ДАЛИ СЕПАК СЀ Е ЗА ГОРИВО? Зад падот на Асад можеби стојат неколку геополитички играчи

Потегот на Асад предизвика незадоволство, пред сѐ на Западот, но и во некои сунитски земји на Блискиот Исток, поради што, според поранешниот француски министер за надворешни работи, Ролан Думас, решиле да започнат операција против него.

1,787

Многу аналитичари веруваат дека војната во Сирија, со сите свои трагични последици, како што се милионите бегалци и порастот на екстремистичките групи, може да биде само покривка за многу поголема игра со енергетски интереси.

Тие тврдат дека вистинската причина за сириската криза е обидот да се изгради нов гасовод кој би снабдувал Европа со природен гас од богатите лежишта во Персискиот Залив. Турција, која во моментов контролира значителен дел од сириската територија, отворено го поддржува овој проект. Оваа иницијатива укажува на тесна поврзаност меѓу енергетиката и геополитиката, сугерирајќи дека енергетските интереси може да бидат еден од клучните мотиви зад долготрајниот конфликт во Сирија.






Неколку години пред украинската револуција, беше блокирана изградбата на нафтоводот Јужен тек, кој требаше да обезбеди значителни приходи за Србија и за други земји во регионот. Исто така, беа спречени плановите за изградба на гасовод кој би ја снабдувал Бугарија со гас, а потоа и други земји во јужна и во западна Европа.

Сирија, со својата географска положба, се наоѓа на клучната раскрсница на предложените гасоводни рути, што ја прави стратешки важна за овие енергетски амбиции. Според оваа перспектива, војната, бегалците и екстремизмот се само жртви на поголемата борба за контрола врз енергетските ресурси и пазарите.

Најголем извор на гас во светот

Во 1989 година, Катар и Иран почнаа да го развиваат полето Јужен Парс/Северна купола на 3.000 метри под дното на Персискиот Залив, се наведува во анализа на Радио Слободна Европа.

Со 51 трилион кубни метри гас и со 50 милијарди кубни метри течен кондензат, тоа е најголемото наоѓалиште на природен гас во светот. Околу една третина од неговото богатство лежи во иранските води, а две третини во водите на Катар.

Од откривањето, Катар инвестираше многу во капацитети и во терминали за течен природен гас (ЛНГ) кои му овозможуваат да го испорача низ светот со танкери. Во исто време, Русија беше најголемиот снабдувач на гас на Европа со околу 40%.

Според повеќе извори, вклучувајќи го и Националниот весник на Обединетите Арапски Емирати, Катар во 2009 година предложил изградба на гасовод од Заливот до Турција.

– Ние копнееме да имаме гасовод од Катар до Турција – рече тогаш поранешниот катарски владетел, шеикот Хамад бин Калифа Ал Тани.

Проектот, вреден 10 милијарди долари и долг 1.500 километри, требаше да го поврзе Катар, преку Саудиска Арабија, Јордан, Сирија, со Турција, каде што ќе се поврзеше со тогаш планираниот гасовод „Набуко“, што ќе овозможи транспорт на оваа енергија до европските пазари.

Меѓутоа, сирискиот претседател, Башар ал Асад, одби да го потпише планот. Во тогашниот извештај на агенцијата „Франс прес“ се наведува дека образложението на Асад е дека „сакал да ги заштити интересите на неговиот руски сојузник кој е најголемиот снабдувач на природен гас во Европа“.

Русија, која не сакаше да биде поткопана нејзината позиција на европските пазари на гас, изврши силен притисок врз Асад да не го стори тоа.

Во 2009 година, Сирија ја објави својата „Стратегија за четири мориња“ која имаше цел да ја трансформира земјата во транзитен центар за проток на гас меѓу Заливот, Црното Море, Кавказ и Медитеранот.

Оваа стратегија вклучуваше употреба на 6.300 километри гасоводи и нафтоводи кои минуваат низ сириската територија и низ евро-арапскиот гасовод Машрек (АГП).

АГП, чија изградба започна во 2003 година, требаше да го поврзе Египет со Турција и понатаму со Европа, пишува денеска весникот Турција, се наведува во анализата на Радио Слободна Европа.

Меѓутоа, поради конфликтот во Сирија, кој избувна во 2011 година, работите на АГП не беа завршени.

Дали војната избувна бидејќи Асад се противеше на гасоводот?

Потегот на Асад предизвика незадоволство, пред сѐ на Западот, но и во некои сунитски земји на Блискиот Исток, поради што, според поранешниот француски министер за надворешни работи, Ролан Думас, решиле да започнат операција против него.

Думас тврди дека Велика Британија првпат планирала тајна акција во Сирија уште во 2009 година:

– Бев во Англија две години пред насилството во Сирија (2011) поради друга работа. Се сретнав со највисоките британски функционери, кои ми признаа дека подготвуваат нешто во Сирија. Ова беше во Британија, а не во Америка. Британија подготвуваше вооружени луѓе за да ја нападнат Сирија – изјави тој за француската телевизија, се вели во анализата на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Договорот на Асад со Иран за гасоводот

Наместо Катар, следната година, во 2010 година, Асад ги продолжи преговорите со Иран за алтернативен план за гасовод од 10 милијарди долари, преку Ирак до Сирија, потоа под Средоземното Море до Грција, што ќе му овозможеше на Техеран да ја снабдува Европа со гас од своето наоѓалиште Јужен Парс.

Меморандум за проектот беше потпишан во јули 2012 година, токму кога сириската граѓанска војна се ширеше во Дамаск и во Алепо, а претходно истата година Ирак прифати рамковен договор за изградба на гасоводот.

„Москва очигледно го благослови овој проект, веројатно верувајќи дека на Русија ќе ѝ биде полесно да се справи со Иран (за разлика од Катар, во Иран нема американска база) за да го контролира увозот на гас во Европа од Иран“, се пишуваше тогаш во медиумите, наведува РСЕ.

Изградбата требаше да биде завршена во 2016 година, но сѐ остана на хартија поради Арапската пролет и хаосот што следеше во Сирија.

Дали Ријад го увери Путин да се откаже од Асад?

Планот за гасоводот Иран-Ирак-Сирија беше „директен удар“ за плановите на Катар.

Саудискиот принц, Бандар бин Султан, во неуспешниот обид да ја убеди Русија да ја смени страната, за време на состанокот во Москва во 2013 година со рускиот претседател Владимир Путин рече дека „кој и да е режимот, што ќе дојде по Асад, тој ќе биде целосно во рацете на Саудиска Арабија и нема да потпише никаков договор што ќе ѝ дозволи на која било земја од Заливот да го транспортира својот гас преку Сирија во Европа и да се натпреварува со рускиот извоз на гас“, според дипломатски извори, анализира РСЕ.

Саудиска Арабија наводно тајно ѝ понудила на Русија сеопфатен договор за контрола на глобалниот пазар на нафта и заштита на договорите за руски гас, како и за купување оружје во вредност од 15 милијарди долари, доколку Кремљ се откаже од поддршката на режимот на Асад во Сирија. Кога Путин одбил, принцот најавил воена акција.

Сепак, историчарот Герет Портер, автор на книгата „Произведена криза: Нераскажаната приказна за нуклеарниот страв во Иран“ (Manufactured Crisis: The Untold Story of the Iran Nuclear Scare), истакнува дека медиумската прашина што се појави потоа се потпира на еден извор, европски дипломат кој работел на маршрутата Бејрут-Дамаск.

Портер смета дека целата приказна е неоснована од многу едноставна причина: немаше предлог на Катар што Сирија го одби во 2009 година. Во октомври 2009 година, Катар и Турција само се согласија да формираат работна група за развој на ваков проект за гасовод, анализира РСЕ.

Главната пречка е Саудиска Арабија, а не Сирија

Герет Портер смета дека единствената вистина во целата приказна е дека Катар ја предложил изградбата на споменатиот гасовод.

– Што е уште поважно, непосреден проблем за реализација на катарската иницијатива не беше Сирија, туку Саудиска Арабија, низ чија територија ќе требаше да помине гасот за да стигне до Сирија – посочи Портер.

Во јануари 2010 година, Националниот весник на Обединетите Арапски Емирати објави дека главната пречка за идејата за гасовод за транспорт на катарскиот природен гас во Турција, а потоа во Европа, „веројатно ќе биде Саудиска Арабија која има долга историја на попречување на развојот на регионалните гасоводи“, а тогаш сè уште имаше многу лоши односи со Катар.

Освен тоа, според мислењето на Портер, теоријата дека конфликтот во Сирија може да се нарече „војна на гасоводот“ го игнорира фактот дека предложениот гасовод од Катар до Турција отсекогаш зависел од можноста за поврзување со поголем предложен гасовод, „Набуко“, што минува низ Турција, а сето тоа беше иницирано од ЕУ за да се намали зависноста од рускиот гас.

Но, како што објави Гардијан во јули 2009 година, се вели во анализата на РСЕ, „’Набуко’ две години е заглавен во спорови, што предизвикува сомнеж за неговата одржливост“. ЕУ дефинитивно се откажа од овој проект во 2013 година.

Небезбедни гасоводи и нафтоводи на Блискиот Исток

На Блискиот Исток, кој се карактеризира со нестабилност и со надворешни закани, повеќето меѓурегионални договори за трговија со енергија се краткотрајни.

Наследството на големите нафтоводи и гасоводи на Блискиот Исток обезбедува важни лекции за регионалните лидери кои се надеваат дека ќе ги интегрираат енергетските пазари и инфраструктурата.

Фондацијата „The Bourse & Bazaar“, со седиште во Лондон, во јануари оваа година објави дека секој од седумте главни нафтоводи и гасоводи во регионот работи само една третина од времето.

„Секој меѓународен нафтовод во регионот, исто така, беше затворен барем еднаш, а повеќето сѐ уште се затворени“, посочува оваа фондација.

Имаше ограничен успех со изградбата на само неколку меѓудржавни гасоводи. Првиот меѓудржавен гасовод во регионот е изграден во 1986 година, поврзувајќи ги ирачките полиња со Кувајт.

Овој краткотраен гасовод беше затворен по ирачката инвазија на Кувајт и се користеше за снабдување со вода на ирачките војници.

Во источниот Медитеран, гасоводот што ги поврзува Египет и Израел првично беше изграден за да го канализира египетскиот гас до Израел, пред да биде пренасочен за да испрати гас од Израел до Египет.

Развојот на течен природен гас (ЛНГ), исто така, им нанесе удар на изгледите за изградба на гасоводи низ Блискиот Исток. Речиси сите земји во регионот го зголемуваат производството на ЛНГ.

Гасоводот од Катар повторно е актуелен

Заладените односи меѓу ЕУ и Русија дополнително ја истакнаа важноста од диверзификација на изворите на енергија. Според податоците на Советот на ЕУ, уделот на рускиот гасовод во увозот на ЕУ се намали од над 40% во 2021 година на приближно 8% во 2023 година.

Кога гасот од гасоводот и ЛНГ се комбинираат, придонесот на Русија во увозот на гас од ЕУ сега падна на помалку од 15%. Во меѓувреме, гасот на Катар сочинува само 5% од увозот, и покрај енормно богатите резерви на земјата.

ЕУ го зголемува увозот на ЛНГ, а со тоа ја намалува зависноста од гас од еден извор, како што го намали и претходно од Русија.

Сепак, зголемената зависност од ЛНГ има свои недостатоци. Трошоците за рафинирање, транспорт и за регасификација го прават ЛНГ значително поскап од гасоводот.

Покрај тоа, на синџирите на снабдување со ЛНГ им се слабост геополитичките нарушувања и флуктуации на глобалната побарувачка, што ги прави помалку стабилни во споредба со конвенционалните гасоводи, според Турција денес, се вели во анализата на РСЕ.

Затоа расте важноста на енергетскиот транспорт базиран на цевководи, што уште еднаш ја актуелизира идејата за изградба на гасовод од Катар до Европа.

Поврзани содржини