ДАЛИ Е ВОЗМОЖЕН МИР ВО ГАЗА? Разговорот меѓу Трамп и Нетанјаху може да биде судбоносен за Палестинците
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го гледа прекинот на огнот како предуслов за поширок дипломатски договор што би ги вклучил Саудиска Арабија, Сирија и можни нови преговори со Иран за нуклеарната програма. Аналитичарите посочуваат дека Трамп очекува возвратна политичка поддршка од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху – особено поради неговите јавни заложби за укинување на судскиот процес за корупција против израелскиот премиер.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, пристигна во Вашингтон во понеделникот наутро на првата средба со американскиот претседател Доналд Трамп откако САД се приклучија на израелските воздушни напади врз ирански нуклеарни капацитети. Главната точка на разговор е можен договор за нов 60-дневен прекин на огнот во Газа.
– Работиме на постигнување на договорот што се разгледува – верувам дека разговорот со претседателот Трамп може да помогне да се приближиме до посакуваното решение – изјави Нетанјаху пред поаѓањето од Тел Авив, алудирајќи на новиот план поддржан од Вашингтон, објави Ен-Би-Си њуз.
Средбата со Трамп, која ќе се одржи вечерва во Белата куќа, доаѓа по обновените индиректни преговори меѓу израелска делегација и Хамас во Катар. Договорот предвидува враќање на 28 израелски заложници (од кои 10 живи) во 5 фази, делумно повлекување на израелската војска од северниот и од јужниот дел на Газа, како и масовен прилив на хуманитарна помош.
Прекин на огнот или крај на војната?
И покрај оптимизмот, клучната разлика останува: Израел е подготвен на привремен прекин за ослободување на заложници, но не и на целосен крај на војната. Хамас, пак, бара траен прекин на непријателствата, повлекување на сите израелски сили и укинување на операциите на спорната фондација ГХФ, која ја надгледува помошта во Газа со поддршка од САД и од Израел.
Израелскиот премиер инсистира Хамас да се разоружа, да се предаде и да оди во егзил – услови што групата досега категорично ги одбива. Неговата канцеларија веќе соопшти дека барањата на Хамас се „неприфатливи“.
Трамп сака договор и влијание во регионот
Американскиот претседател, кој изминатиов период доби поддршка од Израел за нападите врз Иран, сега сака дипломатски успех во Газа.
– Мислам дека ќе имаме договор оваа недела. – изјави Трамп во неделата од Њу Џерси, додавајќи дека бил „многу строг“ со Нетанјаху по прашањето за војната.
Според експерти, Трамп гледа на прекинот на огнот како клуч за постигнување на поголем договор за нормализација со Саудиска Арабија, враќање на Сирија во дипломатскиот процес и евентуални нови преговори со Иран за нуклеарниот договор. Дел од аналитичарите сметаат дека Трамп очекува и политичка лојалност од Нетанјаху – особено поради неговите јавни повици за отфрлање на корупциското судење против израелскиот премиер, анализира Глобал њуз.
Трамп, без сомнение, ќе го притисне Нетанјаху да направи разумни отстапки, а истовремено ќе изврши притисок врз емиратот на Катар да го убеди Хамас – кој во моментов, и доследно низ целиот конфликт, претставува главната пречка за постигнување договор што би ја запрел војната.
Притисок од јавноста и во Израел и во Газа
Во Израел расте јавниот притисок за постигнување договор, особено од семејствата на околу 50-те преостанати заложници во Газа, од кои околу 20 се верува дека се сѐ уште живи.
– Ова е моментот за спасување животи – рече Илај Давид, брат на заложник, на протест во Ерусалим, објави Би-Би-Си њуз.
Во Газа, пак, хуманитарната катастрофа се продлабочува: повеќе од 57.000 луѓе се убиени од почетокот на израелската офанзива, според здравствените власти во енклавата. ОН предупредуваат дека 4 месеци без гориво довеле до колапс на здравствениот и водоводниот систем, а лекарите јавуваат за акутна неухранетост кај децата.
– Се уморивме од бегање, глад и од жед. Ако прекинот трае само 60 дена, а потоа се врати војната, што сме направиле? – изјави Набил Абу Деја, раселен жител од Бејт Лахија.
Новиот фронт во Јемен ги усложнува работите?
Додека се водат разговорите, Израел во неделата изврши напади врз цели во Јемен што ги контролираат Хутите, вклучително и врз пристаништата Ходеида и Сајф, како и врз товарниот брод „Галакси лидер“. Израел тврди дека пристаништата служат за ирански снабдувачки линии кон Хутите, а министерот за одбрана Израел Кац најави дека „секоја иранска марионета ќе плати висока цена“.
Хутите, пак, тврдат дека го одбиле нападот со „локално произведени“ ракети земја-воздух.
„Сѐ зависи од средбата меѓу Трамп и Нетанјаху“
Израелскиот генерал Ејал Замир изјави дека војската е блиску до остварување на воените цели, но сега политичарите мора да одлучат: договор и враќање на заложниците или продолжување на воената контрола врз Газа.
Анкетите покажуваат дека две третини од Израелците го поддржуваат прекинот на огнот ако тоа значи враќање на заложниците.
Но, прашањето останува: дали постои политичка волја од двете страни за трајно решение или ќе следува уште еден прекин, па нова ескалација? Одговорот, велат аналитичарите, може да зависи од исходот на оваа средба меѓу Трамп и Нетанјаху.