигнати честопати пропаѓале, повеќе од една третина меѓу 1975 и 2018 година се распаднале поради губење на домашна поддршка, прекршување на условите или поради промена на политичките калкулации.

Според Џонс, за еден мировен договор да биде успешен и траен, потребно е страните да сметаат дека имаат мали шанси за воен успех, да постои силен надворешен притисок со поттикнувања и со казни, како и гаранции за безбедност од трети страни.

– Исто така, мора да има стабилна внатрешна поддршка од клучните домашни групи – додава тој.

Европа, а по можност и САД, треба да ја вооружи Украина до заби, за да ги обесхрабри руските лидери и да спречи идни инвазии, вели тој, а потребни се ПВО системи, ракети со среден и долг дострел, современи борбени авиони, разузнавачки средства, дронови и друго вооружување за да се нанесат загуби на руските сили во случај Москва да го прекрши договорот.

– Треба да има веродостојни казни (особено од САД) ако Русија го напушти договорот, како и поттици ако го почитува, на пример, засилени санкции врз енергетскиот сектор, како и врз извозот на минерали, метали, земјоделски производи и ѓубрива – посочува Џонс.

Разговорите за мир се важни, но како што покажува историјата, траен мировен договор е сосема поинаква приказна, заклучува претседателот на Одделот за одбрана и безбедност при Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Премногу неизвесности за конечна оценка на средбата Трамп–Путин

Престижниот стратег Елиот А. Коен, смета дека средбата меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот лидер, Владимир Путин, испраќа лош сигнал поради отсуството на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на европските сојузници, како и поради тоа што се одржува на американско тло со можност за разговори за територијални разменувања кои, како што вели, „не се во сопственост на САД“.

– Ќе се воздржам од конечна оценка додека не видиме исход – вели Коен, но нагласува дека Трамп се соочува со 3 сериозни проблеми:

  1. Путин сака цела Украина и веројатно ќе постави неприфатливи услови;
  2. Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф не појаснил што точно нуди Русија;
  3. Украина и нејзините сојузници имаат свое право на одлука.

Коен предупредува дека Трамп, иако можеби е мотивиран од желбата да се претстави како мировник и да добие Нобелова награда за мир, не може да очекува другите да ги следат неговите правила.

– Централното прашање е теоријата на победа – дали договорот би бил нешто повеќе од пауза меѓу две руски инвазии? – вели тој, додавајќи дека клучните дилеми остануваат без одговор и за Зеленски и за Путин.

Средбата Трамп–Путин носи дипломатски поени за Русија

Постарата соработничка во Програмата за Европа, Русија и Евроазија – Марија Снеговаја – смета дека ултиматумот што Трамп му го поставил на Путин на 8 август можеби го натерал рускиот лидер да ги намали своите барања за Украина.

– Наводно, сега се ограничува на Доњецк наместо на 4 украински региони, а постои и поголема подготвеност за компромис околу демилитаризацијата – вели Снеговаја.

Сепак, таа предупредува дека отсуството на Зеленски од разговорите е сериозен проблем. Украина контролира околу 25% од Доњецкиот регион, а откажување од толкава територија, дури и во рамки на договор, би било преседан.

– Путин добива дипломатски поени – ова му е прва средба со американски претседател од 2021 година, и тоа без значителни отстапки или прекин на огнот – посочува Снеговаја.

Таа додава дека ЕУ се обидува да изгради единствен став пред самитот, додека Путин ја користи својата способност за влијание како силна дипломатска алатка.

Критична воена состојба за Украина

Постариот советник во Одделот за одбрана и безбедност на ЦСИС, Марк Ф. Кансијан, предупредува на критичната состојба на фронтот за Украина.

– Војната оди во лоша насока, Русија напредува на повеќе линии и од крајот на 2023 година освоила околу 6.000 квадратни километри – вели тој, потсетувајќи дека победите во Харков и Херсон сега се далечна историја, а храбрите украински напади кон Курск завршиле неуспешно.

Кансијан признава дека Украина имала некои значајни успеси, како нападите длабоко во Русија, протерување на руската флота од Црно Море и иновациите во воените дронови, но додава дека „не е јасно како тие успеси ќе се претворат во конечна победа.“

– Путин верува дека победува и дека времето работи за него – истакнува тој.

Кансијан нагласува дека единствениот начин да му се промени ова мислење е со драстична акција, како голем пакет воена помош.

–Засега, администрацијата не покажува волја за таков потег – додава тој.

Зошто размените на територии не се доволни?

Експертот Бенџамин Џенсен смета дека евентуалните преговори за прекин на огнот ќе бидат само почеток на еден долг процес.

– Размената на територии сама по себе нема да ја заврши војната – нагласува тој, посочувајќи дека на масата остануваат тешки прашања, од идниот безбедносен статус на Украина, преку замрзнатите руски средства и реконструкцијата, до враќањето на киднапираните украински деца.

Според Џенсен, Путин веројатно ќе продолжи со масовни напади со дронови врз украинските градови, додека нуди „мир“ и директно се обраќа на Вашингтон во обид да ја изолира Украина од Европа.

– Секое трајно решение ќе бара комбинација од земја, пари и безбедносни гаранции, процес што може да трае со години – вели тој.

Зошто се среќаваат Путин и Трамп?

Трамп долго се обидува да ја заврши војната во Украина.

По рокот од 8 август за Путин да прифати прекин на огнот или да се соочи со построги санкции, двајцата договорија средба на 15 август во Алјаска.

Ова следи по разговори во Москва меѓу Путин и американскиот пратеник Стив Виткоф.

Ќе присуствува ли Украина?

Трамп вели дека е подготвен за трилатерална средба со Зеленски, но засега самитот е само со Путин, по барање на Москва.

Зеленски предупреди дека секој договор без Киев е „одлука против мирот“ и одби размена на територии.

Потпретседателот Венс смета дека Зеленски би можел да се вклучи подоцна.

Што очекуваат страните?

Трамп тврди дека договорот е „многу блиску“, а медиумите јавуваат дека администрацијата разгледува план за прекин на огнот кој би ѝ ги отстапил на Русија Крим и Донбас, додека, пак, таа би се повлекла од Херсон и Запорожје, се наведува во анализата на Би-Би-Си.

Украина одбива да предаде територии, додека Путин не попушта во своите барања за нејзина неутралност и ограничена армија.

Зошто ќе се сретнат во Алјаска?

Средбата ќе се одржи на 15 август во Алјаска, симболично место поради историската купопродажба од Русија во 1867 година и поради географската близина преку Беринговиот теснец.

Русија ја смета локацијата за „логична“, а САД последен пат одржаа голем дипломатски настан таму во 2021 година.

Подготвил: Хари Кацановски

Поврзани содржини