ЦРНИОТ ПАНТЕР, БЕЛИТЕ ЛАГИ И ПАНИКАТА (2) На лагите нозете им се кратки, а на лажните фотографии и крзното
Легендарната приказна за црниот пантер оваа доцна есен ги возбуди духовите во Србија, но и пошироко на Балканот. Во еден момент пантерот беше тргнал на југ, кон Македонија. Во меѓувреме, црниот пантер исчезна од медиумите, но остана приказната за една голема медиумска манипулација. Во обид да се утврдат фактите не само за фабулата и за „доказите“ со кои беше поткрепена, туку и за начинот на кој се ширеше медиумската бајка, Плусинфо контактираше со повеќе експерти од Македонија, но и од соседна Србија. Ова се сознанија до кои дојде нашето истражување.
Повеќето македонски онлајн медиуми го фатија возот на сензацијата правејќи богат кластер од вести на агрегаторот Тајм.мк за црниот пантер кој шеташе и „палеше и гасеше“ по Србија.
Тие денови Плусинфо се обиде да ѝ се потсмее на манипулацијата на необичен начин, објавувајќи сатирична вест за ситуацијата, со посебен акцент на реакцијата на Кумановци. Интересно е дека кромид-веста на Плусинфо беше прочитана, или барем отворена повеќе од 20.000 пати.
Дали на ваков начин авторот успеа да ја демистифицираме манипулацијата и сензацијата? Очигледно е дека многумина не ја видоа сатиричната нота во смислената лажна вест и поверуваа во неверојатни наводи пласирани во неа. Тоа не доведува до прашањето – дали има начин да се справиме со какофонијата на лажните вести?
Големата и сѐ уште неодговорена дилема
Само делумно. Во денешно време информациите ги шират и самите луѓе. Како и во дамнина, и денес муабетот надалеку се слуша, а интернетот прави ова да се случува со брзина на еден фејсбук-коментар. Па сепак, дали можеби луѓето тоа го прават несвесно? Смее ли некој да ги обвинува граѓаните за ширењето на вестите, било тие да се лажни или вистинити?
– Најчесто тоа се случува паралелно и во директна комуникација меѓу луѓето, но и преку интернет. Информациите се сега толку испреплетени, што се надоврзуваат една на друга и се потхрануваат и се поттикнуваат. Лажната информација објавена на интернет, потоа се комбинира со вистинити факти и таквата во суштина лажна вест, добива на уверливост. Овој настан стasa и до нас, со дојавите дека пантерот се движи кон југ, дека може да биде закана и за нашата земја, сѐ до реакции на некои претставници на институциите дека се подготвени да се справат со оваа „закана“ – објаснува за Плусинфо познатиот комуниколог Сеад Џигал.
Лажните вести во овој случај се комбинираа не со вистински факти, но со вистински изјави од експерти. Многу новинари во српските портали земаат изјави од зоолози, од официјални лица од градските управи, па дури и од ловџии. Во најголем дел од тие изјави, веројатно поради една општа внимателност кон јавноста, соговорниците сепак не се осмелуваа со стопроцентна сигурност базичната вест да ја оквалификуваат како лажна.
Ситуацијата дополнително се искомплицира откако Јавното претпријатие „Војводина шуми“ издаде соопштение во кое потврдува дека постои опасност. Конечно, беше јасно дека експертите имаат и морална одговорност да ја предупредат јавноста што треба да се стори во ситуација „што би било кога би било“. Затоа се лиферуваа информации што треба да се стори ако животното навистина се појави.
Накусо, зад известувачите за оваа „драма“ остана една голема и неодговорена дилема. Имено, дали во ситуации кога се известува за непотврдени и непроверени наводи од извори со сомнителен кредибилитет се претпоставува дека веста е вистинита или дека е лажна? Дали во такви ситуации постои презумпција на вистинитост или презумпција на лажност?
Исто како „Верувале или не“ од „Политикин забавник“
Ако новинарите се соочуваат со дилеми од ваков вид, официјалните и експертските извори би требало да коментираат со поголема доза на сигурност којашто произлегува од нивото на компетенција. Познавачите велат дека Србислав Стојшиќ е неспорен авторитет, чие мислење е важно за вакви ситуации. Освен што е пасиониран ловџија (што не е пресудно за вакви ситуации), тој е реномиран криминалистички форензичар и трасеолог (експерт за траги). Беше потребно извесно време и добри контакти за да дојдеме до мислењето на овој извонреден експерт.
Стојшиќ дава два несоборливи аргумента во прилог на тезата дека веста за црниот пантер сепак е лажна.
За првиот аргумент веќе пишувавме, тоа е фамозната фотографија на отисок од пантеровата шепа – форензичарот одлучно тврди дека тоа не е трага од шепа од пантер, бидејќи тој не остава длабоки траги на тлото. Вториот, многу сериозен аргумент е дека во Србија немаше пријавен случај и фотографија од изеден дивеч од страна на пантерот или трага од неговите заби.
– Jа следев информацијата за пантерот повеќе како некаков извадок од рубриката „Верувале или не“ од култното југословенско детско списание „Политикин забавник“. Но, најдов многу нелогичности и недостатоци на материјални докази, освен неколку фотографии. Бидејќи моето главно занимање е криминалистика, a специјалностa ми е трасеологија, која, како што знаете, целосно ја применувам и во ловот. Тоа значи читање траги од дивеч, но и од ловци или од ловокрадци – вели Стојшиќ за Плусинфо, додавајќи дека хаосот веројатно го направиле хакери во Србија, кои „си немале друга работа“.
Сврти ја лагата на хумор, за да биде поуверлива?
Српските медиуми често знаеја во текстовите да ги извртат изјавите на локалните експерти, особено кога тие изразуваа сомнеж дека веста е лажна. Погледнете го, на пример, овој наслов од српски Телеграф.
„Новa дојава за пантерот! Граѓаните го виделе на автопат, шефот на инспекцијата се сомнева: Па тој не е автостопер“.
И изјавата на градоначалникот е ставена во еден хумористичен контекст. Границата меѓу таблоидната вест и хуморот честопати се брише во ваквите случаи. Ова објаснува и зошто дел од фотографиите во текстовите беа намерно лошо направени фотомонтажи. За разлика од неколкуте фотомонтажи кои требаше да остават реален впечаток, другите како да сакаат намерно да го избришат јазот меѓу вистината и фикцијата.
Мешањето на фактите е одличен начин како да се спинува нешто. Во таквата каша лесно е да се вметнат и непроверени фаткти, но и непроверени изјави. На пример, во сензационалистичкиот текст со наслов „Ова се местата каде е забележан црниот пантер: Сите имаат една неверојатна заедничка работа“, дадена е наводна изјава од извесен Андреј Малиќ, кој наводно го снимил животното кај Фекетиќ:
– Возев и видов нешто црно и помислив дека е куче скитник. Само што сакав да го извадам телефонот и да се сликам, тој почна да бега. Тој истрча 30 метри за две секунди. Останав во шок – изјавил наводно Малиќ за медиумите.
Текстот не одговара ни на прашањето што е тоа што ги поврзува неколкуте места каде наводно било видено животното, иако тоа е видно нагласено во насловот. Тука е јасно дека се работи за клик-бејт наслов, каде она што е ветено како информација не е исполнето, односно не е одговорено јасно во текстот.
Двајцата горди ловџии и „убиениот пантер“ – фотомонтажа!
Плусинфо се потруди да ја утврди автентичноста на некои од фотографиите и видеата кои беа презентирани во српските медиуми. Со алатките Reverse Image Search на Google Images или со онлајн алатки како TinEye, на пример, лесно е да се провери дали некоја фотографија е монтажа. Ако се работи за монтажа која користела делови од други фотографии, тие би требало да се појават како извори.
Не случајно ја избравме познатата фотографија објавена во српски Курир на која се гледа како двајца српски ловџии позираат пред наводно застрелан црн пантер. Оваа фотографија беше важна од повеќе причини. Пред се, со неа се пласира една многу важна, би рекле пресвртна „информација“: не грижете се, пантерот е убиен! Освен тоа, Плусинфо дојде до оригиналната фотографија, без заматените ликови на двајцата ловџии. Релативно лесно и брзо го утврдивме и нивниот идентитет. Нема да го откриеме, бидејќи фотографијата е дадена за објавување под услов лицата да бидат заматени, но само ќе утврдиме дека фотографијата (или фотомонтажата) има познат автор.
Додека Reverse Image Search не дава податоци за фотографијата, TinEye го препознава само Курир како извор. По пребарувањето на рускиот Yandex, може да се види црниот пантер заедно со трупецот на кој лежи застрелан, како исечок употребен на профили на ловџии на руската социјална мрежа ВКонтакте.
Пантерот, кој очигледно спие, а не е застрелан лесно може да се најде на Пинтерест и на многу други сајтови како wallpaper, слика за позадина.
Ако пребарувате со линк, на пример, тогаш програмата вели дека не постои фотографија на линкот, односно дека тоа не е јавно видлива фотка. Прилично сомнително.
Како и да е, Плусинфо најде начин уверливо да докаже дека оваа фотографија е лажна, односно дека станува збор за фотомонтажа. Но, за тоа повеќе во следното, трето продолжение на ова истражување.
Нема начин да се поправи штетата од лажните вести
Можат ли медиумите да го поправат впечатокот што го оставаат со вакви содржини – фотографии, текстови, наслови? Комуниколот Сеад Џигал вели дека нема друг начин сево ова да се поправи, освен медиумите да научат да бидат одговорни и да проверуваат.
– Медиумите се вешти да ги експлоатираат одбранбените механизми на читателите, како што се солидарното пренесување информации. Токму затоа во вестите и доминираат негативните информации. Единствен лек е етичко и професионално новинарство, односно свеста дека само поради една неодговорна, лажна или манипулативна вест, која не е проверена, на долг рок може многу да ги чини и новинарите и медиумите. Во суштина, сите губиме ако не се грижиме за градење и за чување на довербата во медиумите и во новинарите – подвлекува тој.
Џигал предупредува дека по извесно време лажните вести ќе направат читателите да не веруваат и во вистинитите вести.
– Сензационалистичкото известување, кое цели кон креирање масовна хистерија или нереален страв, на среден и долг рок многу лошо влијае врз довербата кон медиумите. Довербата многу тешко се гради, а лесно се губи. И затоа често се случува токму поради ова читателите да немаат доверба во медиумите, дури и тогаш кога тие објавуваат вистинити стории и потврдени информации – нагласува Џигал.
Трагата е од куче или од маче, но паниката е веќе направена
Се разбира, некои од српските медиуми брзо открија дека веста е лажна. Но, споредено со тоа колку од лажните наслови веќе беа објавени, новите вести беа едноставно поклопени, невидливи.
На пример, Мондо по некое време пренесе изјава на зоолог од Зоолошката градина во Палиќ, кој потврди дека и самите снимки од шепите се на мачка или на куче. Ова потврдува дека се лажни и наводните изјави на унгарските власти.
– Нема докази за присуство на пантер. Ги погледнав сите снимки, автентичните снимки и тие се најчестите црни мачки. Првичната трага што беше пронајдена воопшто не беше трага од мачка, туку oд куче. Социјалните мрежи се електронски билборд каде секој може да пишува што мисли, а што се однесува до мене, нема докази дека постои пантер. Најверојатно нема да се најде. Би сакал да го најдам, но досега не сум видел никакви, а не пак цврсти докази, никакви докази – изјавува д-р Пауновиќ за српски Курир.
Во психозата во Србија се вклучија и општините и институциите. Општината Апатин издаде и предупредување. Тука се потврдува дека во зоолошката во Палиќ сепак морале да бидат внимателни, без разлика дали зоолозите и биолозите веруваат во приказната. Државните органи имаат обврска да ги информираат граѓаните, но има ли начин како да се избегне паниката?
„Се известуваат граѓаните дека црниот пантер, кој неодамна беше виден во нивата на селото Сонте, денеска е забележан во непосредна близина на Бања Јунаковиќ. Се молат граѓаните да не одат понатаму во тој правец и во правец на шумата Пригревачка, бидејќи се работи за многу опасно и непредвидливо диво животно. Во фаќањето и лоцирањето на црниот пантер во моментов се вклучени сите надлежни служби, како и стручната служба од Зоолошката градина Палиќ“, се наведува во соопштението на општина Апатин, пишува Мондо.
Се чини дека и интституциите во Србија беа ставени во функција на атрактивноста, без разлика на последиците во јавноста. Какво ли славје ќе се случеше ако некој сепак го пронајдеше црниот пантер…
Кликбејт објавите не се решение за вакви ситуации
Комуникологот Џигал уште еднаш упатува апел до медиумите да бидат одговорни. Особено кога станува збор за вести кои се мошне атрактивни за привлекување вниманието и за брзо ширење, поради својата необичност и поради детектирањето на некаква можна голема закана или опасност.
– Тие вести многу лесно се обликуваат во т.н. кликбејт објави на интернет и на социјалните мрежи. Неодговорно известување и пренесување вакви стории може да доведе до масовна вознемиреност и страв. Медиумите мора да водат сметка ваквите случаи да ги третираат внимателно и да не ги експлоатираат преку манипулација на читателите. Информациите мора да се проверат и да се стават во реален и вистински контекст, што ќе рече реално да се објасни колку се сериозни и реални опасностите, како реагираат институциите и слично – заклучува експертот по комуникациски студии.
(Во третото продолжение: Чуден некој пантер, ни јаде, ни пие, само се шета и се фотографира)

ЦРНИОТ ПАНТЕР, БЕЛИТЕ ЛАГИ И ПАНИКАТА (1) Како една непотврдена вест направи психоза на Балканот