„ЦЕМЕНТНАТА КРИЗА“ ВО БРИТАНИЈА ЗАТВОРИ 147 ШКОЛИ, СЕ ТРЕСЕ ВЛАДАТА НА СУНАК! Истите „Сипорекс“ блокови кај нас последниве години се во мода

Бетонските блокови RAAC, се помалку издржливи, но полесни и попрактичен за градба. Имаат добри термоизолациски својства, но, според последните истражувања, нивниот „животен“ век е околу 30 години. Блоковите од „шуплив бетон“ се склони кон пропаѓање кога ќе се навлажнат.

1,045

Годинешната школска година во Велика Британија почна во целосно ненормални услови поради таканаречената „цементна криза“, која истовремено ја тресе јавноста и владата на премиерот Риши Сунак.

По објавувањето на бројни научни истражувања, а потоа и под притисок на јавноста, пред почетокот на школската година затворени се 147 училишта – целосно или делумно, затоа што во нивната изградба е користен тип на бетонски производи за кои истражувањата покажуваат дека рокот на употреба им е истечен и во секој момент таквите објекти може да се урнат!






Во посочените училишта учат повеќе од 100.000 ученици, а се проценува дека санирањето на овој градежен проблем ќе чини најмалку 150 милиони фунти, и тоа само во образованието. Згора на тоа, се поставува прашањето колку овој градежен материјал се употребувал и во болниците и во другите јавни и административни бјекти, а сето тоа заедно ѝ задава големи главоболки на британската влада.

Што е „Засилен автоклавен газиран бетон“?

„Засилениот автоклавен газиран бетон“, или поро-бетон, познат како RAAC (Reinforced autoclaved aerated concrete) е лесен градежен материјал кој се користел од 1950-тите до средината на 1990-тите години во Обединетото Кралство, а и низ целиот свет. Кај нас е познат како Сипорекс.

Со години наназад излегуваат научни студии дека објектите каде е употребен овој материјал, со текот на годините ги губат својствата, што доведува до зголеме ризик од ненадејно уривање. Овој материјал се користел не само во училиштата, туку и во болниците, аеродромите, станбените блокови, театрите и другите јавни згради.

Британската влада беше изложена на огромни критики за начинот како се справува со проблемот, а министри во Англија и Шкотска беа обвинети за систематско прикривање на научните докази поврзани со сериозноста на проблемот со месеци. Тоа ја натера владата на Сунак на радикален чекор да затвори огомнен број училишта на почетокот на учебната година.

Цената на отстранувањето на панелите од блоковите од шуплив бетон, најверојатно ќе ја принуди владата да започне итна голема програма за целосна обнова, наместо привремени поправки на школите.

Бетонските блокови RAAC, се помалку издржливи, но полесни и попрактичен за градба. Имаат добри термоизолациски својства, но, според последните истражувања, нивниот „животен“ век е околу 30 години. Блоковите од „шуплив бетон“ се склони кон пропаѓање кога ќе се навлажнат.

Загриженоста за структурниот интегритет на овој градежен материјал првпат беше покрената од истражувачите пред речиси 30 години, уште во 1994 година. Производството во Обединетото Кралство престана во 1980-тите години, иако не беше сосема докажано дека материјалот може да предизвика проблеми.

Алармот го вклучи уривањето на рамен покрив на едно училиште

Загриженоста кулминира во 2018 година, кога се урна дел од покривот во основното училиште Сингвелвел во Грејвсенд, Кент. Истрагаа покажа дека блоковите од шуплив бетон се причина за уривањето, па иако никој не беше повреден, владата нареди да се испитаат сите други училишни згради.

Иако не е сосема јасно точно колку згради содржат RAAC-блокиви, експертот Стјуарт Босли објаснува дека е апсолутно клучно сите тие да бидат проверени за да се осигура безбедноста на луѓето внатре и во близина.

– Во својот врв на употреба, RAAC се сметаше за врвен и ефикасен градежен материјал. Поради нивната мала тежина, панелите од овој материјал се користеа за рамен покрив, што е примарна причина зошто сегашните структури се опасни. Како што старее RAAC, може да ослабне, зголемувајќи го ризикот од колапс на структурите вели за Еуроњуз Стјуарт Босли, управен директор на Консултанската куќа ДеСимон (Quantum and Project Advisory во DeSimone Consulting Engineers).

Според Босли, блоковите од шупливиот бетон се користеле масовно и надвор од Обединетото Кралство, во Ирска, Австралија, Нов Зеланд, како и во земјите на ЕУ, така што многу е веројатно дека и тие земји ќе се соочат со истиот проблем.

– RAAC се користеше во различни делови на Европа, но степенот до кој секоја земја или регион го прифати, се разликува – вели Босли.

фото: твитер/принтскрин

 

Кај нас се користи за преградни ѕидови

Според домашни градежни експерти, Сипорекс блоковите, или блокиви од Засилен автоклавен газиран бетон, се користат со децении и кај нас, но особено се популарни во последниве неколку години. Не се произведуваат во земјава, туку се увезуваат најчесто од Србија и Грција. Меѓу најпопуларните комерцијални брендови се познатите Јутонг блокови, произведени во Грција.

Претставници на Групацијата за бетон кај нас велат дека немаат информации за ризиците од користењето на блоковите од шуплив бетон, и дека за нивното користење и увезување се издаваат соодветни дозволи од надлежните институции.

– Станува збор за градежен материјал кој е лесен и не ја оптоварува конструкцијата. Најчесто се користи за преградни, неносечки ѕидови. Има одлични термоизолациски својства, а претставува и добра звучна изолација. Кај нас слободно се увезува и се користи, постојат европски стандарди за безбедност на материјалите кои се применуваат. Не ми се познати овие искуства во Британија, но и порано имаше разни шпекулации за Сипорексот дека бил радиоактивен, но тие обвинувања паднаа во вода. Овој материјал и кај нас одамна се користи, но последниве години повеќе, поради неговите практични својства – вели Иван Ангелов од Групацијата за бетон при Стопанската комора на Македонија.

Поврзани содржини